Европа
Водач на маоистички култ 23 години затвор за силување на следбеничките
Водач на маоистички култ во Велика Британија, осуден за силувања и физички злоставувања на своите следбенички и држење во заточение на сопствената ќерка повеќе од 30 години, започна во петокот со отслужувањето на 23-годишната затворска казна.
Сега 75-годишниот Аравиндан Балакришнан, познат како „другарот Бала“, сексуално ги понижувал и физички и психички ги злоставувал жените кои ги држел под контрола. Обвинителите велат дека својата комунистичка комуна на југот од Лондон ја претворил во личен култ со следбеници кои верувале дека тој е божество.
Неговата ќерка Кети Морган-Дејвис, која е родена од една од следбеничките, исто така била злоставувана, многу ретко ја напуштала куќата и никогаш не одела во училиште, не си играла со други деца и не била на лекар.
„Сакаше насилство и тоталитарна диктатура. Сакаше да биде таков, како Сталин, Мао или Пол Пот“, изјави Кети за телевизијата Sky.
Балакришнан, низок побелен старец со очила, ги отфрла сите обвиненија, но судот во Лондон во декември минатата година го прогласи виновен за злосторства кои траеле 34 години, вклучително и за свирепост кон деца, незаконско лишување од слобода, силување и непримерни напади.
Во 1970-те години почнал како харизматичен водач на комунистичка група во јужен Лондон наречена Работнички институт, кој го промовирал учењето на Мао Цетунг, основачот на комунистичка модерна Кина. Меѓутоа, со текот на времето бројот на следбениците се намалил, мажите биле избркани, а на преостанатите жени мозокот толку им го „измил“ што започнале да веруваат дела Балакришнан е семоќен.
Им се заканувал со наводна машина за контрола на умот која ја нарекол „Jackie“ што е акроним од Jehova (Јахве), Allah (Алах), Christ (Христос), Krishna (Кришна) и Immortal Easwaran (Бесмртниот Еасваран, индиски учител за медитација).
Британската јавноста дозна за овој случај која Кети,на 30-годишна возраст, во 2013 година успеала да избега, заболена од дијабетес и хроничен постравматски стрес./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Советник на Путин: Мирот е можен само ако Русија добие пет украински региони
Близок советник на рускиот претседател Владимир Путин изјави дека и Украина и Молдавија би можеле да престанат да постојат како независни држави, во интервју за рускиот весник Комсомолскаја Правда објавено вчера.
„Не може да се исклучи дека Украина оваа година ќе престане да постои“, изјави Николај Патрушев, поранешен секретар на Советот за национална безбедност на Русија.
Тој додаде дека Молдавија најверојатно „ќе се приклучи на друга држава или целосно ќе престане да постои“.
Москва ќе прифати мировно решение со Украина само под услов да го задржи анектираниот полуостров Крим, како и украинските региони Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон, рече тој.
На прашањето за плановите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да стави крај на војната, Патрушев рече дека претпоставува дека разговорите за Украина меѓу Русија и САД треба да се одржат без учество на други западни земји.
Тој додаде дека нема што да се разговара ниту со Европската унија ниту со Велика Британија.
Тврдокорниот Патрушев (73) е близок соработник и советник на Путин. По 16 години на чело на рускиот Совет за безбедност, тој беше сменет во мај минатата година и назначен за советник на Кремљ за бродоградба.
Европа
Огромен ракетен напад врз Украина, експлозии во милионскиот град
Во тек е масовен руски напад со крстосувачки ракети и беспилотни летала врз Украина. Прогласена е закана од воздушен напад низ целата земја.
Силни експлозии се слушаат во Харков, вториот по големина украински град со еден милион жители. Како што предупреди украинското воздухопловство, шест групи крстаречки ракети летаат кон регионот на Киев.
Се стравува дека можна цел е киевската хидроцентрала на реката Днепар на северот од земјата.
Европа
Германскиот министер за одбрана ненајавено допатува во Киев
Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, денеска е во Киев на разговори со украинската влада, во посета што претходно не беше најавена од безбедносни причини.
По пристигнувањето, Писториус рече дека сака да разговара за понатамошната помош и да добие увид во воената ситуација.
„За мене е важно со ова патување да покажам дека продолжуваме активно да ја поддржуваме Украина“, изјави Писториус за ДПА во Киев. „Тоа е сигнал дека Германија, како најголема НАТО-земја во Европа, стои со Украина“, рече тој.
Неговото патување доаѓа помалку од една недела пред враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, што фрла сомнеж за идната американска воена помош за Украина бидејќи сеопфатната руска инвазија се приближува кон својата четврта година.
Писториус во понеделникот вечерта во Варшава разговараше за европската помош за Украина со своите колеги од Полска, Франција, Италија и Велика Британија.
Со заканата од ослабена американска поддршка за време на Трамп, Берлин е желен да помогне во почнувањето на напорите за зајакнување на домашната индустрија за оружје на Украина заедно со четирите главни европски партнери, изјави германскиот министер за одбрана во полскиот главен град. „Ако има пари, ако има капацитет за производство на оружје, тогаш самата Украина ќе биде најбрза во снабдувањето на сопствените војници со материјал и оружје“, рече Писториус во Полска.