Топ
Камион поклопи маж при истовар на стока

Педесет и седумгодишен маж од село Скудриње вчера почина кога бил поклопен од неговиот камион ТАМ. Несреќата се случила кога камионот се придвижил откако претходно човекот го паркирал со намера да истовари стока во касапница.
Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Гостивар. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено за обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јаневска за одењето во Здравство: Ќе бидам таму каде што премиерот ќе одлучи дека државата има потреба од мене

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, втор ден резервирано одговара на прашањата дали ќе стане министерка за здравство, иако албанскиот партнер во Владата јавно зборуваше за размена на ресори со ВМРО-ДПМНЕ по излегувањето од владината коалиција на Алијанса за Албанците. Денес на на поставувањето камен-темелник на училишна спортска сала во подрачен објект на ОУ „Гоце Делчев“ во село Долно Лисиче, Општина Аеродром Јаневска кажа дека за тоа ќе одлучат премиерот и преговарачкиот тим, а Премиерот, пак, побара трпение за измените.
„Оваа држава има премиер, претпоставувам дека има и преговарачки тимови. Јас ќе бидам таму каде што премиерот ќе одлучи дека државата има потреба од мене“, одговори министерката Јаневска на прашањето дали ќе оди на чело на ресорот здравство.
Премиерот, пак, Христијан Мицкоски, рече дека до крајот на оваа недела има настани, ќе патува и во Тирана па за кадровските решенија ќе одлучува следната недела, но синоќа добил овластување од извршниот комитет.
„Народски кажано добив дозвола од Извршниот комитет за номинирање нови имиња кои ќе ги заменат имињата на оние кои одлучија да одат во регратките на Али Ахмети и на Демократската унија за интеграција односно луѓето од партијата на господинот Арбен Таравари. Во периодот што следи многу работи ќе бидат појасни. Да бидеме трпеливи и да разговараме, а во тие разговори сигурен сум дека ќе постигнеме договор. Очекувам веќе во следната недела да има повеќе на оваа тема“, рече премиерот Мицкоски.
До следната недела премиерот Мицкоски побара јавноста да почека одговор не само на прашањата за имиња на нови министри туку и на и на прашањето дали министерските места на Алијанса за Албанците ќе бидат дадени на „Вреди“ или ќе ги земе ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Ковачки: Таравари јавно да одговори со што е уценет од СДС и ДУИ

Таравари мора јавно да одговори со што е уценет од криминалното дуо СДС и ДУИ. Таравари дојде на власт со ветување пред граѓаните дека заедно ќе ги испратиме ДУИ во опозиција. Што се случи за само 10 месеци, за Таравари повторно да се врати во прегратките на ДУИ, праша Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Неговото неразумно однесување, вели Ковачки, мора да се должи на уцена и диктат на криминалното дуо, СДС и ДУИ.
„За нештата да бидат појасни, граѓаните заслужуваат да ја знаат вистината. А таа е следната.
Таравари на состаноците во Владата, никогаш не бил слушнат да зборува за застојот во ЕУ интеграциите, кој се случи благодарение на неговите старо нови партнери, СДС и ДУИ.
Таравари не беше слушнат да говори за тоа дека не биле добро третирани албанските прашања, затоа што и самиот тој многу пати има говорено дека Владата и тоа како се грижи за Албанците.
Во недостаток на факти и аргументи, Таравари своето алиби за напуштање на владината коалиција, го темели на ЕУ интеграциите и на албанските прашања, кои за разлика од порано и тоа како се променети“.
Иако неговите констатации немаат никаква врска со реалноста, Таравари, додава Ковачки, треба јавно да одговори со што е уценет од СДС и од ДУИ?
Праша дали е нешто поврзано со бизнис или некаков друг вид на мотив.
„Таравари докажа дека не е стабилен човек. Таравари сега треба јасно да каже пред граѓаните, како тоа ДУИ за 10 месеци од криминална и корумпирана партија, за него стана правата и вистинска опција“.
Македонија
(Фото) Спречени обиди за криумчарење лекови и медицински материјали

