Македонија
ЦИВИЛ бара од институциите бескомпромисна заложба за социјална правда
Измени во Законот за социјална заштита, измени и дополнувања во Законот за детска заштита, предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација, кои сè уште се во собраниска процедура, повисока минимална плата, шелтер-центри за жртви од насилство, згрижувачки домови за деца без родители, придвижување во синдикалното уредување, се дел од социјалните реформи што ја одбележаа 2018 година во Република Северна Македонија, соопшти ЦИВИЛ.
„Сепак, Светскиот ден на социјалната правда во Македонија нè исправа пред фактот дека сме сиромашна држава во која социјалната правда е на последно место, без оглед на поединечни владини ресори кои постигнаа одредени видливи резултати. Бевме и останавме земја на екстремно богати и екстремно сиромашни, каде што граѓанките и граѓаните се лишени од основните социјални права, ако немаат пари или ако не се заштитени од партиски структури, непотизам или клиентелизам.
Кршење на работничките права, невработеноста, сите можни облици на корупција се егзистенцијални проблеми кои со децении не се решаваат. Успешните реформски зафати во сферата на социјалната правда кои ги спроведува Министерството за труд и социјална политика не се доволни. Потребно е решително, сеопфатно и системско решавање на проблемите во доменот на социјалната правда за да се почувствуваат промените“, порачаа од ЦИВИЛ.
Како организација за човекови права и слободи, ЦИВИЛ ја алармира јавноста и институциите за тешките состојби во сферата на социјалната правда, во кои спаѓаат социјалната заштита, здравството, образованието, работничките права и низа други.
Оттаму додаваат дека колкав и да е трудот на институциите да ја надминат социјалната неправда, да се справат со сиромаштијата, сепак, социјалната и економска исклученост, дискриминацијата, невработеноста, катастрофалното здравство и образование влеваат страв и неизвесност кај граѓанките и граѓаните за тоа како дали и како ќе преживеат до следниот ден.
Во ваква социјална состојба во Македонија, според ЦИВИЛ, многу е лесно да се злоупотребат социјалните прашања и во изборен контекст.
„Референдумот беше уште еден доказ за злоупотреба на граѓанките и граѓаните што се социјално загрозени преку поткуп, закани и притисоци. Во пресрет на претседателските избори несомнено е дека социјалната нестабилност на земјата ќе се искористи за политички поени и партиски профити.
Генералното собрание на Обединетите нации на 26 ноември 2007 година одлучи да се забележи 20 февруари како ден посветен на социјалниот развој, солидарноста, еднаквоста и хармонијата како темелни вредности во постигнување на социјалната правда, „општество за сите“, со еднакви можности за секого.
ЦИВИЛ бара бескомпромисна заложба за социјална правда во надминување на сиромаштијата со инклузија, а не маргинализација на социјално ранливите категории. ЦИВИЛ бара од институциите и надлежните органи одговорност кон секој поединечен човечки живот. „Еднакво општество и живот за сите“ мора да стане реална заложба, а не обична, изветвена флоскула.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Сервисни информации
Сончево со мала до умерена облачност, од пладневните часови со услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд
Времето денеска, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Од пладневните часови ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и појава на грмежи. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и во делови од регионот со услови за краткотарен пороен дожд. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 22 степен.
Од недела следува период на стабилно и топло време, а дневните температури ќе бидат повисоки за 3 до 5 степени.
Македонија
Николоски: На 8 мај потребна е масовна референдумска излезност за влада на ВМРО-ДПМНЕ која нема да е уценувана од никого, за СДСМ и ДУИ во опозиција
„Во првиот круг му поставував прашања на Пендаровски, не одговори на ниедно. Наместо да одговара прашања, плаќаше ботови по социјални мрежи лично да ме навредуваат мене и моето семејство, народот му кажа што мисли за тоа. Но, морам да го прашам уште нешто затоа што се работи за злоупотреба на државни пари“, истакна носителот на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 4 Александар Николоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Кавадарци.
