Црна хроника
Малолетници се тепале во автобус на ЈСП

Возач на автобус на ЈСП со број 50 на 25 април пријавил инцидент кој настанал меѓу две групи малолетници во близина на автобуската постојка кај клучката „Дијамант“ пред ДАСУЦ „Боро Петрушевски“, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Според изјавата на возачот двете групи ученици без повод и причина почнале вербална расправија која прераснала во тепачка.
Возачот на автобусот, застанал на постојката, ги отворил вратите и почнал да ги разделува учесниците во тепачката но откако не успеал во намерата дел од средношколците се симнале и почнале да фрлаат камења и тврди предмети кон автобусот, при што било скршено стаклото од предната врата на автобусот.
На местото на инцидентот веднаш пристигнале четири тима на „Алфа” Единицата за прв одговор и интервенција при што од слобода лишиле осум малолетници, а тројца успеале да избегаат.
По извршените разговори со учесниците во тепачката и двете групи изјавиле дека меѓусебно не се познаваат, немаат претходни расправии и недоразбирање и никој незнаел да наведе зошто почнале вербална расправија.
Од МВР истакнуваат дека инцидентот веднаш бил расчистен и документиран, а СВР Скопје-ПСОН „Гази Баба”, издала единаесет платни налози против исто толку малолетни лица, за нарушување на јавниот ред и мир со тепачка.
Извршено е фотографирање и на оштетениот автобус, за што по утврдување на сторителот на кривично дело „Оштетување туѓи предмети”, ќе следи соодветен поднесок, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Кривична пријава за поранешен директор на јавното комунално претпријатие од Струмица

Полицијата поднесе кривична пријава против З.Г.(56) од Струмица, поранешен директор на јавно комунално претпријатие од Струмица поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и против Е.Н.(42), управител на правно лице од Струмица за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Првопријавениот З.Г., извршувајќи ја функцијата директор на јавно комунално претпријатие од Струмица во текот на 2022 година, злоупотребувајќи и искористувајќи ја својата службена положба склучил договор за период од 10 години за закуп на деловен простор лоциран во Градската капела на Градските гробишта во Струмица со пријавената Е.Н. како управител на правното лице од Струмица, со закупнина од 14.200 денари со ДДВ месечно или вкупно 170.400 денари за една година.
Во 2023 година пријавените З.Г. и Е.Н. со умисла извршиле и второ временски поврзано дејствие, односно потпишале уште еден ист договор за закуп за период од 10 години и покрај тоа што претходниот договор од 2022 година бил во важност, за кое нешто од страна на Е.Н. како управител веднаш е извршена уплата за закупнина во вкупен износ од 1.704.000 денари.
Од горенаведеното е утврдено дека првопријавениот З.Г. во текот на 2022 година и 2023 година и овозможил на второпријавената Е.Н. како управител на правното лице од Струмица да врши дејност во објект кој согласно Законот за гробишта и погребални услуги не смеел да се издава на трети лица и со тоа дејствие истиот овозможил јавното комунално претпријатие противправно да се стекне со 1.874.400 денари.
Црна хроника
Уапсен крадец од Кавадарци – крадел во куќи, викендички, продавници

Полицијата поднесе кривична пријава против О.В.(42) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторени 11 кривични дела, од кои девет кривични дела „тешка кражба“ и две кривични дела „кражба”.
Во периодот од септември 2024 година до јануари 2025, О.В., најчесто со употреба на сила и подесен алат, од викенд куќи, семејни домови, верски објекти и продажен објект, на подрачје на Кавадарци и Росоман украл различни предмети.
Со извршување на делата тој се стекнал со противправна имотна корист од околу 466.000 денари. На 16 јануари О.В. е ауспен, а по издадена наредба од Основен суд Кавадарци, при извршен претрес во домот каде престојувал, биле пронајдени и одземени предмети од извршените кривични дела.
Црна хроника
Малолетничка од Чашка повредена во сообраќајна несреќа

Вчера во 18.05 часот во СВР Велес било пријавено дека на крстосницата од улицата „Илинденска“ со улицата „Коста Рацин“ во општина Чашка се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фиат пунто“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Ѓ.Н.(66) од Велес и електричен тротинет, управуван од малолетничка од Чашка.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила малолетничката, констатирани во Општата болница Велес.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Велес.