Европа
Минск: Дипломати гледаат ’надеж’, за Порошенко ’неприфатливи’ руските предлози
Челниците на Украина, Русија, Германија и Франција по целоноќните преговори можеби се наоѓаат пред постигнување договор за решавање на украинскиот судир, изјавија во четвртокот наутро дипломатски извори, додека украинскиот претседател Петро Порошенко пред почетокот на новата сесија преговори изјави нема добри новости, а некои предлози на руската страна ги нарече „неприфатливи“, а други извори, пак, велат дека е при крај конечниот документ од 10 точки.
Преговарачите собрани во белоруската престолнина Минск во обидот да постигнат мировен договор за Украина се надеваат дека Контактната група, односно претставниците на Украина, Русија и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), која ги олеснува преговорите меѓу властите во Киев и одметнатите источни рускојазични регион Донецк и Луганск, би можела да потпише договор во петок, изјави дипломатски извор за AFP.
„Има надеж дека Контактната група ќе потпише договор“, изјавил неименуван извор на агенцијата истакнувајќи дека текстот би се однесувал „на конкретното спроведување на договорот постигнат во Минск на 5-ти септември“.
Од друга страна, украинскиот претседател Петро Порошенко изјави дека од Минск „За жал, сé уште нема добри вести. Во моментов нема ниедна новост. Но надеждта се уште постои“, изјави Порошенко велејќи, без да навлегува во детали, дека некои има некои „неприфатливи услови“ од руската страна.
Претседателите на Русија, Украина и Франција, Владимир Путин, Перо Порошенко и Франсоа Оланд, и германската канцеларка Ангела Меркел го продолжуваат во четвртокот маратонскиот состанок започната пред 14 часа во Палатата на независноста.
„Русија ќе продолжи да им дава политичка и морална поддршка на жителите од источна Украина., а тоа нема да влијае на актуелните преговори“, изјави за американската телевизиска мрежа CNN, постојаниот руски претставник во ЕУ, Владимир Чижов. На прашањето што Русија добива од средбата во Минск, тој вели дека „Русија има низа предлози. Всушност, првичниот договор од Минск е направен врз основа на предлогот на претседателот Путин“, потсети Чижов на телефонскиот разговор меѓу рускиот и украинскиот претседател еден ден пред одржувањето на средбата на Контактната група ланскиот 5-ти септември кога беше соопштен предлогот на Путин од 12 точки кои подоцна станаа основа за ткн Мински протокол, кој беше уточнет на 19-ти септември.
Украина, нормално не може да суштествува изолирано од Русија. Доставувањето на западно оружје „би претставувало безумие“, коешто „ќе им наштети првенствено на самите Украинци“, смета поранешниот амбасадор на САД во Москва, Џек Метлок, кој за кризата зборуваше во Националниот клуб на новинарите во Вашингтон, пренесува Reuters.
На прашањето дали западноевропските земји можат да го спречат Вашингтон да им испорачува смртоносно оружје на властите во Киев, Метлок изјави дека „Се надевам оти можат. И Оланд, и Меркел, јасно говорат дека не не треба да има снабдување со оружје. И да се одите против нив по тоа прашење, за нас (САД) би претставувало безумие“, вели американскиот дипломат./.крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.
Европа
Лавините на француските Алпи убија тројца скијачи
Тројца скијачи загинаа вчера во одделни лавини на француските Алпи, само еден ден откако три други лица загинаа во слични несреќи, објавија локалните медиуми.
Во Ла Плањ, британски државјанин, на возраст од околу 50 години, беше затрупан од снег, објави скијачкиот центар. Француските медиуми објавија дека 52 спасувачи, кучиња-трагачи и хеликоптер биле вклучени во потрагата и дека им биле потребни 50 минути за да пронајдат маж под 2,5 метри снег, но не можеле да го спасат.
Во блискиот Куршевел, лавина затрупала уште едно лице кое било пронајдено мртво во доцните утрински часови, според извештаите.
Регионалниот дневен весник „Le Dauphiné libéré“, исто така, објави за неколку повредени скијачи и сноубордери.
Според извештаите на медиумите кои се повикуваат на планинската полиција, 32-годишен маж загинал во лавина во Валорцин, во близина на швајцарската граница. Тој скијал надвор од стазата кога лавина го исфрлила во дрво, а подоцна им подлегнал на повредите.
Властите повикаа на претпазливост
Еден ден претходно, уште три лица загинаа во истиот регион.
Во неделата беа пријавени неколку лавини низ Савој, што ги натера локалните власти да ги повикаат жителите и туристите да бидат „екстремно внимателни“ и да не излегуваат надвор од назначените скијачки патеки.
Европа
Британски скијач загина во лавина на француските Алпи
Британски скијач загина вчера во лавина во Француските Алпи. Несреќата се случила додека мажот, за кој се верува дека е во педесеттите години, скијал надвор од пистата во популарното одморалиште Ла Плањ, објави Скај њуз.
Обемна операција за спасување
Спасувачките екипи беа повикани на лавината попладнето во 13:57 часот и веднаш се упатија кон местото на настанот во југоисточна Франција. Голем тим од 52 лица, вклучувајќи медицински персонал и инструктори за скијање, беше вклучен во потрагата, а со хеликоптер беше донесено и куче трагач.
И покрај брзата реакција, Англичанецот беше пронајден дури по 50 минути пребарување, закопан под 2,5 метри снег.
Скијал без потребната опрема
Според соопштението од одморалиштето, човекот што починал бил во друштво на група, но не бил опремен со примопредавател за лавина ниту бил придружуван од професионален инструктор. Скијачкиот центар Ла Плањ изрази сочувство до семејството на починатиот.