Тој продолжи и додаде: „Пендаровски до денес не одговори дали ќе ги користи или нема да ги користи привилегиите кои ги следуваат поранешните претседатели, еднаш невешто одговори дека за тоа ќе се изјаснел во 2029 година, ама очигледно ќе треба да се изјасни на 12 мај затоа што тогаш и официјално му завршува мандатот, тоа е четири дена после изборите и мислам дека е чесно и кога ќе дојде тука во Кавадарци да каже дали ќе е пензионер со најголема пензија во Македонија и поранешен претседател кој најдолго ќе ги користи народните пари. А во меѓувреме е фер да каже уште вечерва ако може дали е вистина или не од пусти мерак за претседателствувања ама и за користење на привилегии дека побарал да му се отвори вилата во Охрид и ќе седел следни пет дена таму да искористи уште некој ден покрај охридското езеро, дали е вистина ова Стево Пендаровски и дали е вистина дека со цело друштво одиш таму да поседите уште некој ден на државен трошок, одговори пред граѓаните“, истакна Николоски.
Рече дека на 8 мај треба уште помасовно да се излезе, во уште поголем број и разликата во Кавадарци да е уште поголема и додаде дека е потребна масовна референдумска излезност на 8 мај за влада која нема да е уценувана од никого, за СДСМ во опозиција, за ДУИ во опозиција.
„Ве повикувам да ја прочитате нашата програма Платформа 1198, тие не размислуваа на проекти и не реализираа проекти, затоа ние ќе реализираме. Ќе реализираме и експресен пат од Кавадарци до Неготино и спојување на Кавадарци со автопатот. Ќе реализираме и отворање на граничен премин со Грција како би станало многу блиску да се патува помеѓу Кавадарци и Воден и да се спојат овие два дела на географска Македонија. Ќе ги помагаме земјоделците, за лозарите достоинствени цени за виното и рестартирање на Повардарие како би се срушил монополот во откупот на грозје и производството на вино подостоинствен живот за сите, повеќе субвенции и повеќе ред за сите. Затоа на 8 мај масовно да излезете“, дециден е Николоски.
Македонија
Мицкоски од Кавадарци: Мобилизација и масовна излезност, колку повеќе гласаат, толку поголема ќе биде силата за промени
Во првиот круг издвојувавме огромна победа, која покажа дека народот е свесен за тоа што се случува во нашата татковина. Ова е револуција на народот, пред се затоа што преовладува чувството дека во сопствената земја народот стана кираџија. И тоа токму поради дуото СДСМ-ДУИ, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Кавадарци.
Мицкоски посочи како ништо не функционира и како институциите не се во корист на граѓаните.
„Институциите повеќе не служат на народот. Се чека за пасоши, лични карти, за документи кои му следуваат на народот. Овој проблем го препуштија да го решава ВМРО-ДПМНЕ и Панче Тошковски, додека во секоја друга сфера има подеднакво назадување. Во здравството докторите и медицинскиот персонал протестираат. Доколку сакате било која здравствена услуга или ќе мора да платите или да побарате врски. Ако не е така ќе мора да чекате по ходници, ќе ве маткаат со процедури, додека не се откажете. Животниот стандард е под секое ниво. Корупција насекаде, правда никаде“, кажа Мицкоски.
Мицкоски укажа дека проблемот е што ДУИ е газдата во државата.
„Нашите, вашите судбини зависат од стотина души на ДУИ кои контролираат се. Артан Груби и компанијата се господари на Македонија, но и одговорни за колективниот грабеж. Велат дека ДУИ никогаш немал подобар партнер за власт како СДС. Што и да им побарале, не добивале сто проценти, туку дупло двеста. И затоа е и сега нервозата во ДУИ, зошто знаат по овие избори ниту ќе имаат власт, ниту пак ќе имаат измеќари како СДС“, изјави Мицкоски.
Мицкоски рече дека овие денови силно се ангажирани на две сценарија кои во суштина се завера против Македонија.
„Првото е сценарио на бојкот. Второто сценарио е пазарџиска делба со ДУИ на ресори и министерства, при што Ковачевски оставил на Ахмети сам да одреди колку министерства ќе му остави на СДСМ. И двете сценарија се губитнички за Македонија и удираат по нејзините основи“, кажа Мицкоски.
Мицкоски заклучи дека решението за сето ова е масовна излезност.
„Мобилизација и масовна излезност. Решението и за бојкотот и за пазарџиската поделба на ресори е само едно масовно гласање на избори. Колку повеќе гласаат, толку поголема ќе биде силата за промени“, рече Мицкоски.