Топ
ЕЛЕМ повторно склучил милионски договор во четири очи

АД ЕЛЕМ склучил договор во вредност од 92.040.000 денари со приватната фирма „Марковски компани“ од Битола, во постапка на преговарање без претходно објавен оглас. Од фирмата, како што се наведува, се бара да ангажира помошна механизација за потребите на рударска оператива во ПЕ Рудници, РЕК Битола, и тоа еден камион дампер и булдожер. Договорот е потпишан пред еден месец, а е со времетраење од една година. Во образложението на договорот објавен на страна на Бирото за јавни набавки, се наведува дека немало оглас бидејќи се работи за причини од крајна итност, предизвикани од настани што не можеле да се предвидат, како и дека штетите кои би се предизвикале се неспоредливо поголеми од вредноста на оваа набавка.
„Потребата е крајно итна бидејќи истата е дирекно поврзана со производството на јаглен од ПЕ Рудници, РЕК Битола. Невозможно е да се избегнат штети и последици што би се предизвикале во производството доколку се чека спроведување само на редовна постапка за јавна набавка. Неопходно е до нејзино спроведување, што во идеални услови би значело најмалку три месеци, да обезбедиме услуга од потребната помошна механизација. Во овој период од годината се главните подготовки за грејната сезона 2018/2019, што значи дека планираните количини на јаглен задолжително мора да се обезбедат на депонијата за јаглен за да се избегнат какви било застои“, се наведува во образложението за склучувањето на договорот.
На прашање на „Макфакс“ за појаснување на причините за склучување вакви договори, од РЕК Битола го повторија ставот дека поради грејната сезона механизацијата била неопходна за овозможување непречена работа на системите за континуиран ископ на јаглен во рудникот Суводол во РЕК Битола.
„Износот на договорот потпишан на 15.10.2018 година е 30 проценти од предвидениот износ во редовната постапка, која е во тек, а која треба да заврши околу Нова година“, додаваат од РЕК Битола.
Од ЕЛЕМ, односно од РЕК Битола, кои се јавуваат како договорна страна, при склучувањето на договорот се повикуваат токму на Законот за јавни набавки, кој во членот 99 предвидува дека може да се спроведе постапка на преговарање без претходно објавување оглас во случај на „причини од крајна итност предизвикани од настани кои договорниот орган не можел да ги предвиди и да му се припишат како пропуст, не може да се примени рокот за објавување отворена постапка, ограничена постапка, постапка со барање за прибирање понуди или постапка со преговарање со претходно објавување оглас“.
Слични договори без претходно да објават оглас од ЕЛЕМ имаат склучено во повеќе наврати, што наиде на критики во јавноста, особено на почетокот на годинава кога за два месеца по итна постапка беа направени договори во вредност од околу 3 милиони евра, за ангажирање механизација за РЕК Битола.
Од Центарот за граѓански комуникации тогаш посочија дека праксата на склучување вакви договори го отвора прашањето за нерационално трошење и лошо менаџирање, а постапките ги оценија како нетранспарентни, но и дека се доведува во прашање еднаквиот третман на фирмите – еден од основите принципи во јавните набавки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Цените повторно растат, а Владата реши да ги покачи платите само на функционерите, велат од СДСМ

Македонија повторно се соочува со огромен раст на цените и инфлацијата, а Владата реши да ги покачи платите на функционерите. За работниците и граѓаните, повторно нема ништо. Според последните податоци од Државниот завод за статистика, годишната инфлација во мај 2025 изнесува 3,3%, што е скок во споредба со април, кога беше 2,6%. Дополнително, месечната инфлација од 1,5% е највисока оваа година, велат од СДСМ.
„Ова значи едно, животот е сѐ поскап, а власта нема ниту план, ниту капацитет да го заштити стандардот на граѓаните. Но, секако, има добар план да си ги покачува сопствените плати.
СДСМ повеќепати предупредуваше: цените растат и ќе продолжат да растат ако не се преземат мерките кои ги понудивме. Мицкоски се обидува да ги убеди граѓаните дека платите им растеле, но факт е дека единствено растат платите на неговите во Владата и институциите, додека народот едвај преживува“.
Оваа влада, додаваат од опозициската партија, нема економска визија, нема стратегија и нема емпатија. Оваа влада, според СДСМ, има само лични интереси и работи само за себе, и за никој друг.
СДСМ бара итна интервенција, конкретни мерки за заштита на стандардот, а не како што велат, лажни ветувања и манипулации.
„Граѓаните не може повеќе да бидат жртви на неспособноста и ароганцијата на оваа власт“.
Свет
Фицо: Не повикувам на укинување на демократијата, но ЕУ треба да размисли за промена на системот

За време на вчерашната посета на Узбекистан, словачкиот премиер Роберт Фицо посочи дека авторитарните држави можат да бидат економски поефикасни од демократиите и повика на преиспитување на европскиот демократски модел.
Фицо рече дека Европа треба да размисли за реформирање на својот систем на управување базиран на слободни избори за да остане глобално конкурентна. Тој ги пофали земјите како Узбекистан, Кина и Виетнам за нивната способност да дејствуваат порешително по економските прашања.
Кога новинарите го прашаа, Фицо појасни дека не повикува на крај на демократијата, но тврдеше дека вклучувањето премногу политички партии во донесувањето одлуки ја ослабува способноста на државата да дејствува.
„Ако имате сто политички партии, не можете да се натпреварувате“, рече тој.
„Ако владата се состои од четири политички субјекти, не можете да се натпреварувате“, додаде тој.
Фицо, кој се врати на власт во 2023 година за да го преземе својот четврти мандат, се соочи со масовни протести во последните месеци, а критичарите го обвинуваат за авторитарни аспирации и водење проруска надворешна политика.
Свет
Орбан: Дипломатите мора да ја преземат контролата од генералите, оваа војна не може да се добие

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека на Украина ѝ е потребно примирје, преговори и мир, како и дека „дипломатите треба да ја преземат контролата од генералите“. На состанокот на парламентарната група „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент, рече дека политичарите кои се залагаат за војна сакаат луѓето да веруваат дека војната мора да продолжи, објави унгарската агенција МТИ.
„Ве уверувам дека оваа војна не може да се добие, нема решение на бојното поле, само мртви, страдање и уништување“, истакна тој. Унгарскиот премиер, исто така, рече дека неговата земја е „црна овца“ на Европската Унија и кошмар за Брисел, додека претставува надеж за европските патриоти.
„Не сакаме Брисел да воведе воена економија под изговор на војна, не сакаме да зема огромни кредити, да ги федерализира парите на земјите-членки и да ги вовлекува нашите земји во трка во вооружување. Ве молам да ги запрете“, им рече Орбан на учесниците на состанокот.
Според него, Брисел ѝ се заканува и ја уценува Унгарија со финансиски санкции затоа што не ги пушта мигрантите во земјата, но Будимпешта попрво ќе им плати отколку да им дозволи на мигрантите да ја уништат безбедноста на унгарските градови и улици. „Се бориме за нашите семејства и татковина, дури и ако треба да се соочиме со целата бирократија на Брисел“, заклучи унгарскиот премиер, пренесува Танјуг.