Македонија
(Видео) Арсовски: Мира Дизел, методот на вработување во СДСМ е правило на работа, а не случајност
Eпидемијата на непотизам на власта има уште едно жариште, и тоа денес ќе објавиме за Кочани. Практично со оваа епидемија на непотизам од страна на СДСМ е заразена целата држава, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Лажниот морал и целото лицемерие на власта исплива на површина по само две години од владеењето на СДСМ. Мира Дизел, методот на вработување во СДСМ е правило на работа, а не случајност. Роднините на функционерите на СДСМ се вработуваат под државна капа, на трошок на граѓаните претворајќи ја државната администрација во партиско семејна фирма од каде што сите цицаат дебели хонорари“, рече Арсовки.
Еден од многуте примери за оваа епидемија во Кочани, додава Арсовски, е кој друг ако не повторно пратеник од редовите на СДСМ од Кочани, и тоа Сашко Костов. Според кои критериуми, праша Арсовски, токму сопругата на Костов се вработила во детската градинка „Павлина Велјанова“?
Втор случај, како што кажа портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, е претседателот на Советот на општина Кочани, Томе Солевски, чија сопруга се вработила во Државното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор.
„Трет сомнителен случај е поранешниот пратеник на СДСМ од Кочани, Миле Андонов, чиј син се вработил во УЈП во Кочани. Нема ли други граѓани во Кочани кои исполнуваат услови за вработувања во оваа институција со натпросечни примања, па морало синот на бившиот пратеник да биде избран за ова работно место?
Има уште огромен број други случаи каде што функционери од власта во Кочани исто така се заразени со епидемијата на непотизам.
Дали е точно дека и мајката на советникот во Кочани од редовите на СДСМ Ѓорѓи Алексов се вработила во детската градинка „Павлина Велјанова“?
Дали не е случај на класична злоупотреба вработувањето на советничката во Советот, Гордана Антова, во Средното општинско училиште „Ѓошо Викентиев“, училиште кое е директно под ингеренции на општината во чиј совет членува и таа истата?
Дали не е лицемерие СДСМ да говори за морал, а советничката на СДСМ во Советот на општина Кочани, Емилија Серафимова, да се вработи токму во Центарот за јавно здравје, а уште и нејзината мајка да се вработи во МВР во Кочани?
Почитувани ова е сè само не е морал што се обидува да го шири СДСМ. Принципот на СДСМ ако пројде-пројде соочен со критиките на јавноста сега лажно се морализира. Прашањето е дали е морал секој функционер на СДСМ да си вработи некој близок во државна институција, а не дали имаат лажен морал кој сега на јавноста им го продаваат како висок чин на етичност, истакна Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

