Култура
Отворање на осмото издание на „Анимакс Скопје фест“
На осмото издание на Меѓународниот филмски фестивал за анимирани филмови „Анимакс Скопје фест“ ќе бидат прикажани 62 анимирани филмови во официјалната програма, од кои 12 се наменети за детската публика. Настанот ќе се одржува од 29 ноември до 2 декември во Кинотека на Македонија, под мотото „Не понекогаш. Засекогаш. ‘Анимакс Скопје фест’“.
Во четирите фестивалски денови на „Анимакс Скопје фест“ ќе бидат прикажани 50 краткометражни филмови и 12 филмови за деца во официјална конкуренција. Тие се избрани од пријавените рекордни 3.234 анимации од 83 земји во светот, меѓу кои најголем број од САД, Англија и Франција, но и од Германија, Индија, Иран, Шпанија, Русија, Бразил и други.
„Некои нешта се случуваат понекогаш, но ‘Анимакс’ се стреми да го открие она што ќе трае засекогаш“, вели директорот на фестивалот, Кузман Кузмановски.
Голем дел од филмовите што се борат за „Златната тула“ се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А категорија.
Официјалната програма на фестивалот со прикажување на филмовите ќе почнува во 20:00 часот, со исклучок на 30.12, кога програмата почнува од 21:30 часот. Билетите за проекциите во 20:00 часот чинат 50.00 денари. Проекциите на филмови за деца ќе се одржат на 1 и 2 декември (сабота и недела) со почеток во 12:00 часот. Публиката ќе има можност да гласа за најдобриот филм за деца и да го одбере победникот. Проекциите за деца се бесплатни.
Во рамки на фестивалот ќе бидат организирани две работилници за анимација наменети за деца. Ментор на првата работилница на тема „Двајца се караат, сите губат“ се Илчо Симовски и Марјана М. Симовска. Бојан Таневски, Стефан Николовски и Барбара Спасовска се ментори на работилницата за развој на карактери „Добар, лош, грд или убав – сè се тоа карактери“.
„Анимакс Скопје фест“ е во организација на продуцентската куќа „Аурипигмент“, во соработка со филмското училиште „Тинтири-Минтири“ од Скопје, со поддршка од Агенција за филм на Република Македонија и Град Скопје, и во соработка со Кинотека на Македонија.
„Анимакс Скопје фест“ е прв и единствен фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.