Македонија
О2 Иницијативата ја повика МПЦ да ја подари парцелата во Центар за парк

О2 Иницијативата преку јавен повик побара Македонската православна црква да се откаже од парцелата спроти „Холидеј ин“ и место згради таму да се изгради парк. О2 ја повикува црквата да не ги осудува децата на живот во гасни комори и да не дозволи материјалното да го засени духовното.
„Ве повикуваме плацот што го поседувате во строгиот центар на Скопје да го донирате за парк што ќе биде симбол на вера и љубов, она што на овој народ во овој момент покрај чистиот воздухот му е најпотребно. Практикувајте го она што го проповедате, вратете ја надежта на луѓето во добрината и духовноста. Не осудувајте ги нашите деца на живот во гасни комори, бебиња на борба за живот уште неродени, не нè терајте да молиме за воздух. Во име на тие деца и нивната иднина не правете ја оваа грешка, не давајте материјалното да го засени духовното. Конечно, и вие некогаш некому, на својот народ или на Бога, ќе треба да одговорите која е потребата на духовни лидери да се опкружуваат со материјални работи. Која е потребата до вашите црковнички титули да стојат суми испишани во евра? Во вашиот земски живот правевте добро или зло?“, стои во јавниот повик објавен на „Фејсбук“.
Од Иницијативата нагласуваат дека надежта е алката која во ова руинирано општество сè уште колку-толку ни ја држи главата над водата. Надежта за квалитетен живот, љубовта кон својот град и верата во добрината на сограѓаните.
Македонската праволсвна црква по пат на денационализација стана сопственик на парцела од 3.766 квадратни метри спроти „Холидеј ин“, кои ги отстапила на фирмата „Обновители“, која, пак, за возврат треба да изгради зграда во која МПЦ ќе има канцеларии. Сопственикот на „Обновители“, Зоран Антиќ, е сопственик и на „МГ Фешн“ која, пак, од државата ја откупи соседната парцела од 9 000 квадратни метри по цена од 312 евра за квадратен метар.
На земјиштето спроти „Холидеј ин“, иако почна расчистувањето на времените објекти, сè уште не може да се гради поради мораториумот за градење и ревидирањето на 30 детални урбанистички планови во општина Центар меѓу кои е и планот за ова земјиште. Граѓаните сметаат дека поради ревидирањето постои можност да побараат на просторот да се предвиди парк. Градоначалникот, пак, на општина Центар, Саша Богдановиќ, вчера изјави дека дали ќе се градат згради кои би биле со помала катност од сегашните 60 ката или, пак, просторот ќе добие друга намена ќе зависи од планот кој во моментов се подготвува. Тој најави дека нацрт-планот ќе биде изложен и граѓаните ќе имаат можност за забелешки. Треба да биде изготвен во следните два-три месеци.
Пренамена на двете парцели спроти „Холидеј ин“ јавно побара и ексдиректорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Михаил Гаревски, кој ги повика граѓаните да го одбранат просторот од згради по примерот на одбраната на ГТЦ од барок кога се организираше гушкање на трговскиот. Тој смета дека на просторот спроти „Холидеј ин“, кој сега се користи како паркинг, треба да се изгради плоштад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Арсовска: Жителите на Ѓорче Петров не сакаат хемиски фабрики да се градат во општината

Жителите на Ѓорче Петров не сакаат три индустриски објекти хемиски фабрики на 157.000 m2 да се градат во општината, вели градоначалничаката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Во февруари 2024 година како град Скопје, не дозволивме и не дадовме согласност за градба на три индустриски објекти, хемиски фабрики на 157.000 m2 и дополнително над 30 висококатници со кои ќе се пренатрупа за двојно повеќе бројот на жители дозволени согласно ГУП во тој дел на градот“, додава Арсовска.
Како што појаснува, одлуката на општината Ѓорче Петров ја обжалиле уште тогаш до Уставниот суд затоа што хемиските фабрики ќе се градат во заштитната зона Нерези – Лепенец и бунарите од кои вода пие цело Скопје.
„На 28 мај 2025 година, година и половина од нашата иницијатива до Уставниот суд, судиите одлучија да не ја разгледуваат иницијативата за оценка на Уставноста поднесена од град Скопје“, реагира Арсовска.
Македонија
(Видео) Конески: СДММ тоне во безидејност, наместо предлози и поддршка на младите, тие се занимаваат со некрофилство како нивните ментори

