Европа
Околу 20 убиени цивили во Донецк, под оган и набљудувачи на ОБСЕ

Најголемото упориште на проруските бунтовници во источна Украина, градот Донецк и покрај договорениот прекин на огнот во неделата бил гаѓан во 38 наврати од страна на силите лојални на прозападната влада во Киев, при што загинале околу 20 цивили, а други 24 се ранети, изјавил премиерот на самопрогласената Народна Република Донецк, Александр Захарченко, пренесува РИА Новости за која извор од ОБСЕ, рекол дека група набљудувачи на организацијата биле под оган исто така во близина градот.
„Група од пет набљудувачи во Кировскиот реон на Донецк попаднала под оган. Никој не настрадал. Оштетено е возилото со коешто се превезувале“, изјавил за агенцијата неименуван претставник на набљудувачката мисија за Украина на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).Засега нема официјална потврда за оваа информација, ниту извештаи за тоа од чии позиции дошле истрелите кон набљудувачите на ОБСЕ.Претходно медиумите јавуваа дека и покрај прекинот на огнот потпишан на 5-ти септември во белоруската престолнина Минск кој досега главно се почитуваше, во неделата неколку часа украинските владини сили стационирани на аеродромот крај Донецк отвориле интензивен артилериски оган кон градот и позициите на проруските милиции. „Од утрината Донецк беше гаѓан околу 38 пати. Денеска досега во Донецк загинаа околу 20 цивили, тешко се ранети шестмина, а со рани од средна и полесна тежина се здобија 18 луѓе“, изјави Захарченко за каналот LifeNews одговарајќи на прашањето дали се почитува прекинот на огнот. „Гранатирањето од страна на украинските сили врз станбените населби има само една цел – ние да отвориме оган. Бидејќи ние се придржуваме до договореното во Минск, станува збор за обид на киевските власти да претстават дека ние пукаме врз нив – тоа е провокација. Сиве овие гранатирања се провокации во коишто гинат цивили“, додаде Захарченко.Претходно во неделата според една од 12-те точки од договорот во Минск, беше извршена размена на воените заробеници при што Киев предаде 69 припадници на бунтовничките сили, додека ослободени беа 73 украински војници иако според договорот размената треба да се одвива по формулата „сите за сите“.Според Захарченко, бунтовниците држат во заробеништво околу 600 украински војници а не стотина, како што соопшти украинскиот претседател Петро Порошенко. /крај/мф/сн
Извор: РИА Новости
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Видео) Путин: Оваа криза не почна со рускиот напад врз Украина, резултат е на државниот удар во Украина, кој Западот го поддржа

Рускиот претседател Владимир Путин денес се обиде да ја оправда инвазијата на Украина пред сојузниците, обвинувајќи го Западот за провоцирање на конфликтот.
Тоталната инвазија на Украина беше наредена од Владимир Путин пред три и пол години. Во војната загинаа десетици илјади луѓе и беше опустошен голем дел од источна Украина.
Putin spoke at the Shanghai Cooperation Organization Summit.
He blamed the West for the "Ukrainian crisis" and said that "the root causes of the crisis" must be removed in order for peace to come.
Looks like Putin has made his choice: he's going to continue the war. https://t.co/yqVH2adAxs pic.twitter.com/kbqYtFnpyH
— Anton Gerashchenko (@Gerashchenko_en) September 1, 2025
„Оваа криза не започна со рускиот напад врз Украина, туку е резултат на државниот удар во Украина, кој Западот го поддржа и охрабри“, рече Путин на самитот на Шангајската организација за соработка во кинескиот град Тјенџин.
„Друга причина за кризата се постојаните обиди на Западот да ја вовлече Украина во НАТО“, додаде рускиот претседател.
Како избувна војната?
Конфликтот во Украина започна во 2014 година по месеци масовни протести познати како Револуција на достоинството, кога беше соборен прорускиот претседател Виктор Јанукович. Кратко потоа, Русија го окупираше и анектираше Крим, а на истокот од земјата, во Донецк и Луганск, избувнаа борби меѓу украинските сили и проруските паравоени групи со директна поддршка од Москва. И покрај договорите од Минск од 2014 и 2015 година, војната во Донбас никогаш навистина не заврши.
Ситуацијата драматично ескалираше на 24 февруари 2022 година, кога Русија, по наредба на Путин, започна целосна инвазија на Украина.
Руските сили тргнаа од неколку правци, тргнувајќи и кон Киев, но наидоа на жесток украински отпор и беа принудени да се повлечат од северните региони. Војната потоа се концентрираше на југот и истокот од земјата, каде што се водеа најжестоките борби.
До ден денес, украинските градови остануваат систематски бомбардирани од руски ракети и беспилотни летала, додека Украина возвраќа со напади врз воени цели длабоко на руска територија. Конфликтот одзеде десетици илјади животи, расели милиони и претвори огромни делови од земјата во бојно поле, а мировните преговори се во застој.
фото: принтскрин
Европа
Европски научници: Пожарите на Медитеранот се директна последица од климатските промени

