Регион
Во Приштина прекинато снабдувањето со вода поради можен терористички напад
Градските власти во Приштина превентивно го прекинаа снабдувањето со вода за речиси половината од косовската престолнина откако полицијата во саботата уапси вкупно пет мажи под сомневање дека подготвувале терористички напад врз инфраструктурата на акумулацијата од којашто градот се снабдува со вода.
Тројца мажи во два автомобила беа уапсени околу час и половина по полноќ кон саботата во близина на вештачкото Бадовачко езеро, а уште двајца подоцна во текот на денот, под обвинение дека подготвувале терористички напад врз системот кој ја снабдува со вода Приштина и неколку околни места. Кај нив се најдени оружја, муниција и материјали кои укажуваат на поврзаност со џихадистичката Исламска дражва.
Регионалната компанија за водоснабдување на Приштина (KURP) објави дека ги исклучила постројките за преработување на водата на езерото Бадовци по апсењата за да утврди дали има загадување на водата. „Го проверуваме квалитетот на водата, и нема да го продолжиме снабдувањето додека тестовите не покажат дека водата е чиста“, изјави за косовското радио портпаролката Арјеа Мјаку. Според неа езерото обезбедува 40 отсто од водата за пиење во Приштина.
Приштинските медиуми предупредуваат дека во случај на сериозни оштетувања на инфраструктурата кај Бадовци, тоа подолготрајно силно ќе се одрази врз животот на стотици илјади луѓе. Сознанијата говорат дека косовската полиција поседувала сознанија и документи кои сугерираат за подготвување диверзии врз тамошните системи за водоснабдување.
Полициски извор кој сакал да остане анонимен, откако претходно приштинските медиуми објавија наводен таен документ на косовската полиција според кој македонски Албанец кој се борел во редовите на Исламската држава во Ирак и во Сирија контактирал со истомисленици на Косово и предлагал терористички напади во Приштина и во Скопје, за Reuters рекол дека двајца од денеска уапсените уште минатата година биле приведени под сомневање дека се бореле во Сирија.
Безбедносни извори рекле дека во Сирија и во Ирак заминале повеќе од 200 луѓе од Косово, како и дека повеќе од 30 загинале на тамошните боишта.
Веста за апсењето на другите две лица во саботата ја потврдил и портпаролот на косовската полиција, Баки Кељани, и додал дека другите апсења се резултат на продолжената истрага на органите за борба против тероризмот во врска со ноќешните апсења, пренесе весникот Bota Sot.
Во меѓувреме експертот за безбедносни прашања Бурим Рамадани за Radio Kosovën изјави дека станува збор за алармантна ситуација којашто бара тесна соработка на сите институции. Според него, Косово влегува во фазата на директни закани за терористички напади./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.