Царинската управа извести за спречени обиди за криумчарење лекови, стоматолошки материјали, очила со диоптер, поголема количина цигари, мотоцикл, УПС уреди за напојување со електрична енергија и друга стока во текот на изминатите денови/
· Спречен обид за криумчарење лекови на граничен премин Деве Баир. Запленети се пет парчиња ампули Genotropin GoQuick од 12 mg што се употребуваат при недостаток на хормонот за раст, 50 вијали Dysport, раствор за инјектирање, коишто се употребуваат при цервикална дистонија и други медицински цели, чиј внес во државата подлежи на посебни дозволи од надлежни институции и истиот е строго регулиран. До сторителот од страна на Секторот за контрола и истраги е поднесена кривична пријава. Случајот го открија царинските службеници на влез во државата на граничен премин Деве Баир при контрола на автобус кој сообраќал на линија Македонија – Турција – Македонија. При тоа во торбата на возачот покрај лековите, пронајдени се и 20 кутии со 170 кг мед, 177 парчиња чоколада, три килограми чај, како и над 40 парчиња фармерки со ознаки на заштитени марки.
Мобилен тим заплени над илјада парчиња стоматолошки материјали меѓу коишто, прибор за импланти, материјали за изработка на круни и мостови, материјал за пломбирање заби, средства за белење заби, стоматолошка гума и други стоматолошки материјали. Истите се откриени на влез во државата на граничен премин Богородица при контрола на автомобил со кој патувал македонски државјанин. Сторителот, инаку македонски државјанин, без да ја пријави стоката чиј внес е строго регулиран и подлежи на посебни дозволи, сакал да ја криумчари во државата. Против него е поведена соодветна постапка, извести Царинската управа.
· Запленети над 600 парчиња очила со диоптер за кои увозник не поседувал дозвола за увоз. Случајот е откриен во царинска испостава Гевгелија при контрола на разна стока со потекло од Кина којашто била пријавена за увозно царинење.
Службата за мобилен скенер на граничен премин Табановце спречи и обиди за криумчарење на УПС уреди што се користат за непрекинато напојување со електрична енергија. Истото е откриено при скенирање на камион како и извршена контрола, при што во кабината се откриени две парчиња УПС уреди „Делта МХ“. Во друг случај при контрола на камион со бугарски регистарски таблички запленети се и околу 300 парчиња облека, коишто биле скриени на различни места во возилото.
Македонец се обидел преку граничен премин Табановце нелегално да внесе шест илјади евра, како и поголема количина облека, но и обувки, чанти и паричници коишто сакал да ги шверцува без за нив да плати давачки. Во истото е спречен од царинските службеници кои поради сомневање го застанаа автомобилот со кој патувал за детална контрола при што е пронајдена непријавената стока. Патникот со себе носел 16 илјади евра, при што согласно Законот за девизно работење вратени му се десет илјади евра, а останатите се запленети. Покрај тоа во багажниот простор во неколку торби е пронајдена и останатата непријавена стока, меѓу која околу 100 парчиња облека, седум пара обувки, две чанти и два паричници, при што истата е запленета. Против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Царинските службеници на граничниот премин Табановце спречија и обид за шверц на мотоцикл за крос, пронајден во автомобил со германски регистарски таблички со кој патувал македонски државјанин. При контроли на граничниот премин откриени се и обиди за шверц на 20 парчиња каиши за затегнување стока печатач, над 70 парчиња облека, делови од уреди и друга стока што патниците не ги пријавиле на влез во државата, со цел избегнување плаќање давачки.
На граничниот премин Табановце е откриен и случај на прекршочно дело каде патник се обидел нелегално да внесе над две илјади парчиња разни предмети со религиозен карактер (дрвени крстови, плетени бројаници, бројаници од монистри и метални и дрвени приврзоци). Случајот е откриен при контрола на автобус кој сообраќал на релација Белград-Уранополис, при што во торбата на патникот е откриена непријавената стока.
· При контрола на три камиони и еден автомобил на влез во државата на граничниот премин Богородица се запленети 58 штеки цигари. Возачите на камионите ги скриле штеките на цигари на различни места, под душекот на креветот, во преградата за алат, но и во филтерот за воздух. Во сите случаи на контрола, царинските службеници успешно ги открија намерите на возачите, при што се спречени во обидите за криумчарење на цигари. Од почетокот на годинава до сега севкупно на ниво на цела царинарница Гевгелија запленети се 700 штеки цигари.
· Над дванаесет парчиња употребувани делови за возила, како и нова пумпа за кочење за товарни возила, се пронајдени во багажникот на автомобил со косовски регистарски таблички, со кој косовски државјанин се пријави за влез во државата на граничниот премин Дојран. Против патникот ќе биде поведена соодветна постапка, се наведува во соопштението на Царинската управа.