Македонија
Богоевски: Не знаев дека лавот од Форино бил толку чувствителен
Талат Џафери ја прекинал седницата поради однесувањето на колегата Мухамед Зекири. Не знаев дека лавот од Форино бил толку чувствителен“, реагира претседателот на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, Павле Богоевски, по одговорот на спикерот Талат Џафери зошто ја прекинал седницата за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Вељаноски.
„А можеше да го трпи криминалецот на Груевски кога сакаше да се тепа со него за Законот за јазиците. Не, Талат. Ти ја прекина седницата бидејќи сè уште твојата партија е во коалиција со криминалната банда на ДПМНЕ. По сите драми и лаги дека на еден член му се слошило, а сте испратиле возила по другата заменичка. Не ви дозволивме да ја упропастите работата за време на комисиската расправа, ете затоа ја прекина седницата. По парламентарните избори, ја извадивме ДУИ од ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно, не успеавме да ја извадиме ВМРО од ДУИ“, напиша Богоевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ до новоизбраниот претседател на ДКСК: Корупцискиот скандал од 9 милиони евра да биде меѓу првите негови работни задачи
„СДСМ го потсетува ново избраниот претседател на ДКСК, Адем Чучуљ, за корупцискиот скандал од 9 милиони евра и го повикува да биде меѓу првите негови работни задачи. Кои се фактите: Фирма основаната минатата година, со само двајца вработени добива 9 милионски договори за тендери од владата на Христијан Мицкоски. Тендерите се во висина од 9 милиони евра, пари на граѓаните!“, велат од СДСМ.
„Периодот на добивање на сите тендери вредни 9 милион вра е само за шест месеци во 2025 година.
Вкупниот број на добиени тендери е 6 од кои 4 тендери се од Генералниот секретаријат на владата на Мицкоски, еден од ЕСМ и еден од Министерство за администрација.
Документите, фактите и доказите за овој скандал се објавени се сите, достапни се за јавноста и доставени до ДКСК заедно со пријава од страна на СДСМ
Новиот шеф на ДКСК треба само да ги погледне, да ја прочита пријавата на СДСМ и да делува. Работата не е завршена!“, се додава во соопштението на СДСМ.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Меѓународниот ден на лицата со попреченост во посета на училишнот ресурсен центар „Партенија Зографски“
По повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го посети Државното средно училиште со ресурсен центар „Партенија Зографски“ – Скопје, коешто годинава одбележува 70 години постоење.
На свечениот настан, што се одвиваше и на знаковен јазик, се обрати директорката на единственото средно училиште за ученици со оштетен слух и говор во Републиката, раскажувајќи ја долгата, богата и недовршена приказна за многуте генерации посветени професори и вредни ученици, чија желба за учење била крунисана со бројни награди, пехари и медали.
Еразмус акредитацијата многу кажува за успешноста на ова училиште.
Претседателката изрази огромна благодарност и среќа за можноста да го прослави важниот ден и јубилеј со учениците и нивните професори.
Таа посака повеќе вакви училишта, повикувајќи се на уставно утврдената задолжителност на средното образование и загарантираната еднаквост на граѓаните. Укажа на испитување на можноста, со помош на дигитализацијата и вештачката интелигенција, учениците со оштетен слух и говор да можат да се вклучат во редовните образовни институции.
Исто така, посочи на потребата од примена на начелото на афирмативна акција на оваа голема, но недоволно ангажирана категорија луѓе во државната и јавна администрација, образованието, здравството, културата и другите области, заради нивната општествена интеграција, но и придонес во општестевениот развој.
Ученичката претстава покажа дека знаковниот јазик и јазикот на телото, се подеднакво моќни како говорот да го изразат уметничкиот дух и актерска креативност на учениците.
Посетата на ликовната, машинската и текстилната соба/работилница, ни овозможи да влеземе во светот на учениците и наставниците, чиј плод се прекрасни цртежи, практични предмети, интересни фустани, а мултисензорската соба е најпосакуваното место за мир, медитација и имагинација.
Незаборавен ден во „Партенија Зографски“!
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.
Размислував деновиве за 3 декември и за лицата со посебни потреби, некако пологично ми звучи оваа синтагма одошто онаа „лица со попречености”. Знам дека 70 години се долг период, а успесите на ова училиште се извонредни не само во спортот и во уметноста, туку и во многу други области. Некои од вас веќе запознав. Восхитена сум од успесите.
Она што ме загрижува е дека овде имате можност да се едуцирате во две струки: машинската и текстилната. Имам дилема: дали се доволни само овие две области или треба да се отвори простор и за други? Како професорка знам дека студентите сакаат поголем избор, повеќе алтернативи.
Размислувам, со помош на дигитализацијата и вештачката интелигенција дали во иднина и во редовните средни училишта не може да се вклучат учениците со оштетен слух и говор.
Можеби со поголем интерес за знаковниот јазик, полесно ќе се урнат вештачките бариерите? Не го зборувам ова напамет и попусто, оти помнам колкав беше интересот за изучување на знаковниот јазик во Собранието, меѓу пратениците. Значи, мора да се зголеми употребата на знаковниот јазик, а за тоа ни се потребни повеќе експерти, односно преведувачи на знаковен јазик.
Се разбира, малку е едно средно училиште за лица со оштетен слух и говор. Ова важи и за ученичкиот дом во кој живеат учениците од внатрешноста.
Сакам да кажам како гледам јас на „попреченоста“. За мене, таа е само различност. Зошто? Сум слушала и сум запознала луѓе, кои достигнале врвни успеси во различни професии. Вчера, ги видов меѓу наградените. Учењето и творењето треба да се адаптираат на специфичните потреби, за да се откријат и стимулирааат најдобрите.
Можеби треба да го следиме примерот на некои држави, како Финска, со успешни модели на образование, иако и таму се најавува образовна реформа. Финското образование важи за индивидуализирано, односно се адаптира на потребите и афинитетите на ученикот. Тоа е скапо за сиромашна земја, но претставува добра инвестиција.
На примерот на млади луѓе со специфични потреби, кои заминале во странство, каде условите за нивна работа биле далеку попријателски, гледаме дека расцветале. Ова важи и за многу ваши ученици.
Значи, амбиентот може да спречи, или да овозможи да дојде до израз она ,,посебното” што го има секој од вас, а обврската и одговорноста за тоа е на државата.
Како учителка, особено сум љубопитна да го разгледам просторот во којшто учите.
Наставниците мора да ги препознаат и идентификуваат вашите таленти, вашите посебности. Сите ги имаме и ако го препознаеме специфичното кај вас, може да го стимулираме и развиваме.
По претставата на ЕУРЕКА во која учествуваа не само врвни танчарки и танчари, туку и лица со посебни потреби, сфатив дека ништо не е невозможно за никој. Марко, кому му ја врачив наградата е еден од оние кои докажуваат дека храброста, вербата во себе и решеноста да се достигне некоја навидум недостижна цел од неможното прават можно.
Посакувам сите заедно да ги согледаме проблемите со коишто се соочувате, но и да ги решаваме, оти не се доволни убавите зборови, туку потребни се добри дела.
Македонија
Успешно оперирана ретка срцева аномалија кај предвремено родено бебе тешко 2 килограми
Во Клиника Жан Митрев беше изведена успешна корекција на комплексна вродена срцева аномалија кај предвремено родено женско новороденче во 36 гестациска недела. Бебето, прво од близначка бременост, е родено во Приштина со родилна тежина од 2 килограми. Кај новороденчето беше дијагностицирана вродена комплексна кардиопатија, која ги вклучува тотално аномално пулмонално венско дренирање (TAPVR) и атријален септален дефект (ASD).
Оваа комбинација на срцеви маани е исклучително ретка, преваленцата на TAPVR се движи од 0,6 до 1,2 на 10 000 живородени новороденчиња, а меѓу сите вродени срцеви маани само 0,7 до 1,5% припаѓаат на овој тип.

