Регион
Трагедија во Војводина, во Тиса се удавија три деца
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/10/640004_potraga4_f.jpg)
Три деца, на возраст од 12, 13 и 15 години се удавиле во саботата доцна попладнето во реката Тиса, кај местото Ѓала во северниот дел од српската покраина војводина, објавија во неделата локалните медиуми, така што за само една седмица во Војводина се удавија пет деца.
Потрагата по децата продолжува и во неделата, откако поради темницата била прекината во саботата околу 22 часот.
Трагедијата се случила, според весникот Блиц, кога 15-годишната Кристијана ја повлекла водата и таа почнала да се дави бидејќи не знаела да плива, а двете нејзини другарчиња, Ласло и Даниел скокнале во реката за да ја спасат, но сите три деца потонале во водите на Тиса,
На дивата плажа кај местото Ѓале во времето на несреќата имало уште две девојчиња кои не влегувале во водата кога се случил трагичниот настан. Според Радио-телевизија Војводина, сите пет деца биле без придружба на возрасни лица.
Исчезнувањето на децата во реката било пријавно во полицијата околу 16 часот, а полицијата од местото Нови Кнежевац, Жандармеријата и нуркачи од Белград до доцна во ноќта безуспешно пребарувале во водите на непридвидливата Тиса.
Медиумите потсетуваат дека во реките во Војводина за само седум дена се удавила пет деца. Минатата сабота на Шатриначкото езеро се удавило 17-годишно момче, а во петокот околу пладне, додека се капел на реката Тамиш кај Панчево, се удавило и 14-годишно дете./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Регион
Турист пронајден мртов во Грција
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/08/grcija-plaza.jpg)
Американски турист (55) денес бил пронајден мртов на грчкиот остров Матраки.
Раниот топлотен бран се совпадна со бранот на исчезнувања и смртни случаи на туристи.
„Постои заедничко нешто. Туристите кои починаа планинареа на високи температури“, изјави за Ројтерс, Петрос Василакис, портпарол на полицијата во Јужното Егејско Море.
Телото на британскиот ТВ водител Мајкл Мозли беше пронајдено на 9 јуни на островот Сими по четиридневна операција за пребарување со помош на авиони и дронови. Мозли наводно одел сам на високите температури пред да исчезне.
Полицијата не го откри идентитетот на Американецот чие тело во неделата беше пронајдено во близина на плажата во Матраки.
– Телото е префрлено на Крф каде ќе биде извршена обдукција – изјави полициски претставник за Ројтерс.
Друг турист, Холанѓанец, кој имаше 74 години, беше пронајден мртов на островот Самос во саботата, додека двајца планинари беа пронајдени безживотни на Крит на 5 јуни.
Спасувачките екипи трагаат по две постари Французинки на Сикинос и по американски полицаец (59) на Аморгос.
– Во тек се две операции за пребарување на други острови. Распоредени се спасувачки екипи и доброволци кои со помош на дрон и куче спасувач трагаат по исчезнати лица – изјави Василакис.
Регион
Топлотен бран на Балканот, во Албанија и Србија температурата надминува 40 степени
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/toplo-vreme.jpg)
Нов топлотен бран го зафати Балканот во понеделникот, три недели откако претходниот бран предизвика прекин на електричната мрежа во неколку земји во регионот.
Во Албанија, каде што температурите надминуваат 40 Целзиусови степени, владата утринава предупреди дека „намерно или случајно предизвикување пожар“ се казнува со 15 години затвор.
Во Србија хидрометеоролошкиот институт РХМЗ денеска предупреди на силен топлотен бран прогнозирајќи дека ќе трае цела недела со температури до 40 степени и тропски ноќи во градските средини. Институтот прогласи портокалова тревога за добар дел од земјата.
Во Косово горештините се придружени со ветер и песок, а на граѓаните им се препорачува да не излегуваат на сонце.
„УВ-индексот ќе биде многу висок“, предупредија властите апелирајќи до возачите да бидат внимателни.
За време на претходниот топлотен бран, на 21 јуни, електричната мрежа се расипа во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Албанија.
Регион
Хрватска повлекува морска сол од пазарот поради присуството на пластика
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-08-130327.jpg)
Државниот инспекторат на Хрватска ја повлече од пазарот јодираната морска сол произведена од Котањ поради идентификувани пластични честички настанати при мелењето сол.
Како што е наведено на веб-страницата на Хрватската агенција за земјоделство и храна, производот не е во согласност со Регулативата 178/2002 за воспоставување на општите принципи и услови на законот за храна, формирање на Европската агенција за безбедност на храна и воспоставување процедури во областа на безбедноста на храната.
Станува збор за морска сол од 92 грама, со рок на употреба до 4 јуни 2026 година, 4 јули 2026 година, 9 септември 2026 година, 17 октомври 2026 година и 18 декември 2026 година, објавено е на веб-страницата „Котањи“, пренесува „Н1“.