Европа
Грчки анархисти дивеат низ Берлин
Во Берлин бил запален и трет автомобил на грчката дипломатска мисија, а зад нападот стои грчката анархистичка организација „Заговор на огнените ќелии“, која објави дека овој чин бил одговор на апсењето на нивните истомисленици во Грција.
Грчките анархисти на почетокот на неделата го запалија службениот автомобил на грчкиот конзул во Берлин, а истото го направија и во претходните два напада, прво во октомври 2012 кога бил запален автомобилот на грчкото воено аташе во Германија, а истата судбина во април годинава ја доживеал и автомобилот на претставниците на економскиот оддел на грчката дипломатска мисија, пренесува Deutsche Welle.
„Грчките партии и парламентот им се одмаздуваат на демонстрантите кои во 2008 година учествуваа во уличните немири и сега неосновано ги држат во затворите“, наведуваат анархистите во отвореното писмо и порачуваат дека „Огнените ќелии“ веќе нема да го следат ова „со скрстени раце“.
Тие порачале дека нивна цел се „сите претставници на омразениот демократски систем, без разлика каде се наоѓаат“.
Анонимен претставник на берлинската полиција изјавил дека германските органи „доста сериозно“ го сфаќаат писмото на организацијата, како и дека случајот бил веднаш префрлен до одделот кој се занимава со политички мотивирани престапи.
Оваа анархистичка организација се солидаризира со затворениците кои во грчките затвори започнаа штрајк со глас, но потсетува и на смртта на албанскиот криминалец Илијас Карели, кој пред три месеца усмртил еден затворски чувар, а потоа бил убиен, под претпоставка, од колегите на убиениот чувар.
Зад организацијата „Заговор на огнените ќелии“, основана во 2008 година, стојат истите луѓе од познатата терористичка организација „17-ти Ноември“, која престана да постои во 2002 година.
„Огнените ќелии“ и во Грција извршија многубројни бомбашки напади, а се сомничат и за подметнување пожари, при што нивна главна цел се политичарите. Организацијата стана светски позната во 2010 година кога им испрати писма со експлозив на германската канцеларка Ангела Меркел и тогашниот француски претседател Николас Саркози, потсетува Deutsche Welle./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Акција на украинските падобранци: ослободија село, заробија 50 Руси
Украинските воздушни напаѓачки сили го ослободија селото Кучерив Јар во Донецката област, заробувајќи повеќе од 50 руски војници и спасувајќи цивили држени од окупаторските сили. Ослободувањето на Кучерив Јар означува уште еден важен локален успех за украинските сили на Донецкиот фронт, каде што борбите се интензивираа во последните недели, објави „Евромајдан прес“.
Детали за операцијата
Ослободителната операција ја спроведоа припадници на 132-от посебен извиднички баталјон на воздушните напаѓачки сили на Добропилскиот фронт. По кратко извидување и серија прецизни напади, украинските единици успешно ги пробија руските одбранбени линии и ја презедоа целосната контрола врз населбата.
За време на операцијата, беа заробени повеќе од 50 руски војници. Сите затвореници беа предадени на надлежните органи за понатамошно дејствување.
Спасување на цивили и пресретната наредба
Додека го расчистуваа подрачјето, украинските војници открија цивили кои беа заробени во подруми. Тие веднаш беа евакуирани на безбедно место и им беше укажана сета потребна помош. Според локалните жители, пред повлекувањето, на руските војници им беше наредено „да не земаат живи цивили“. Ова тврдење беше потврдено со пресретнати комуникации објавени од Безбедносната служба на Украина.
Ситуација на фронтот
Секторот Добропиља стана едно од најинтензивните бојни полиња од август 2025 година, кога руските сили напредуваа околу петнаесет километри, загрозувајќи ги снабдувачките патишта до Покровск и Костјантинивка.
Сепак, украинските елитни единици започнаа контранапад, поделувајќи го рускиот клин на помали џебови. Иако Русија концентрираше речиси 100.000 војници во областа, украинските контранапади успеаја да ја вратат контролата врз неколку населени места и да ги попречат руските планови за понатамошен напредок.
Европа
Шефовите на државите од ЕУ сè уште не се договорија што да прават со замрзнатите руски средства
Лидерите на ЕУ побараа од Европската комисија што е можно поскоро да презентира опции за финансиска поддршка за Украина за следните две години, но прашањето за користење на замрзнатите руски средства останува отворено и ќе биде повторно дискутирано на следниот самит во декември.
„Европскиот совет се обврзува да ги реши итните финансиски потреби на Украина за 2026 и 2027 година, вклучително и за нејзините воени и одбранбени напори“, се вели во текстот, кој беше поддржан од 26 земји-членки на ЕУ, сите освен Унгарија.
„Затоа, Европскиот совет ја повикува Комисијата што е можно поскоро да презентира опции за финансиска поддршка, врз основа на проценка на финансиските потреби на Украина, и ги повикува Комисијата и Советот да продолжат со својата работа за да може Европскиот совет да се врати на ова прашање на својот следен состанок“, се додава во него.
Сепак, во споредба со нацрт-заклучоците, текстот повеќе не споменува „конкретни предлози, вклучително и можна постепена употреба на готовина поврзана со замрзнатите руски средства“.
Ова значи дека сè уште нема договор за користење на замрзнатите руски средства за заем од 140 милијарди евра за Украина и дека ова ќе биде повторно дискутирано на следниот самит во декември.
Пред почетокот на самитот, белгискиот премиер Барт де Вевер изјави дека има услови за согласност за заем на Украина со користење на замрзнатите руски средства депонирани во неговата земја. Белгија сака цврсти гаранции дека другите членки исто така ќе го споделат ризикот со неа во случај на евентуална арбитражна одлука дека парите мора да бидат вратени во Русија.
фото: принтскрин
Европа
(Видео) Снимка од Полска: тркало од автомобил падна среде шини додека се приближуваше воз
Драматична ситуација се случи на железнички премин во Катовице, Полска, кога тркало падна од автомобил додека преминувал по шините, предизвикувајќи возилото да се заглави точно на средината од шините.
Возачот и патникот не можеле сами да го извадат автомобилот, а на помош им дошол полицаец кој не бил на должност. Благодарение на неговата брза реакција, сите успеале да го тргнат возилото од шините неколку секунди пред да пристигне возот.
Според видео објавено на социјалните мрежи, трагедијата била избегната буквално за момент.