Свесни за итноста на состојбата, родителите ја донесоа малата Озе Абази во Клиника Жан Митрев, на возраст од две недели. По спроведени дополнителни дијагностички процедури и консултација со тимот за кардиохирургија, беше донесена одлука за навремена хируршка корекција на комплексната срцева аномалија.
Хируршката интервенција, изведена од тимот предводен од д-р Жан Митрев, се состоеше од комплетна деривација на пулмоналните вени во левата предкомора, со што се постигна физиолошки нормален проток на крвта.

По успешниот оперативен зафат, грижата за бебето ја презеде неонатолошкиот тим од Центарот за мајка и бебе, со фокус на внимателен хемодинамски менаџмент и стабилизирање на кардиоваскуларната функција. Постоперативниот период претставуваше голем предизвик поради возраста на новороденчето. Благодарение на координираниот тимски пристап и континуираната интензивна грижа, бебето успешно закрепна.
Исходот без оперативен третман е неповолен и со висок процент на смртност, над 80% до крај на првата година од животот. Со современ хируршки и постоперативен менаџмент исходот се менува од состојба која често завршувала фатално до преживување приближно 85%.

По успешно изведената интервенција малата Озе е подготвена да замине дома, со целосно стабилна состојба и реални изгледи за нормален раст и развој.
ПР

