Македонија
95 новозаразени со сипаници, бројката се намалува, но епидемијата не стивнува
Во последните шест дена, од 20 до 25 април, пријавени се 95 нови случаи на заразени со сипаници. Во споредба со претходната недела, бројката на новозаразени е намалена, но епидемиолозите велат дека тоа не значи оти епидемијата стивнува. Претходната недела има 121 нов случај на заразени со сипаници.
„Информацијата е пократка за еден ден од вообичаениот период за кој правиме пресметка поради празникот. Може да се случи до утре да се пријават уште десет заболени и да имаме приближно иста бројка. Намалување не може да констатираме за недела или две. Потребно е да поминат барем од три до четири недели за да можеме да кажеме дали има надолна тенденција. Она што е добро е што бројот не расте. Ќе се одржува едно ниво, особено поради случаите што не се од Скопје. Исти мерки се преземаат во сите градови, но очекувано е бројот на заболени што не се од Скопје да се одржува подолго време оти се работи за повеќе градови и на повеќе места на кои треба да се интервенира“, изјави епидемиологот Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје, за „А1 он“.
Во неделниот извештај за состојбата со сипаниците во последната недела стои дека од вкупниот број нови заболени, 60 случаи се од Скопје, а другите 35 се од 8 други градови во С. Македонија – Струга (11), Гостивар (7), Куманово (6), Тетово (6), Охрид (2), Велес (1), Прилеп (1) и Валандово (1).
Во тек на оваа недела најголем број случаи (62) се на возраст над 20 години.
Според вакциналниот статус, 68 отсто, односно 71,6 отсто од регистрираните случаи се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Вкупно, од почетокот на епидемијата во декември 2018 регистрирани се 1.175 случаи на мали сипаници со стапка на заболување од 56,8 на 100.000 жители, што претставува највисок број регистрирани случаи во последните 10 години.
Поради исполнување на епидемиолошките критериуми, епидемија од мали сипаници е прогласена на целата територија на Републиката.
Според местото на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 21 град од Македонија, од нив 751 случај се од Скопје, Куманово – 109, Тетово – 99, Струга – 61, Кичево – 30, Гостивар – 27, Велес – 25, Гевгелија – 18, Дебар – 17, а во другите градови се регистрираат по помалку од 10 случаи.
Најголем број од случаите се од возрасната група над 30 години – 504. Пријавени се 200 деца на возраст под една година, а децата на возраст од 1 до 4 години се регистрираат со 202 случаја. Според вакциналниот статус, 895 или 76,1 отсто од заболените лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните лица, 200 се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација во согласност со календарот за имунизација.
Од 202 заболени деца на возраст од 1 до 4 години, 88,1 отсто се невакцинирани или со непознат вакцинален статус, а од 674 заболени кај лицата над 20-годишна возраст, 65,4 отсто се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Од пријавените случаи, 480 или биле хоспитализирани, а кај 205 се регистрирани компликации. Од нив, најголем број компликации – 54 биле кај деца на возраст под една година, а во 43 случаи се кај деца на возраст од 1 до 4 години, што укажува дека оваа возрасна група е најзасегната и подложна на компликации, известуваат од Институтот.
Во Скопје од почетокот на епидемијата вакцинирани се 12.848 деца до 14-годишна возраст.
Во другиот дел од државата вакцинирани се 8.320 деца до 14-годишна возраст со прва или втора доза.
Вкупниот број вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП-вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 21.168.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Сервисни информации
Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено
Времето денеска со претежно ведро и наместа постудено утро. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Во сабота попладне ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Потоа следува период на стабилно и топло време.
Скопје
Без струја делови од општините Петровец, Ѓорче Петвов и Сарај
ЕВН Македонија АД известуваат дека без електрична енергија денеска ќе останат делови од општините Петровец, Ѓорче Петвов и Сарај.
– во периодот од 08.30 до 14.30 часот, корисниците од с. Кожле, Тунел Катланово, с.Бадар (општина Петровец)
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од дел од ул. 52 кон обиколница во Стопански Двор ( општина Ѓорче Петвов )
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците во Сарај кај општината (општина Сарај)
Македонија
Сајкоски: Вчера докажавме дека Македонија не толерира некој да ја тероризира– граѓаните во нас препознаа луѓе кои ќе донесат правда во државата
„Вчера докажавме дека само заеднички, единствени како никогаш досега можеме да успееме. Можеме да успееме заеднички и да прегазиме секој противник, секој оној којшто прави штета на нашата држава и затоа ќе го снајде она што го снајде овој наш противник вчера. Ќе го снајде истото и на 8 мај. Голема победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Mакедонија“, голема победа на македонските граѓани и македонскиот народ. Почитувани кичевчани вие го покажавте револуционерниот дух. Тој никогаш не згаснал во вас. Покажавме дека можеме и дека ќе направиме се, дека имаме храброст, дека имаме елан да се спротивставиме и дека ние сме победнички расположени. Победнички за да ја донесеме Македонија онаму каде што и е местото Им дадовме јасно до знаење дека Кичевчани не толерираат повеќе изживување врз нив. Дека Македонија не толерира повеќе некој да ја тероризира! Ние не толерираме да лажат и крадат. Ние таквите ги казнуваме“, истакна на вечерашниот митинг во Кичево носителот на листата на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 5, Ѓорѓија Сајкоски.
Тој исто така повика на уште помасовна излезност на 8 мај за да се донесе историска победа за Македонија.
„Сакам исто така да ве повикам на 8 мај да излеземе во што поголем број и да донесеме историска победа на Македонија. Да донесеме историска победа за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, потенцираше Сајкоски.
Тој истакна и дека оваа е историска победа бидејќи граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ препознаа луѓе коишто можат да ја донесат правдата во Македонија.
„Ние почитувани испишуваме историја. Испишуваме историја затоа што првпат од позиција на опозиција води некој политички субјект во Македонија со 180 илјади гласови. Испишуваме историја затоа што во нас препознаа македонските граѓани луѓе коишто се чесни, коишто се трудољубиви и луѓе коишто можат да ја донесат правдата во Македонија“.
Тој упати порака и до оние кои не излегоа на гласање дека ако сакаат да живеат во подобра Македонија треба да се придружат во големата победа на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако сме согласни дека треба да имаме подобро здравство, подобро образование, дека инфраструктурата во ИЕ 5 е катастрофална и дека треба да направиме комплетно нова, придружете се. Придружете се во голема победа за Македонија. Придружете се и само така, само единствени може да победиме и може да донесеме влада којашто никој не може да ја уценува и може да донесеме премиер што испорачува. Да испорача да имаме одлична инфраструктура, да бидеме први во регионот наместо последни и да направиме економски бум“, истакна Сајкоски и додаде:
„Поканете го секој, разговарајте со секој затоа што ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ се политички субјекти којшто мислат добро за сите во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го заслужува вашиот глас, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ беше и остана браник на македонската државност“.