Топ
Расветлено и второто убиство кај браната Турија – го застрелал, го ставил во резервоар за гориво и го фрлил во водата
Полицијата соопшти детали за убиството на струмичанецот кој се водеше за исчезнат, а неговото тело потоа беше пронајдено во водите на браната Турија. Според МВР, подмолното убиство го извршил 54-годишниот М.В. од селото Добрејци, против кого полицијата поднесе кривична пријава. Тој лани го убил 62-годишниот струмичанец А.М. поради користољубие. Откако го застрелал, телото го ставил во метален камионски резервоар за гориво и го потопил во водите на браната Турија. Случајот беше откриен дури годинава.
Како што соопшти МВР, на 13.10.2018 во СВР Струмица, од страна на роднина е пријавено дека на А.М. му се губи трага, по што полицијата почнува да го бара.
„Утврдено е дека на 9.10.2018 А.М. остварил телефонски контакт со пријавениот, по што се сретнале и заедно отишле во адвокатска канцеларија во Струмица, каде бил изготвен писмен меѓусебен договор за купопродажба на недвижен имот за цена од 18.200 евра. Договорената сума на пари за купопродажба на имотот не била исплатена во адвокатската канцеларија, а од страна на адвокатот пријавениот бил предупреден дека треба парите да ги исплати на трансакциска сметка”, соопшти полицијата.
Истиот ден тој го убил А.М. во неговиот деловен објект во селото Добрејци, каде го повикал со изговор да му ги исплати парите за купената деловна просторија, така што го застрелал со огнено оружје со калибар 5,6 мм, а потоа го ставил телото во метален камионски резервоар за гориво и го потопил во водите на брана Турија на место викано Рајанци.
Дури на 5 јули годинава околу 15:00 часот на браната Турија кај место викано Рајанци беше пронајден метален камионски резервоар за гориво со машки труп во него. Од извршената обдукција во Судска медицина Скопје утврдено е дека пронајдениот машки труп е на исчезнатиот струмичанец А.М.
При обдукцијата бил изваден куршумот со кој бил застрелан при што е утврдено дека се работи за проектил со калибар 5,6 мм, исто како во случајот со претходно убиство на Р.И. од Струмица, чие тело во метално буре беше пронајдено исто така во водите на браната Турија во непосредна близина на местото каде е пронајден А.М. По извршените анализи, утврдено е дека станува збор за лицето Ристо Иљашев и дека смртта настанала по насилен пат.
Полицијата веќе поднесе пријава против М.В за ова убиство. По наредба на судија на претходна постапка при Основен суд Струмица, тој се наоѓа во притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: ВМРО-ДПМНЕ успеа за една и пол година да нѐ стави во групата со Косово, БиХ, Молдавија и со Украина
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција порача дека Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија е сериозен аларм за иднината и перспективата на државата, нагласувајќи дека е најлошиот извештај којшто Македонија го добила во изминатите десетина години.
„Објавувањето на Извештајот за напредокот со оцена дека Македонија не постигнала напредок на европскиот пат, ни испрати јасна порака каде се движи земјава изминатите година и пол под власт на ВМРО-ДПМНЕ. Овој Извештај е практично најлошиот извештај којшто сме го добиле изминатите десетина години и сериозно го вклучува алармот за иднината и перспективата на државата“, рече Филипче.
Лидерот на СДСМ посочи дека извештајот го потврдува застојот и назадувањето на земјата во процесот на европските интеграции и дека потребни се итни чекори за враќање на државата на европскиот пат.
„Се случи тоа што предупредувавме, ВМРО-ДПМНЕ успеа за една ипол година да не стави во групата со Косово, со Босна и Херцеговина, со Молдавија, со Украина, со земји коишто последни го почнаа патот на евроинтеграциите”, изјави Филипче.
Македонија
Со 205 милиони евра од Британците изградбата на болниците во Штип, Тетово и во Кичево ќе почне најдоцна на почетокот на следната година
Градежните активности за изградба на болниците во Штип, Тетово и во Кичево ќе почнат до крајот на оваа или најдоцна на почетокот на следната година, најави денес министерот за здравство, Азир Алиу. Административните процедури, пак, кои претходат на градежните активности, ќе почнат веднаш по потпишување на договорот.
„205 милиони евра веќе ги најавивме, тие се за Штип, Тетово и за Кичево. Тие не се буџетски средства, туку ќе бидат средства од договорот влада со влада со Британците. Јас сè уште не сум потпишал договор. Чекавме да завршат изборите и потоа да се потпише договорот и да бидат дел од таа инфраструктура. Рековме дека ќе почнеме со инвестиции во инфраструктура и првиот чекор се овие три клиники. И Штип, и Тетово, и Кичево ќе бидат почнати. Административните процедури ќе почнат веднаш, а инфраструктурно, најверојатно, кон крајот на годината или на почетокот на следната година“, рече министерот Алиу.
Болницата во Кичево ќе се гради одново затоа што постојниот објект министерот Алиу вели дека не ги исполнува базичните инфраструктурни барања за да биде институција што ќе нуди здравствени услуги не само за Кичево туку за регионот.
На 26 јуни оваа година премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу најавија стратешки договор со Обединетото Кралство за обнова и изградба на болници во Штип, Тетово и во Кичево. Проектот предвидува довршување на клиничката болница во Штип, изградба на медицински факултет и студентски дом со 200 легла, изградба на целосно нова болница во Кичево и комплетна реконструкција и опремување на постојната болница во Тетово.
Топ
Загинатите во тешката сообраќајна незгода кај Плетвар се од Кавадарци, објавен идентитетот на учесниците во несреќата
МВР објави информации за лицата кои загинаа и повредените во сообраќајната несреќа на патот Градско-Прилеп, во близина на Плетвар.
При судир на два автомобила, вчера загина едниот од возачите Ѓ.П.(35) од селото Дреново, и неговиот сопатник Б.П.(56) од истото село во Кавадаречко.
Другиот автомобил го управувал О.О.(31) од с.Тополница, радовишко, кој се здобил со тешки повреди. Меѓу повредените се и неговиот сопатник С.О.(24) од с.Тополница, радовишко. Тешко повредени се и Н.П.(28), Т.П.(53) и С.П.(31) сите од с.Дреново, кавадаречко.
Повредените се хоспитализирани во Градска болница Прилеп и Општа болница Кавадарци.
По извршениот увид, Обвинителството вчера соопшти дека несреќата се случила за време на прекенување, а двата автомобили возеле во истата насока.

