Црна хроника
Пензиониран полковник на АРМ фатен во криминал тежок 935.000 евра
Пензиониран полковник на АРМ од Штип се сомничи за финансиски криминал тежок 935.000 евра.
Финансиската полиција спроведе предистражна постапка кај фирмите „Стар Груп“ од Скопје, „Витамин Ага“ од Гостивар, „Ванекс“ од Тетово, „Златен Клас“ Куманово, „Златен Клас Род“ Куманово и „Златен Клас Џуна“, исто така, од Куманово, при што откри постоење на основано сомневање за сторен финансиски криминал тежок 935.000 евра.Според податоците од предистражната постапка, шесте осомничени фирми преку нивните сопственици и управители во изминатите неколку години најголем дел од нивното деловно работење го вршеле незаконски, односно производите кои ги произведувале или увезувале од странство, ги продавале за готови пари, на црно без притоа да ги пресметаат и да ги платат даночните обврски кон државата.До основното јавно обвинителство во Скопје поднесена е кривична пријава против лицата Х.Д сопственик и управител на правниот субјект „Стар Груп ДОО“ Скопје и С.С од Штип. Првопријавениот Х.Д во својство на сопственик и овластен потписник на правниот субјект Стар Груп ДОО, во период од 2011 до 2014 година, свесно и со однапред утврдена намера, со цел да се стекне со противправна имотна корист, набавената трговската стока евидентирана на залиха во вкупна вредност од 428.000 евра, ја продал за готовински парични средства без притоа да изготви соодветна документација за продажбата и да ја евидентира во своето сметководство. Со ваквата постапка сопственикот на Стар Груп ДОО од Скопје се стекнал со противправна имотна корист во износ од 163.000 евра на име затаен данок. За да го прикрие кривичното дело, на почетокот на 2014 година првопријавениот Х.Д се сретнал со штипјанецот С.С инаку пензиониран полковник на АРМ, при што договориле за одреден паричен надоместок С.С со помош на лицето Р.Т, исто така, од Штип да организира фиктивна продажба на правниот субјект Стар Груп ДОО Скопје на странскиот државјанин Кирил Рајчов Николов од Ќустендил, Бугарија. Бугарскиот државјанин најверојатно несвесен што потпишува, за сума од 50 лева, на нотар во Бугарија го ополномоштил лицето Р.Т во негово име и за негова сметка во Македонија поточно на нотар во Штип да ја преземе сопственоста и управувањето со „Стар Груп“ ДОО Скопје, со сите права и обврски. По потпишувањето на договорот за пренос на удел кај нотарот во Штип, Р.Т како награда од својот партнер С.С добил паричен надоместок од 500,00 денари а тој пак од првопријавениот Х.Д, наплатил сума од 1.200 евра. Истата шема била употребена и при фиктивната продажба на „Витамин Ага“ ДОО од Гостивар која е во сопственост на пријавениот А.Ш од Гостивар, кој во периодот од 2011 до 2013 година свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекне со противправна имотна корист, набавената трговската стока евидентирана на залиха во вкупен износ од 649.000 евра ја продал за готовински парични средства без притоа да изготви соодветна документација за продажбата и да ја евидентира во своето сметководство со што на име неплатени даноци од државната каса си заработил 182.000 евра. За да го прикрие криминалот и да се ослободи од фирмата, пријавениот А.Ш го ангажирал С.С од Штип кој заедно со Р.Т исто така од Штип заминале во Република Бугарија поточно во Ќустендил за да најдат лице кое ќе ја преземе фирмата. За таа цел, на почетокот на 2014 година во Ќустендил, С.С и Р.Т се сретнале со лицето Рачо Борисов Рачев кој го измамиле да потпише полномошно на нотар за лицето Р.Т, за наводно да му најдат работа во Германија. За потписот на полномошното на Рачев му била платена награда од 50 лева. Врз основа на уредно завереното полномошно, Р.Т кај нотар во Штип во име и за сметка на бугарскиот државјанин, склучил договор за пренос на сопственоста на правниот субјект „Витамин Ага“ ДОО од Гостивар со сите права и обврски.Пензионираниот полковник С.С истата шема за преземање на криминално задолжена фирма ја употребил и за правниот субјект „Ванекс експорт-импорт“ од Тетово, фирма која е во сопственост на лицето В.