Европа
Путин нареди целосна борбена подготвеност на Северната флота
Претседателот на Руската Федерација и Врховен командант на вооружените сили, Владимир Путин, нареди целосна борбена подготвеност на Северната флота на руската воена морнарица и воздушно-десантните единици во рамките на ненадејната проверка на нивната спремност, објави во понеделникот министерот за одбрана Сергеј Шојгу.
Како што изјавил пред новинарите министерот за одбрана Сергеј Шојгу во Националниот центар за одбрана во Москва, Русија е соочена со новите закани по нејзината безбедност кои ја обврзуваат да ја засили својата одбранбена и воена моќ и воени способности.
„Новите предизвици и закани за воената безбедноста бараат вооружените сили и натаму да г јакнат своите воени способности. Особено внимание мора да им се посвети на стратешките формации на северот“, изјави рускиот министер за одбрана.
Ненадејната проверка опфаќа 38.000 војници, 3.360 единици воена опрема, 41 брод, 15 подморници, 110 авиони и хеликоптери, прецизирал Шојгу. Истовремено, на началниците на разните родови од руската армија, на началниците на штабовите, како и на командантите на главните и централните управи на министерството за одбрана им биле дадени пакети со директивни укази.
„Главната цел на проверката е да се процени способноста на Северната флота за исполнување на задачите во врска со воената безбедност на Русија на Арктикот“, истакнал Шојгу
Тензиите меѓу Западот и Русија се на најниското ниво од завршувањето на Студената војна поради кризата во Украина. Западот ја обвинува Русија дека со воена опрема и регуларни единици интервенира на украинскиот доминантно рускојазичен југоисток, додека Москва упорно го негира тоа и бара докази за таквото тврдење. Од друга страна, Кремељ го обвинува Вашингтон дека е директно одговорен за „државниот преврат“ минатата пролет во Киев со која беше соборен од власт претседателот Виктор Јанукович, и оти ги поддржува националистичките струи кои се одговорни за крвавите судири во земјата.
Минатиот понеделник САД испратија повеќе од сто парчиња тешка воена опрема, особено тенкови и други борбени возила во поранешните три советски републики на Балтикот со објаснување дека ги зајакнуваат своите одбранбени капацитети и да ја одвратат Русија од евентуални закани, кои според Пентагон набрзо ќе достигнат бројка од 3.000 војници и 750 единици воена техника од кои дел трајно ќе останат во регионот. Засилената активност на НАТО е забележлива и на 190 километри од руската граница со Норвешка, исто така членка на Алијансата, каде што во комбинираните десетдневни воени вежби под името „Joint Viking“ ќе бидат ангажирани околу пет илјади војници повеќе од 400 единици воена опрема.
Следниот ден, исто така, започнаа и заедничките поморски маневри на НАТО, во чиј состав се бродови на САД, Италија, Канада, Германија и Турција, со Бугарија и Романија, исто така членки на Алијансата, во водите на Црното Море. Минатите денови беше објавено дека САД планираат да испратат во Украина во периодот од март до октомври најмалку 300 војници во рамките на проектите за соработка со украинската армија. Американскиот воен персонал ќе биде сместен во Меѓународниот центар за поддршка на мирот и безбедноста (International Peacekeeping and Security Center — IPSC) на Јаворовскиот полигон во Л“вовската област во рамките на заедничките воени вежби. Според соопштението на Киев, „предвидено е овие активности да траат од 5-ти март до 31-ви октомври 2015 година, само околу осум месеци“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

