Топ
Пинг-понг со барањето за одземање на имунитетот на Вељаноски

Собранискиот спикер Талат Џафери го вратил во кривичниот суд барањето за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Вељаноски кое претпладнево стигна во Собранието. Како што објаснуваат од Кабинетот на Џафери, барањето го вратиле назад поради грешка.
„Претседателот на Собранието го врати писмото поради грешка на повикување на член и од моментот на ново доставување на писмото ние сме спремни да постапиме по сите рокови“, велат од Кабинетот на Џафери.
Од судот, пак, објаснуваат дека направиле техничка грешка и дека до Собранието веќе го доставиле коригирано барањето за одземање на имунитетот на Вељаноски.
Следна на потег е собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, со која претседава пратеникот Павле Богоевски.
Според деловникот, откако претседателот на Собранието ќе го достави барањето до комисијата, истата треба да одржи седница на која ќе го разгледа барањето и да го достави извештајот до собранискиот спикер. По добиениот извештај од Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува на пленарна седница. Одлуката за одземање на имунитетот се носи со мнозинство од вкупниот број пратеници.
Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристоски вчера попладне беа приведени на распит по наредба на Јавното обвинителство под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април 2017 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Алиу: Aко влезете во чекална на Онкологија тоа личи на се, само не на Клиника која треба да која треба да лекува такви пациенти

Министерот за здравство Азир Алиу, на денешната прес-конференција најави дека ќе се дисперзираат базичните услуги за онколошките пациенти низ државава, онаму каде што и со закон можат да се дозволат.
-Ќе ги дисперзираме услугите, тие што се базични и што можат со закон да се дозволуваат ќе бидат достапни за граѓаните за најблиску каде што живеат. Но, од друга страна, мора да бидеме сигурни дека тие лекови што треба да ги примаат, да бидат чувани во соодветни услови, така што целата програма ќе има услови за следење, односно трекинг систем, рече Алиу.
Вели дека како министер за здравство, се срами од инфраструктурните услови на Клиниката за онкологија.
-За жал, лично ја видов сликата таму, ако влезете во чекална на Онкологија тоа личи на се, само не на Клиника која треба да која треба да лекува такви пациенти. Прво што најавувам е креирање на достоинствени услови за чекалните, бидејќи таму нема ниту столчиња за седење. И треба да се срамиме сите и јас како министер за здравство со таква инфраструктура, нагласи Алиу.
Во однос на недостигот на таблетарната хормонска терапија за онколошките пациенти и до каде е процедурата, рече дека решението е шест месеци пред истекот на договорот со постоечкиот тендер и компанија, секоја клиника да мора да го отвори и да го затвори тој процес.
-За жал процедурите се такви во државата што ако нешто се случува во процесот на тендерирање ќе треба да се чека и ова ни беше една од точките како може да се надмине овој проблем и најдовме решение, решението е да може шест месеци пред истекот на договорот со постоечкиот тендер и компанија, да мора секоја клиника секоја институција да го отвори и да го затвори тој процес. Што ќе се случи, ако случајно во тој период заради еве како што ни се случи сега, заради икс причини, правни, или човечки или други фактори, да имаме време да се отвори уште еднаш тендерот и да не се појави тој недостиг на лекови кај пациентите, така да гледате дека лесно можат да се решаваат проблемите, само треба работа и воља, рече Алиу.
Во однос на договорците на дело, рече дека имал средба со директори на клиники на која било посочено дека сите се соочуваат со предизвици во однос на човековиот фактор – недостиг на кадар, на лекари, на медицински сестри, и на техничари.
-Тие што работат со години нормално дека треба да имаат решен статус, додека за другите ќе отвараме процедури, но за тоа нормално ќе ни треба време, заедно со министерката за финансии, да го видиме и аспектот на финансии и на поддршка, рече Алиу, одговарајќи на новинарски прашања.
Во врска со случајот со гинекологот кој правел бесплатен ПАП тест на пациентка на друго име, рече дека сигурно тоа не е единствен пример и решението го гледа во дигитализација.
-Тоа е жално, јас мислам дека тоа не е е ниту единствен случај јас од првиот ден се заложив еве ќе видите секоја недела ќе зборувам за дигитализација – без диготализација општеството ќе тоне, вториот момент е намалување на човечкиот фактор. Во тој случај, замислете да имавме таков дигитален систем којшто секој лекар во систем ќе стави дека се процесира некоја интервенција автоматски на смс ќе му стигне порака за тој термин. Тогаш пациентот за тој несовесен доктор, ќе беше информиран во реално време, и ќе знаеше дека е дома додека на смс добива порака дека е на лекар. И тогаш некој доктор ако сака да злоупотреби системот тоа нема да му го дозволи, истакна Алиу.
Во однос на новиот Клинички центар што го најави премиерот Христијан Мицкоски, министерот истакна дека најпрво ќе се работи на мапирање.
-Во оваа фаза знаете дека со договорот со Велика Британија ние како Министерство за здравство имаме една милијарда евра за инфраструктирни проекти. Освен тоа, имаме и други фондови кои во моментот ги анализираме, инфраструктурно ние мора да се екипираме затоа една од работите што веќе ќе ги почнеме од понеделник е мапирање – биедеки не е само Клинички центар, туку и во другите градови имаме инфрасруктура која не е достојна за таков сервис за граѓаните, така то ќе имаме јасна слика која ќе биде јавно достапна и ќе има портал со мапирана инфраструктура, рече Алиу
Свет
Русија и предаде на Украина уште 1.200 тела на украински војници убиени во војната