СДММ по стапките на нивните ментори, тонејќи во безидејност и немање политики за младите, се занимаваат со некрофилство. Немањето на идеи, предлози, аргументирани критики, туку само ад хок напади врз власта, ги доведува на она место коешто се денес, а тоа е во длабока опозиција, вели Тодор Конески, член на ИК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
„Иако, според Законот, членот 31 предвидува забрана за употреба во затворени простории. Да е уште потрагично, пратениците или оние коишто им ги пишуваат пресовите, не ги читаат Законите до крај. Бакљите спаѓаат во групата на пиротехнички средства од третата категорија коишто се во слободна продажба и без обврска на продавачот да го извести надлежниот орган, односно Отсекот за оружје. Се продаваат на физички лица, коишто не треба да имаат дозвола за ракување и доаѓаат со упатство за употреба. Притоа, мора да потенцираме дека ги испочитувавме сите параметри и предвидени законски норми за одржувањето на настанот. Пред одржувањето на настанот, ги известивме МВР, противпожарната бригада и Итната медицинска помош, сите кои беа просутни за време на одржувањето на настанот“, вели Конески.
СДММ, додава тој, наместо некрофилство и безидејност, треба да одговори, зошто вака не беа гласни за Модуларната болница, за Онкологија, за Дурмо турс, за Беса транс?
„Зошто не беа гласни кога нивните претседатели на партијата ветуваа многу проекти за млади, но ништо не остварија. Зошто не беа гласни кога се ветуваа студентски домови, нови факултети, нови вработувања за младите, нови стипендии, туку се тоа беше укинато. Зошто не прашаа каде се гугл, фејсбук и ветената стаза за Формула 1? Зошто не го прашаа Заев од каде му се парите за инвестиции за висококатници во Дубаи и акциите во индиска авиокомпанија? Зошто не го прашаа Филипче од каде му е златната виза за Дубаи“, праша тој.
Сега, нагласи тој, има конкретни мерки за младите, наведувајќи ги реконструкцијата на студентски домови, нови факултети и реконструкција на постоечките, нови училишта и реконструкција на голем дел на постоечките училишта и капацитети за учениците, поддршка на младите земјоделци, поддршка на старт ап бизнисите, поддршка за младите при купувањето на свој нов дом исто така нов оперативен план за вработување на младите.
Сите се проекти, според него, кои СДС не успеа да ги оствари за време на нивното владеење.
Порача, СДС и СДММ да не се срамат во јавноста, пред да кажат нешто два пати да размислат.
Македонија
Сиљановска-Давкова: ООН постои да гради мир не само меѓу нациите, туку и со природата

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3) за поддршка на спроведувањето на целта 14 за одржлив развој ,,Зачувување и одржливо користење на океаните, морињата и морските ресурси за одржлив развој”, што се одржува во Ница, Франција.
Во своето обраќање, таа го нагласи виталното значење на океанот како срце на глобалниот климатски систем којшто апсорбира четвртина од емисиите на CO2 и обезбедува половина од кислородот потребен на Земјата. Сиљановска-Давкова укажа дека со нашите неодржливи модели на производство и потрошувачка го нарушуваме океанскиот систем.
Таа посочи дека за да се справиме со кризата, потребен е ефикасен мултилатерализам со силни Обединети нации коишто постојат за да градат мир не само меѓу нациите, туку и со природата.
Според претседателката, ниту една земја, ниту еден континент не може самостојно да воспостави и одржи мир со природата. Таа рече дека симболична коинциденција е што склучувањето на ,,Договорот за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност” се случува во татковината на Мишел Сера, авторот на ,,Природниот договор” во којшто луѓето ги третираат Земјата и природата како ним рамноправни партнери.
Истакнувајќи ја македонската заложба за дијалог и силно меѓународно управување со океаните, таа потенцираше дека ја поздравуваме Декларацијата „Нашиот океан, нашата иднина: обединети за итна акција“ и изразуваме поддршка за имплементацијата на Целта за одржлив развој 14 и Акциониот план од Ница.
Како земја, дел од Медитеранот, еден од климатски најранливите региони во светот, даваме приоритет на интегрираното управување со водите. Таа оцени дека овој процес ќе биде многу поефикасен ако се деблокира нашето пристапување кон ЕУ.