Македонија
Заев: Евро-атлантските интеграциски процеси носат охрабрување, стабилност, безбедност и економски раст
Република Северна Македонија измина една значајна делница од утврдениот пат за остварување на стратешките интереси – на 6 февруари оваа година го потпишавме Протоколот за пристапување во полноправно членство во НАТО во седиштето на алијансата во Брисел, рече претседателот на Владата, Зоран Заев, во неговото обраќање на форумот „Економските предизвици и ефекти од евро-атланските интеграции“ на кој учествуваше на покана на Институтот за стратегија и развој.
„Оваа историска одредница за нашата земја ја постигнавме со вложување на повеќе генерации кои не потклекнаа и напорно работеа да ја реализираме нашата визија и стратешка цел: Да станеме дел од евро-атлантското семејство.
Остварувањето на оваа наша цел има уште поголема суштина и поради неподелената поддршка на сите земји членки на НАТО колку што може побрзо да ја прифатат Република Северна Македонија како полноправна членка, како доверлив и достоинствен партнер во најмоќниот воено-безбедносен сојуз на светот.
Тоа дополнително ги отвора хоризонтите за поголема предвидливост и јасна иднина за нашиот политички и економски прогрес.
Како идна, 30-та земја членка, сакаме да обезбедиме свој придонес за понатамошно обликување на Западен Балкан во мирен, просперитетен и демократски регион, како и да дадеме сериозен придонес во мирот, стабилноста и безбедноста на цела Југоисточна Европа.
Единствениот начин малите земји да влијаат врз политиките и одлучувањето на глобално ниво е да станат партнери преку интеграции во наднационални организации.
Со зачленување во НАТО и ЕУ, по принципот на „еднаков меѓу еднаквите” и принципот на солидарност, ние имаме можност за влијание и еднакво право во носење на одлуките во овие организации.
Сметам дека сите можеме да се согласиме дека за само една и пол година Владата успеа, заедно со граѓаните, заедно со пријателите, вас – меѓу другите и присутни овде, да ја врати земјата на вистинскиот, неповратен евро-атлантски пат, секако со решавање на клучните предизвици за иднината на нашето општество и нашата земја.
Договорите склучени со нашите соседи Бугарија и Грција се непобитен доказ за нашата зрелост и способност да градиме мостови на разбирање, на пријателство и соработка.
Економскиот раст зависи во голема мера од способноста на земјата да обезбеди одржлив мир и стабилност, односно долгорочната безбедност и политичка стабилност.
Членството во НАТО обезбедува поголема безбедност што ја подобрува можноста на земјата да обезбеди политичка и економската стабилност. Членството во ЕУ значи влегување во голем и развиен пазар со што се зголемуваат перспективите за економски раст.
Кај земјите членки на ЕУ и НАТО кои членството го остварија од 2004 година наваму забележан е побрз напредок во структурните реформи за развој на приватниот сектор, а ЕУ, како најголем трговски партнер, придонесува за побрз раст на извозот за новите земји членки во споредба со земјите од Западен Балкан.
И конечно, но не помалку важно, новите земји членки на ЕУ и НАТО покажуваат поголем напредок во однос на институционалната демократија и доброто владеење – слободата на изразување, политичка стабилност, квалитет на регулаторите, ефективност на владата, владеење на правото и контрола на корупцијата.
Тоа се НАТО и ЕУ, евро-атлантските интеграциски процеси носат охрабрување, стабилност, безбедноста којашто дефинитивно дава и позитивни рефлексии.
Затоа со споделувањето на нашите заеднички вредности: посветеност на демократија, на слобода, слободна пазарна економија, почитување на човековите права и владеење на правото, нашата земја ќе го даде својот позитивен придонес како нова, 30-та земја членка на НАТО, и како земја која со право очекува да биде потврден датумот за старт на преговорите за поглавјата за членство во ЕУ.
Јас сакам навистина моментите на нашето зачленување во НАТО да бидат многу логични и со многу оправдани причини.
Со тоа да покажеме и домашен капацитет дека одлуките не само што биле инспирирани од политички мотиви, туку и во суштина нашата земја, пријател со сите, навистина заслужува да биде следната 30-та земја членка на НАТО и земја која ги отвори поглавјата за преговори за членство во Европската Унија“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
,,Реформска агенда и европски пат“: Владата го презентираше напредокот пред ЕУ амбасадорите
Во рамки на брифингот посветен на следењето на напредокот во спроведувањето на Реформската агенда, што се одржа во Владата, а на кој присуствуваа членовите на Владата, амбасадорите на Европската Унија и претставници на меѓународната заедница, беше направен детален осврт на досегашните резултати и идните приоритети во клучните реформски области.
