Топ
Во една вечер тројца пешаци тешко повредени во сообраќајки во Скопје, Охрид и Битола
Тројца пешаци се тешко повредени откако биле удрени од автомобили во три одделни сообраќани несреќи во Скопје, Охрид и Битола, информираат од МВР.
Во вечерните часови на 15. декември на скопскиот булевар „Александар Македонски“ се случила една од сообраќајките во која тешко е повреден 21-годишен пешак од Скопје. Непознато лице управувајќи автомобил „опел“ со скопски регистарски ознаки удрило во младиот скопјанец, по што го избегало од местото на настанот. Со возило на Итна медицинска помош, 21-годишникот бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде му биле констатирани тешеки телесни повреди.
Втора слична сообраќајна несреќа се случила исто така во вечерните часови на 15. декември во Охрид на улица „Расоица Новачки“, кога 30-годишен возач од охридското село Горно Лакочереј, со автомобил „ланчиа“ удрил во 55-годишен пешак од Охрид. Пешакот се здобил со тешки телесни повреди, а по укажаната лекарска помош во болницата „Св.Еразмо“ бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Третата сообраќајка од ваков карактер се случила доцна синоќа, пет минути по полноќ во Битола на крстосницата на булеварот „1-ви Мај“ и улицата „Македонски гемиџии“. Возач на возраст од 21-година, кој управувал автомобил „фолксваген голф“ со битолски регистарски ознаки удрил во 58-годишен пешак. Пешакот се здобил со тешки повреди и му била укажана лекраска помош во Општата болница во Битола.
Полицијата во сите три случаи извршила увид на местата на сообраќајките и работи на расчистување на случаите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Ако се жалат судиите со 3-4.000 евра месечни примања, тогаш како им е на дечињата во градинка кои немаат играчки за играње
Реновираме градинки, училишта, цениме дека е поголем приоритет отколку да ги зголемиме платите на судиите и обвинителите. Мислиме дека е фер, нагласи премиерот Христијан Мицкоски, на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
Премиерот Мицкоски нагласи дека следен чекор кој, исто така, е важен се законите во ресорот правда.
„Тоа се законите јавно обвинителство, за судови, за јавно обвинителска служба и за служба во судовите кој се однесува за две работи, едната е да можат судовите и обвинителствата да вработуваат само со одобрение на Судски совет и Совет на јавни обвинители, а Владата да ја информираат, што е во ред, но не можеме да се согласиме со тие средства кои треба од буџетот да ги одвојуваме за да бидат зголемени примањата, ако се жалат со 3-4.000 евра месечни примања, тогаш како им е на дечињата во градинка кои немаат па играчки за играње. Тој е буџетот, го украле, останале малку пари, тоа што останало ние се трудиме да менаџираме како што треба, реновираме градинки, училишта, цениме дека е поголем приоритет отколку да ги зголемиме платите на судиите и обвинителите. Мислиме дека е фер“, нагласи премиерот Мицкоски.
Премиерот додаде дека следен чекор кој помина на владина процедура е новиот закон за Судски совет и се усогласува со Канцеларијата на Европска Комисија и за брзо ќе се најде во Собрание.
„Потоа е делот на објавување на регистар на компании во кои државата има некаков удел, не доминантен, туку некаков удел, тоа се претпријатија во кои државата е сопственик, законот заедно со професори од Правен факултет го направивме, го доставивме до Министерство за економија и труд и Министерство за европски прашања и очекуваме скоро да се усогласи и во декември да се најде во Собрание. Понатаму има дел во кој давачки и процедури кои треба во три институции да бидат усогласени тоа се Централен регистар, Малмед, односно Агенцијата за лекови и Министерството за економија и труд во делот на Централен регистар е завршено тоа се шест, во Малмед се 19, десет усогласени, девет ќе се усогласат и останува уште три во Министерство за економија и труд и ова ќе биде завршено во рамките на оваа година. Понатаму имаме либерализација на железнички сообраќај, во делот на инфраструктура, транспорт, и веќе се реализираше состанок со Канцеларијата на Европската Комисија договорени се активностите. Имаме комплетирање на вработувања во рамките на Агенција за одземен имот, и работните места ќе бидат пополнети“, изјави премиерот Мицкоски.
