Македонија
(Видео) Протест против загадувањето: Власта повеќе троши за свои ќефови отколку за животната средина
Патиме сите од загадениот воздух, а најмногу децата и повозрасните, 30 години нè трујат, некој профитира од тоа, порачаа учесниците на денешниот протест против загадувањето на воздухот, пред Инспекторатот на Град Скопје кој се одржува под мотото „Време е за чист воздух“ . Тие сметаат дека 1,5 милиони денари за екологија се малку и дека власта повеќе троши за свои ќефови отколку за животната средина.

На протестот учесниците носат транспаренти на кои пишува: „Удобноста на вашите газови вреди дупло повеќе од нашите живот – согласно со Буџет на РМ 2019“, „Ставете налепници на тешката индустрија“, „Четворица дневно умираат чекајќи чист воздух“…

„Власта да разбере дека треба итни мерки. Во најзагадените денови треба забрана за големата индустрија, два три месеци да се исклучат погоните и да се дислоцораат тие фабрики. Треба да има казни за индустриите без еко-стандарди, токсичниот отпад кај ‘Охис’ се разнесува со секој ветер и дожд, треба да се воведе забрана за градежни работи. 1,5 милион денари од Буџетот за екологија е срамно, повеќе пари трошат за службени патувања и ќефови за нив отколку за граѓаните. Во првите десет градови во светот сме по загаденост, луѓето треба да станат посвесни“, велат организаторите.
Од Левица обвинија дека парите во државниот Буџет предвидени за аерозагадувањето се премалку.

„Бараме пратениците во предлог-законот за локална самоуправа да го вратат членот за изгласување недоверба на градоначалникот. Повикување на правни пречки дека не може да се стопира градба и дека е скапо поништување на договор е потценување на интелектот на граѓаните. Мерењето на загаденоста на воздухот во ‘Дрисла’ било скапо, а тоа е колку нивниот мебел. Каде се нашите пари“, прашаа од Левица.
Од иницијативата „Го сакам Водно“ рекоа дека градските и државните власти имаат празни ветувања без напредок во борбата против загадувањето.
„Водно е планина која го спречува загадувањето, таму бегаат граѓаните од загадениот воздух, ние 8 месеци наназад се бориме да се согледа проблемот. Водно треба да остане недопрено. Нека се симнат од сртот на Водно за почеток и нека почнат да ги решаваат проблемите во градот“, порачаа од иницијативата.
На протестот преку звучници одекнуваа стари изјави и ветувања од предизборни кампањи на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и од премиерот Зоран Заев во кои ветуваат мерки против загадувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