На настанот, свое обраќање имаше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која се осврна на активностите и резултатите на Министерството во делот на праведната транзиција, пазарната интеграција и унапредувањето на енергетската политика во согласност со европските стандарди.
Министерката информираше дека управувачките структури предвидени со Патоказот за праведна транзиција се целосно функционални и дека е успешно усвоен Годишниот план за имплементација за 2026 година, усогласен со стратешките документи и инвестициските приоритети на Владата.
Посебен акцент беше ставен на донесувањето на новиот Закон за енергетика, со кој државата направи значаен исчекор кон целосна усогласеност со Пакетот за интеграција на електричната енергија на Енергетската заедница, како и на напредокот во подготовката на подзаконските акти од страна на АД МЕПСО.
Во своето обраќање, министерката ја истакна и институционалната подготвеност на операторите за практична имплементација на европските пазарни механизми, како и меѓународното признание преку членството во Italian Working Border Table.
Во делот на социјалната димензија, беше потенцирано дека Министерството активно спроведува мерки за заштита на ранливите потрошувачи, со донесена методологија за мерење на енергетската сиромаштија и обезбедена поддршка за илјадници домаќинства.
Дополнително, министерката информираше за усвојувањето на Тригодишниот план за реновирање на објектите на централната Влада. Постигнатите резултати, како што беше истакнато, претставуваат јасна потврда за посветеноста на институциите кон успешна енергетска транзиција, пазарна интеграција и одржлив развој, во интерес на граѓаните и економијата.
Како што најави премиерот Христијан Мицкоски, редовно ќе се одржуваат циклус на средби, односно брифинзи со претставници на земјите членки на Европската унија, кои што се резидентни во нашата земја, се со цел да се информираат меѓународните претставници во однос на реализираните чекори на Реформската агенда.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи со одговорно и транспарентно спроведување на реформите, во тесна соработка со Владата, институциите и меѓународните партнери, со цел обезбедување сигурен, модерен и праведен енергетски систем, додаваат од таму.
Македонија
Минчев: Законот за општа управна постапка е еден од најзначајните системски закони во македонската легислатива
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска се обрати на промоцијата на публикацијата „Коментар на Законот за општата управна постапка“, која претставува значајно стручно дело од областа на управното право и практичната примена на Законот за општата управна постапка (ЗОУП).
Во своето обраќање, министерот Минчев истакна дека ЗОУП е еден од најзначајните системски закони во македонската легислатива, бидејќи ги уредува односите меѓу граѓаните и јавната администрација во сите фази од животот, како и работата на сите државни органи и институции со јавни овластувања.
„Коментарот на Законот за општата управна постапка претставува неопходна практична алатка за службениците во јавната администрација, која придонесува кон законита, стручна и предвидлива примена на законот и ја зајакнува правната сигурност на граѓаните“ истакна министерот Минчев.
Тој ја нагласи и посебната вредност на публикацијата, која е резултат на заедничка работа на еминентни теоретичари и практичари од областа на управното право, и упати честитки до авторите и издавачот за вложениот труд и професионалност.
Министерството за јавна администрација ја поддржува и ја препорачува публикацијата за широка употреба во јавната администрација, како значаен придонес кон унапредување на квалитетот на управните постапки и услугите кон граѓаните, велат од таму.
Македонија
Љутков на Меѓународниот саем за туризам ЕМИТТ во Истанбул
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и националниот координатор за туризам, Аккан Махмут, присуствуваа на свеченото отворање на 29-тото издание на Меѓународниот саем за туризам ЕМИТТ, кој од 5 до 7 февруари се одржува во Истанбул, Република Турција.
Во рамките на саемот, Љутков оствари средба со претседателот на Турската асоцијација на туристички агенции (ТУРСАБ), Фируз Багликаја, на која се разговараше за унапредување на туристичката соработка, развој на заеднички туристички производи и културни рути, како и промоција на културниот и креативниот туризам меѓу Македонија и Турција. Инаку, досегашната континуирана соработка со ТУРСАБ е насочена кон промоција на нашата земја како туристичка дестинација и развој на туристички бизнис-релации.
Турција е еден од најзначајните туристички пазари за нашата земја, со над 500 илјади остварени ноќевања минатата година од туристичките посети. Македонската туристичка понуда веќе 15 години континуирано е претставена на Саемот за туризам во Истанбул, кој е една од највлијателните туристички изложби во регионот и пошироко. Секоја година обединува околу 30 000 туристички професионалци и љубители на патувањата, и е платформа за промоција на дестинации, туристички производи и нови можности за соработка.
Оваа година, Саемот се одржува во „Експо-центар Истанбул“ (IFM), со учество на над 656 изложувачи од 109 земји и присуство на околу 660 туроператори, што дополнително го потврдува неговото значење како клучен меѓународен настан за развој на туристичката индустрија.