Тој најави и дека владата ќе продолжи да ги субвенционира сметките за електрична енергија за домаќинствата
„Следниот чекор е исто така значаен кој не можеме да го исполниме, а се однесува во делот на енергетиката, а тоа е целосна либерализација на пазарот за електрична енергија, пред сѐ, се мисли на домаќинствата, затоа што ако Владата престане да ја субвенционира електричната енергија за домаќинствата тогаш цената ќе поскапи за отприлика 30% до 35% и тоа ќе предизвика инфлација и ќе има верижен ефект врз многу други процеси, и затоа ние како држава продолжуваме да ги субвенционираме сметките за електрична енергија за домаќинствата и сите на регулираниот пазар“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Македонија
Поради превенција од свлечиште на Водно надлежните на итна координација
Поради превенција за активирање на свлечиштето на падините на Водно, во близина на улиците „Белградска“ и „Партенија Зографски“, и реалната опасност од негово понатамошно ширење, по иницијатива на Општина Центар беше одржан итен координативен состанок на кој учествуваа градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, претставници на ЦУК, ДЗС, ДИГУ-Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, МВР, ИЗИИС, Град Скопје, Градежен факултет и Министерство за транспорт и врски.
На состанокот беа донесени јасни заклучоци кои веднаш ќе бидат доставени до Владата, со барање за итно преземање мерки за обезбедување технички и правни услови за санација на свлечиштето и регулирање на атмосферските води.
Констатирано е дека уште во 2022 година Град Скопје бил задолжен со записник од ЦУК да изработи проектна документација за прифаќање на атмосферските води од Водно, со цел да се реши проблемот со одводнување на сливните води од падините на Водно.
Стручните служби дополнително посочија дека за стабилизација на свлечиштето мора да се изгради потпорен ѕид. а бидејќи локацијата каде што треба да се изведуваат градежни работи се наоѓа на приватен имот, ниту една институција, вклучувајќи ја и Општина Центар, не смее да спроведе такви активности без соодветна одлука од Владата.
„Се работи за сериозна ситуација која бара координирано дејствување и постапување строго согласно ингеренциите на секоја институција. Само така можеме навреме да го решиме проблемот и да спречиме поголеми последици. Општина Центар останува целосно подготвена да ги преземе сите обврски што се во наша надлежност“, рече Герасимовски.
Македонија
Филков до СДСМ: Груевски има политички азил, се занимавате со циркус, а не со реална работа
Министерот за правда Игор Филков одговарајќи на пратеничко прашање од Миле Талески од СДСМ, зошто не се бара екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, рече дека се додека некое лице ужива азил, екстрадицијата ја одбиваат.
Состојбата внимателно се следи, истакна тој, и кога ќе се создадат услови ќе се поднесе ново барање, што впрочем е исто како за секој предмет за екстрадиција.
,,Министерството за правда нема ништо заедничко со тоа министерство што го имавте вие во вашето време кога заедно со Артан Груби, Али Ахмети договаравте кој каде ќе избега. Ова Министерство си ги бара сите бегалци, но вие говорите за политички азиланти ако доволно ве следев. Што значи, дека секојпат кога ќе бидат создадени услови, Министерството за правда повторно ќе си ги бара своите граѓани. Во меѓувреме треба да дадете одговор каде се оние другите со кои што вие договаравте бегство”, потенцира Филков.
Министерот за правда му порача на СДСМ да има сериозен пристап и да се занимава со реална работа.
,,Мора да престанете да ја замајувате македонската јавност со ваков шарлатански пристап. Што уште треба да направите за народот да ви ја прати пораката и на следните избори. Значи, да се соземете, да бидете сериозни затоа што не е добро тоа за вас ниту како опозиција ниту за државата да се занимавате со циркус а не со реална работа. Тоа граѓаните ви го кажаа и на последните избори а убеден сум дека и следниот пат кога и да бидат парламентарните избори ќе ве пратат во историјата”, рече Филков.

