Македонија
Советот одлучи: Вработените на клинички ќе плаќаат двојно поскап паркинг
Советот на Град Скопје на денешната седница ја усвои Одлуката за изменување и дополнување на ценовникот на услугите што ги извршува ЈП „Градски паркинг“. Со измените на оваа одлука ќе поскапе паркирањето за вработените во Клиничкиот центар, односно вработените во Клиничкиот центар наместо 300 ќе плаќаат 800 денари месечна карта за паркирање во комплексот на Клиничкиот центар.
Градоначалникот, Петре Шилегов истакна дека се укинува повластената цена од 300 денари и се врши усогласување со цените што ги плаќаат граѓаните за услугите на ЈП „Градски паркинг“. Тој образложи дека измените на цените се во насока на регулирање на сообраќајниот хаос во рамките на Клиничкиот центар.
„На Клиничкиот центар заради евтин популизам се издадени 1.500 месечни карти за кои вработените плаќаат повластени 300 денари во услови кога на паркингот има 670 места. За пациентите или корисниците на услугите на ЈП „Градски паркинг“ на Клиничкиот центар цената останува иста“, изјави Шилегов и додаде дека очекува намалување на хаосот, бидејќи досега граѓаните немале каде да паркираат.
Синдикатот на вработените во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ реагираше дека од одлуката најпогодени ќе бидат вработените кои имаат ниски примања. Како што велат од синдикатот, оваа категорија вработени треба приближно еден месец во годината да работи за да го плати паркинг-местото на своето возило за време на извршување на своите работни обврски. Синдикатот претходно се закани дека ако Советот даде зелено светло за поскапувањето, ќе бидат принудени да превземат соодветни мерки за да ги заштитат правата и интересите на своето членство.
Реагираат и дел од докторите и останатиот медицински кадар на клиниката. По најавите за зголемувањето на цените за паркингот, во петокот доктор од клиниката за „Макфакс“ порача дека за вработените паркингот треба да биде бесплатен и обезбеден со картички. Оттаму додаваат дека приватните болници не наплатуваат паркинг-места за медицинскиот кадар, ниту, пак, за пациентите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

