Daily news
ЕЛЕМ продолжува по старо, за два месеца доделила 3 милиони евра без тендери

ЕЛЕМ во итна постапка на приватната фирма од Битола „ДГУ Пелистер“ ќе ѝ плати 2,5 милиона евра за ископ на јаглен. Тие не распишале оглас поради, како што е наведено, „итност на постапката“. Договорот е потпишан на 12 месеци, а на интернет-страницата за јавни набавки е објавен вчера. ЕЛЕМ итноста ја оправдува бидејќи не можеле да предвидат извесни пропусти и тврдат дека ако постапката била спроведена по регуларен пат, тие немало да ја произведат потребната електрична енергија во ТЕ „Битола“. Банкарската гаранција што ја дала фирмата што ќе го ископува јагленот изнесува 300 илјади евра. Ова е втор договор на ЕЛЕМ во период од два месеца за ангажирање механизација, без претходно објавување оглас. Првиот договор изнесува 550 илјади евра. Со ова за два месеца приватните фирми преку итни договори од ЕЛЕМ инкасирале повеќе од 3 милиони евра.
Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации вели дека ваквите договори со „крајна итност“ говорат за лошото планирање или, пак, свесно се создаваат. Таа вели дека ваквите договори не овозможуваат учество на сите фирми на тендерот и го доведуваат во прашање еднаквиот третман на фирмите, кој е еден од основите принципи во јавните набавки.
„Двата договора се склучени во период кога е укината законската обврска за добивање согласност за примена на оваа нетранспаретна постапка. Ова, секако, упатува на потребата да се разгледа можноста во новиот закон за јавни набавки да се воведе обврска при склучување овој вид договори институциите да бараат согласност од Бирото за јавни набавки. Општо гледано, со оглед на тоа што АД „Електрани на Македонија“ годишно троши по неколку десетици милиони евра за ангажирање механизација и работници од приватни компании, непходно е итно да се отвори прашањето на целисходноста на ваквите трошења и да се направи студија која ќе треба да одговори на клучното прашање – дали вака избраниот модел е најоптимално решение и дали обезбедува рационално и ефикасно трошење на јавните пари или ЕЛЕМ треба да купи своја опрема за ископ на јаглен“, вели Факиќ за „Макфакс“
Податоците на Центарот за граѓански комуникации од 2017 година го потврдуваат фактот дека „итноста“ станала пракса кај државните фирми. Изминатата година склучени се 483 договори со итна постапка, сите во вредност од 39.994.617 евра. Овој податок е поразителен имајќи предвид дека сумата е 15 отсто поголема од 2016 кога изнесувала 35 милиони евра. Факиќ вели дека интенцијата треба да биде парите што се трошат преку оваа постапка да се намалуваат, а не да се зголемуваат.
За овие договори институциите, наместо да објават јавен оглас за сите компании да знаат за набавката, испраќаат покана за преговарање само до оние компании што самите ќе ги изберат. Актуелната власт беше жесток критичар на ВМРО-ДПМНЕ за време на нејзиното владеење кога се склучуваа договори без тендерска постапка.
К. Ландов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Прва правна конференција Tres Partes

На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната

Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера

Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.