Т од Тетово. Според податоците до кои дојде Финансиската полиција, оваа фирма во периодот 2009-2014 година залихата на трговска стока во вредност од 410.000 евра ја продала за готовински парични средства без притоа да изготви соодветна документација за продажбата и да ја евидентира во своето сметководство при што државата е оштетена на име даноци за вкупно 115.000 евра.Најголем финансиски криминал сепак е откриен во кумановските фирми „Златен Клас“ ДООЕЛ, „Златен Клас Род“ и „Златен Клас Џуна“. И овде организатор е истиот С.С од Штип заедно со неговиот партнер Р.Т од Штип.Првопријавен за овој случај е М.П сопственик и управител на правниот субјект Златен Клас ДООЕЛ Куманово кој се сомничи дека во периодот 2011-2013 година, со цел да се стекне со противправна имотна корист на штета на државниот буџет, набавената трговската стока евидентирана на залиха во вкупен износ од 415.000 евра ја продал за готовински парични средства без притоа да изготви соодветна документација за продажбата и да плати данок во износ од 116.000 евра. Првопријавениот М.П со својот поход за неосновано богатење на сметка на Република Македонија и други коминтенти со кои имал деловна соработка, не запрел тука. Имено, свесен дека има заостанати обврски по основ на закупнина за користење на државно земјоделско земјиште за тековните години 2010, 2011, 2012 и 2013 година за што на Министерство за Земјоделство, шумарство и водостопанство му должел вкупно 132.000 евра и свесен дека на Фабриката за квасец и алкохол АД Битола по основ на набавена стока и должи сума од 122.000 евра, решил во целост да го обезвредни правниот субјект Златен Клас ДООЕЛ Куманово на начин што целокупниот имот на фирмата во текот на 2014 година наводно го продал на фирмата Златен Клас РОД – фирма во сопственост на неговата сопруга Р.П. Доказ дека продажбата на имотот е фиктивна говори и фактот дека купувачот не извршил плаќање за купениот имот. И во оваа фингирана трансакција М.П сторил финансиски криминал бидејќи при наводната продажба не е пресметано и платено ДДВ во износ од 105.000 евра.За да се прикријат кривичните дела сторени со правниот субјект Златен Клас ДООЕЛ Куманово, првопријавениот М.П ги ангажирал штипјаните С.С и А.Д кои на 05.05.2014 година успеале правниот субјект фиктивно без надомест да го префрлат со сите права и обврски на бугарскиот државјанин Асенова Сашева Џуна од Ќустендил. За добро завршената работа, С.С од газдата на Златен Клас ДООЕЛ си наплатил награда од 500 евра а на бугарската државјанка кој не била свесна дека е измамена и платил сума од 50 евра.По претходно добиена Наредба за претрес на дом и помошни простории издадена од Основен суд Штип, извршен е претрес во домот на главниот организатор на криманалните активности С.С од Штип, при што е пронајдена документација која се однесува на правните субјекти кои со неговиот ангажман се пренесени на државјани на Република Бугарија. При претресот кај пријавениот пронајдени се и два преносни компјутери (лаптопи), во кои од извршениот увид од страна на овластено службено лице на Управата за финансиска полиција, утврдено е дека истите се користени за креирање на документација за превземање односно фиктивна продажба на фирмите кои се осомничени за финансиски криинал. Компјутерите и целокупната пронајдена документација се одземени и ќе бидат предмет на натамошно вештачење.Во истражувањето на случаите, активно се вклучи и ИНТЕРПОЛ Бугарија кој ги обезбеди сите инволвирани бугарски државјани кои станале сопственици на македонските фирми осомничени за финансиски криминал тежок 935.000 евра при што од истите се обезбедени изјави со кои детално ги потврдуваат наодите од пријавите на Финансиската полиција.Со четирите поднесени кривични пријави до Основните јавни обинителства во Скопје, Гостивар, Тетово и Куманово за кривичните дела „Даночно затајување“, „Фалсификување или уништување на деловни книги“, и „Помагање на сторител по извршено кривично дело“, пријавени односно осомничени се вкупно 8 физички и 6 правни лица за вкупна штета од 935.000 евра./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанец осомничен за семејно насилство, предложен притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда по член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информира Обвинителството.
