Спорт
Сари: Фрустриран сум! Играчите не ги знаат основните движења



Менаџерот на Челси, Маурицио Сари, по убедливиот пораз од Борнмут (4:0), рекол дека повеќе од очигледно е дека играчите не ги научиле основите на неговата фудбалска филозофија.
„Сините“, по синоќешниот пораз во рамките на 24. коло во Премиер лигата, првпат од почетокот на сезоната испаднаа од топ-4. На табелата се петтопласирани со 47 бода, колку што има и Арсенал на четвртото место.
Сари е загрижен од односот кон играта што го покажале неговите фудбалери. Челси четирите гола ги прими во второто полувреме.
„Не сум лут, јас сум фрустриран. Не можам да поверувам дека второто полувреме беше толку катастрофално. Се обидувам да разберам, но не успевам зошто е тоа така. Грешката е моја, не ги мотивирав играчите, ситуацијата е тешка. Бевме добри во првото полувреме, потоа примивме гол и престанавме да играме како тим“, рекол Сари.
Потоа, тој ги потенцира пропустите што ги правеа неговите играчи на теренот.
„Мислев дека играчите го прифатија мојот стил. Очигледно дека тоа не е така, но се случуваат вакви работи. Сè уште не сме ги научиле основните движења. Мораме да работиме на основните работи, на фундаментите на мојата филозофија. Кога ќе ги совладаме, ќе можеме да одиме понатаму“, порачал Сари.
Челси во наредното коло ќе игра против „фенерџијата“ Хадерсфилд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Манчестер јунајтед постигна договор со голманот на Антверпен

Манчестер јунајтед, до крајот на преодниот рок ќе го реализира трансферот на белгискиот голман Сене Ламенс од Ројал Антверпен. За услугите на 23-годишниот голман клубот од „Олд Трафорд“ ќе плати 20 милиони евра. Ламенс, досега има повеќе од 50 настапи за Антверпен откако се приклучи од Клуб Бриж пред две сезони.
Неговата вредност значително порасна во последните месеци благодарение на неговата форма и неговиот статус како член на белгиската репрезентација до 21 година, а многу аналитичари го нарекуваат еден од најперспективните голмани во Бенелукс.
Планот на Манчестер јунајтед е со доаѓањето на Леменс да ја зголеми конкуренцијата на голманската позиција, а не да биде непосредна замена за првиот голман Андре Онана.
Тренерот Рубен Аморим јавно го изрази своето задоволство од сегашниот голмански кадар, но раководството на клубот е свесно за можното заминување на Онана на Африканскиот куп на нации на почетокот на 2026 година и бара долгорочна сигурност.
Спорт
Рома и Ливерпул во преговори за Цимикас

Рома започна преговори со Ливерпул за траснферот на Костантинос Цимикас. Рома сака да издејствува позајмица со задолжителен откуп на договорот наредното лето.
Грчкиот лев бек нема многу шанси да добие поголема шанса во редовите на шампионите на Англија оваа сезона, особено по доаѓањето на Милош Керкез, а тука е и Енди Робертсон, кој претходно имаше предност пред него.
Затоа, трансфер во Рома изгледа како идеално решение за овој играч. Засега не се споменуваат бројки, но се нагласува дека „волчицата“ е решена да го реализира трансферот.
Новиот тренер на Рома, Џанпјеро Гасперини, инсистира на дополнително засилување на тимот до крајот на преодниот рок, тоа го истакна по синоќешната победа над Болоња со 1:0 во првото коло од Серија А.
Против Болоња, Гасперини играше во формација со тројца во одбраната, а Анхелињо, со кого Цимикас веројатно ќе се бори за место во тимот, дејствуваше како винг бек по левата страна.
Цимикас има 29 години и игра за Ливерпул од 2020 година.
Спорт
Борусија се договори за трансфер на тандемот од Челзи

Борусија Дортмунд договори соработка со двајца фудбалери на Челзи, Арон Анселмињо и Карни Чуквемека.
Исклучително добрата соработка што ја имаат Челзи и Борусија Дортмунд продолжува и ова лето.
Во овој преоден рок, „сините“ го купија Џејми Гитенс од Дортмунд за 56 милиони евра, а сега се подготвени да испратат двајца играчи во спротивна насока.
Арон Анселмињо ќе дојде на позајмица, додека Борусија ќе го купи Карни Чуквемека за 25 милиони евра.
Двајцата играчи треба да бидат официјализирани во понеделник, кога се закажани медицински прегледи.
Чуквемека играше за Борусија минатата сезона и постигна еден гол во 10 натпревари од Бундеслигата. Анселмињо, кој е дефанзивец, ја помина минатата сезона на позајмица во Бока Јуниорс.