Русија денеска и предаде на Украина уште 1.200 тела на украински војници убиени во војната, објавија руските новински агенции ТАСС и РИА.
Ова е четврто во серијата предавања на останки на загинати војници во изминатата недела, во согласност со договорот постигнат меѓу Русија и Украина на разговорите во Истанбул претходно овој месец.
За време на разговорите во Истанбул на почетокот на јуни, Киев и Москва се согласија да предадат по 6.000 тела и да разменат болни и тешко ранети воени заробеници и лица под 25 години.
Русија вели дека досега ѝ предала на Украина тела на речиси 5.000 украински војници, но за возврат добила само 27 тела на убиени руски војници.
Украина и Русија досега извршија и три размени на воени заробеници, но не го објавија нивниот точен број.
Македонија
Вкупно 22 лица досега побарале асистенција за напуштање на Израел и враќање во Македонија

Вкупно 22 лица досега побарале асистенција за напуштање на територијата на Израел и враќање во Македонија. Станува збор за државјани на Македонија, како и членови на нивните потесни семејства, информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Оттаму додаваат дека во тек се активности за нивна скорешна евакуација и трансфер до безбедна локација, од каде што дополнително ќе се организира нивно враќање во земјата.
-Напоменуваме дека дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив е во постојана комуникација со нашите државјани, а Министерството за надворешни работи и надворешна трговија активно работи на обезбедување на сите неопходни услови за нивно безбедно враќање, стои во соопштението на МНРиНТ.
Претходно, МНР информира дека согласно влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите државјани на Македонија кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран, доколку им е потребна конзуларна помош, веднаш да стапат во контакт со надлежните институции преку дежурните (СОС) телефонски броеви.
Воедно, оттаму апелираа до сите државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион, сè до подобрување на безбедносната состојба.
За помош и асистенција, граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив – Тел: +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546 Е-пошта: [email protected].
Понатаму, Министерство за надворешни работи и надворешна трговија Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736, Е-пошта: [email protected].
Оттаму додаваат дека во рамки на Министерството е формиран кризен штаб кој континуирано ја следи состојбата и е достапен 24 часа дневно за сите потреби поврзани со помош, поддршка и асистенција.
-На крај, уште еднаш ги повикуваме нашите државјани кои се наоѓаат во погодените региони, доколку им е потребна конзуларна помош, без одложување да се обратат на наведените СОС контакти, стои во соопштението на МНРиНТ.