„Осомничениот 41-годишник од Велес со непријавено престојувалиште во Скопје, при вршење семејно насилство, со умисла телесно ја повредил неговата вонбрачна партнерка.
Додека оштетената ја подготвувала да ја однесе во градинка нивната ќерка, тој најпрво започнал вербална расправија, а потоа со лажица за облекување чевли, во повеќе наврати ја удрил во пределот на главата.
Жртвата се повлекла во спалната соба од станот, каде осомничениот насилно ја турнал на креветот, го зел нејзиниот мобилен телефон и го фрлил на подот, почнал да ја плука по лицето и со неколку удари со бокс во главата и телото и нанел телесни повреди – контузија и хематоми.
Јавниот обвинител го имаше предвид фактот дека жртвата претходно го имала пријавено осомничениот за семејно насилство, но потоа го повлекла предлогот за кривично гонење. Затоа, заради обезбедување на присуството на осомничениот во текот на кривичната постапката и особено заради заштита од понатамошни насилни однесувања кон оштетената, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, стои во соопштението на Обвинителството.
Црна хроника
Истрага за полов напад и уцена на девојче во липковско
Основното јавно обвинителство Куманово ќе поведе истражна постапка и ќе предложи мерка притвор за 2 лица за кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 2 во врска со став 1, а едниот од нив е осомничен и за кривично дело – Уцена согласно став 259 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
„Првоосомничениот, спротивно на јасно изразена волја, извршил полови дејствија врз малолетна девојка во липковско, а ја принудил на полови дејствија и со второосомничениот.
Потоа жртвата ја уценувал дека наводно ќе објави нејзини експлицитни фотографии доколку не му исплати 20.000 евра.
Девојчето било принудено да зема пари од дома без знаење на родителите и да позајмува од други лица, па во повеќе наврати му ги давала парите на првоосомничениот.
Јавниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени кои се лишени од слобода.
Основното јавно обвинителство Куманово продолжува да презема истражни дејствија“, стои во соопштението на Обвинителството.
Топ
18-годишникот кој со автомобил усмрти жена во Капиштец немал возачка, од Македонија избегал преку Табановце
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека уште две лица се осомничени дека му помогнале по извршувањето на кривичното дело, информираат од Обвинителството.
„Осомничениот 18-годишник на 9 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај така што го довел во опасност животот на луѓето.
По улицата “Народен Фронт” управувал автомобил “Фолскваген пасат’’ и со возилото извршил дејствие на непрописно поместување во лево, на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната лента, без притоа да се увери дека тоа може да го стори без опасност по другите учесници во сообраќајот, со брзина на движење на возилото неприспособена спрема својства, состојбата на патот, видливоста, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови.
Освен тоа, автомобилот го управувал без да поседува важечка возачка дозвола.
При такви услови со возилото удрил во телото на оштетената Љуба Јаковлеска, која како пешак попречно го поминувала коловозот. Од ударот и падот на коловозот жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот без да и укаже помош веднаш го напуштил местото на настанот. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар каде и покрај укажаната медицинска помош починала.
Другите двајца осомничени, маж и жена, му помогнале на осомничениот за предизвикување на сообраќајната несреќа да ја напушти државата, пренесувајќи го со својот автомобил преку граничниот премин Табановце.
Тие се лишени од слобода по враќањето во земјава и за нив јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Притворска мерка е побарана и за осомничениот возач кој е во бегство и за него притворот ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Во меѓувреме, врз основа на прибраните докази и определениот притвор, по него ќе биде распишана и меѓународна потерница со цел негово обезбедување“, стои во соопштението на Основното јавно обвинителство.