Незапаметени пожари ги опустошија северна Шпанија и Португалија во последните недели, а Европската Унија се соочува со најлошата сезона на пожари откако започнаа евиденциите во 2006 година. Рекорден број од еден милион хектари изгоре низ Унијата, површина приближно половина од големината на Велс, објави Би-би-си.
Шпанија и Португалија се особено тешко погодени, а научниците од ЕУ проценуваат дека е изгорена околу 1% од целиот Пиринејскиот Полуостров. Повеќе од две третини од вкупната изгорена површина во ЕУ е во овие две земји. Според Европскиот информативен систем за шумски пожари „Коперник“ (EFFIS), повеќе од 400.000 хектари изгореле во Шпанија од почетокот на годината до 26 август. Ова е шест пати повеќе од просекот за истиот период помеѓу 2006 и 2024 година. Соседна Португалија, исто така, бележи рекордни 270.000 хектари изгорени, речиси пет пати повеќе од просекот.
Вкупно, 684.000 хектари се изгорени на Пиринејскиот Полуостров оваа година, при што поголемиот дел од оваа површина е изгорена за само две недели. Пожарите се концентрирани во шумските области на северна Португалија и во шпанските региони Галиција, Астурија и Кастиља и Леон. Пожарот не ги поштеди ниту заштитените подрачја како што е Националниот парк Пикос де Европа, ниту трасата на мрежата за поклонение Камино де Сантијаго, која привлекува повеќе од 100.000 посетители во лето.
Овие настани предизвикаа најголема мобилизација на пожарникари во рамките на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ досега.
Чадот од пожарите драстично го влоши квалитетот на воздухот, носен од јужните ветрови до Франција и Обединетото Кралство. Во посебна студија, научниците од групата World Weather Attribution на Империјал колеџ во Лондон директно ја поврзаа влошената сезона на пожари во Медитеранот со климатските промени.
Пожарите, исто така, создаваат маѓепсан круг со ослободување на огромни количини јаглерод диоксид (CO2) во атмосферата, што дополнително ја затоплува планетата. Според податоците на ЕУ, CO2 ослободен од пожарите во Шпанија оваа година достигна рекордни 17,68 милиони тони.
Експертите предупредуваат дека почестите и посериозни пожари низ Европа веројатно ќе продолжат.
фото: принтскрин
Европа
Принцот Хари оди во Велика Британија на третата годишнина од смртта на баба му, кралицата Елизабета

Британскиот принц Хари ќе пристигне во Обединетото Кралство на 8 септември, на третата годишнина од смртта на баба му, кралицата Елизабета Втора, за да присуствува на церемонијата на доделување награди за добротворната организација. Хари живее во Калифорнија откога се повлече од кралското семејство во 2020 година. Тој ќе се врати во својата татковина за да присуствува на 20-годишнината од наградите „Велчајлд“, се вели на веб-страницата на добротворната организација.
Хари е покровител на добротворната организација веќе 17 години, а за време на настанот на 8 септември ќе се сретне со тешко болни деца и со нивните семејства и ќе додели награда на инспиративно дете.
„Се чувствувам привилегиран што можам да присуствувам на наградите ‘Велчајлд’“, рече Хари.
View this post on Instagram
Неговото враќање во Обединетото Кралство сигурно ќе ги разгори шпекулациите за помирување со кралското семејство, пишува агенцијата „Франс прес“. Хари во интервју за Би-би-си во мај изјави дека сака да се смири со својот татко, кралот Чарлс III. Истиот месец 40-годишниот принц последен пат беше виден во својата татковина, каде што пристигна на судско рочиште.
„Мејл он сандеј“ објави фотографии во јули од состанокот меѓу кралот и советниците на Хари, што беше протолкувано како прв чекор кон помирување. Кралицата Елизабета II почина на 8 септември 2022 година во нејзината шкотска резиденција Балморал. Принцовите Вилијам и Хари последен пат беа видени заедно неколку дена подоцна во замокот Виндзор.
Расколот меѓу Хари и кралското семејство дополнително се влоши на почетокот на 2023 година кога принцот ги објави своите мемоари, во кои беше особено критичен кон својот брат и кон принцезата Кејт.
фото: принтскрин