Црна хроника
Истрага за неовластено производство и продажба на дроги
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради постоење сомнение за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на дроги.
Осомничената во текот на месецов неовластено, заради продажба, од непознато лице набавила наркотична дрога хероин и психотропни супстанции и ги држела во својот дом со цел да им ги продава на уживатели на овој вид дрога.
При претрес на станот во кој привремено престојувала од страна на овластени полициски службеници биле пронајдени и одземени: една жолта пластична кутија со шест полиетиленски пакувања со вкупна нето-маса од 31,62 г наркотична дрога хероин, една половина од таблета психотропна супстанција 3,4-метилен-диоксиметамфетамин и едно полиетиленско паковување со нето-маса од 0,67 г психотропна супстанција – псилоцин стимуланс на централниот нервен систем.
Дрогата била спакувана во помали кесички со разна нето-маса, кои осомничената при претресот се обидела да ги фрли од прозорецот заедно со неколку електронски картички и пластични цевчиња со остатоци од прашеста материја. Полициските службеници распоредени околу зградата го забележале тоа, ги пронашле фрлените предмети и ги подигнале.
Oколностите под кои е извршено кривичното дело, односно подготовката со неовластената набавка заради неовластена продажба на наркотичната дрога, а особено фактот што станува збор за сериозен вид криминално однесување, беа повод за надлежниот јавен обвинител да побара мерка за обезбедување присуство на осомничената во текот на кривичната постапка во сите нејзини фази.
Со оглед на тоа што постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, особени околности што укажуваат дека осомничената ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците, како и околности што го оправдуваат стравот дека осомничената ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судија на претходна постапка достави и предлог за определување мерка притвор за осомничената.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дал 10.000 евра за итна операција на внуката: измамен 83-годишен битолчанец
Во СВР Битола вчера во 13:30 часот, 83-годишник од Битола пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 10.000 евра.
Според пријавеното, лицето му се јавило, се претставило како лекар и му кажало дека неговата внука паднала по скали и се здобила со тешки телесни повреди и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати.
Како што е пријавено, тој ги дал парите на едно лице кое дошло пред неговата врата, а откако подоцна се слушнал со неговиот син, сфатил дека е измамен.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Двајца малолетници повредени при судир на товарно возило и мопед во Штип
Во СВР Штип вчера во 10:30 часот било пријавено дека на кружен тек од ул.„Партизанска“ со ул.„Борис Крајгер“ во Штип се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „фолксваген кеди“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.С.(57) и мопед „априлиа“ со штипски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник, двајцата од Штип.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на мопедот и неговиот 14-годишен сопатник од Штип, констатирани во Клиничката болница Штип.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.
Црна хроника
Тешко повреден работник додека извршувал работни задачи во фабрика во Гази Баба
Вчера во 10:05 часот во СВР Скопје, од приватна болница во Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен А.Б.(43) од Скопје.
Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во фабрика на подрачјето на Гази Баба.

