Европа
Порошенко не е уверен во исполнување на договорот од Минск
Украинскиот претседател Петро Порошенко изјави во петокот дека претходниот ден договорените во Минск одредби за постигнување мирно решавање на украинската криза во побунетиот рускојазичен источен регион Донбас, даваат надеж, но оти самиот тој не е убеден дека тие сигурно ќе бидат исполнети.
Во четвртокот во белоруската престолнина Минск, претседателите на Украина, Русија и Франција, Петро Порошенко ., Владимир Путин и Франсоа Оланд, и германската канцеларка Ангела Меркел, по 16-часовни преговори објавија дека постигнале договор за итно и сеопфатно прекинување на огнот кое треба да започне од полноќ во недела 15-ти февруари, да се повлече тешкото вооружување најдоцна вториот ден по прекинот на огнот и тоа да заврши најмногу за 14 денови. Меѓу другите одредби е и онаа дека до крајот на 2015 година Украина треба да направи уставни реформи, а побунетите источни региони Донецк и Луганс со тоа би добиле специјален статус и поголема самоуправа.
„Успеавме да постигнеме договор кој дава надеж дека состојбата во Донбас од вжештена фаза на крајот ќе мине во состојба на политички договор. Сакам никој да нема илузии дека сум бил наивен, ние сме многу заинтересирани за мирот…, но мирот за нас се уште е далеку, и цврсто сум убеден дека никој не е сосема убеден дека условите за мирот кои ги потпишавме во Минск, доследно ќе бидат исполнети“, рече Порошенко за време на посетата на тренинг центар на Националната гарда на Украина.
Според украинскиот претседател, карактеристично за постигнатите договори е тоа што тие не беа резултат на преговорите водени во рамките на тристраната Контактна група, којашто ја сочинуваат претставници на Украина, Русија и на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), туку директно меѓу челниците на Украина, Русија, Франција и Германија/
„Постои надеж сé уште дека од овој момент ќе тргне во правец на деескалација, прекин на огнот, повлекување на оружјето, и токму тој пат, се надевам, ќе не воведе во мир“, истакна Поришенко .
Притоа украинскиот претседател додаде дека Киев ќе продолжи да настојува за ослободувањето на украинската борбена пилотка Надежда Савченко, којашто е во притвор во Москва каде што против неа се води судски процес во кој е обвинета за соучество во убиство на двајца руски новинари.
„Вчера, меѓу другото, се договоривме и за ослободување на заробените и заложниците, стотици Украина коишто се наоѓаат во нехумани услови, мора да бидат ослободени во рок од пет дена по повлекувањето на тешкото вооружување. Беше пооставено и прашањето за ослободувањето на украинската хероина Надежда Савченко, целиот свет бара од Русија Надја да ја врати дома, и ние ќе го продолжиме тој притисок“, додаде Порошенко
Меѓутоа, како што претходно изјави во Москва портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, прашањето на украинската пилотка Савченко не било споменато на средбата на четворицата челници во Минск. Потврди дека украинската страна го покренала проблемот, на што рускиот претседател Владимир Путин „повторил“ дека случајот ќе има судска разрешница.
Триесет итри-годишната украинската воена пилотка Савченко, која е притворена во Москва од јуни 2014 година, и којашто 63 дена штрајкува со глад е обвинета дека е вмешана во смртта на двајцата руски новински известувачи, Игор Корнелјук и Антон Волошин, кои загинаа на истокот на Украина во јуни и се наоѓа под истрага на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ). Нејзините адвокати соопштиле дека Савченко започнала штрајк со глад.
Савченко беше заробена од проруските борци во источна Украина и пренесена во Москва, каде што е во притвор. Русија соопшти дека таа ја преминала границата по своја волја, претставувајќи се како бегалец.
И претходно во руските медиуми се шпекулираше дека Савченко нема да биде дел од мировниот договор од Минск, бидејќи е обвинета за сериозно злосторство. Челничката на руската Комисија за човекови права, Ела Памфилова, во петокот ја посети Савченко во затворската болница. Адвокатот на Савченко, Илја Новиков на Twitter објави „Веројатно ќе се обиде да ја убеди да бара помилување”./крај/мф/сн
Извор: AFP/РИА Новости
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

