Европа
Стотици илјади против договорот ЕУ-САД во Берлин
Стотици илјади луѓе протестираа во саботата во германската престолнина Берлин против планираниот трговскиот договор меѓу Европската унија и САД за кој велат дека е недемократски и дека ќе ја намали безбедноста на храната, работата и еколошките стандарди.
Организаторите, сојузите на еколошките здруженија, фондации и опозициски партии тврдат дека 250.000 учествувале во протестот против Трансатлантскиот трговски договор и инвестициско партнерство (Transatlantic Trade and Investment Partnership – TTIP) меѓу Европската унија со САД и Канада многу повеќе отколку што очекувале.
„Ова е најголемиот протест во Германија по многу многу години“, изјави за DPA Кристоф Бауц челник на граѓанското движење Компакт. Портпаролот на полицијата, пак, проценува дека имало околу 150.000 демонстранти, а собирот го обезбедувале илјада полицајци.
Противењето на TTIP порасна последните години во Германија, а критичарите стравуваат дека голема моќ ќе им даде на мултинационалните компании на штетата на правата на потрошувачите и работниците. Германската влада на канцеларката Ангела Меркел се залага за што поскоро ратификување на TTIP. Според Берлин, европската економија ќе има полза од овој договор, Брисел ќе може повеќе да влијае врз стандардите на меѓународната трговија, европските компании нема да мора да бидат подложени на двојна сертификација, а TTIP ќе осигури меѓу 200 и 400 илјади нови работни места во Германија и раст на тамошното производство.
Силата на отпорот ја изненади и владата на Меркел која се соочува со големиот предизвик како да го придобие јавното мнение за договорот, кој според нив ќе овозможи пазар од 800 милиони луѓе и ќе биде противтежа на економската моќ на Кина.
На паневропските протесни кации во април и мај, десетици илјади луѓе протестираа против потпишувањето на TTIP, а најмасовните протести се одржаа во Мадрид, Минхен и Берлин.
Од јули 2013 година зад затворени врати ЕУ преговара за TTIP, а во 2015 година требаше да биде разработен а потоа за половина година да биде одобрен од Европскиот парламент и националните парламенти на земјите потписнички на овој договор. Неговата цел е создавање на најголемата зона на слободна трговија во светот, со пазар од околу 820 милиони потрошувачи. Покрај САД и земјите од ЕУ, во договорот се вклучени и Канада, Мексико, Швајцарија, Лихтенштајн Норвешка и Исланд, како и земји кандидати за членство во Европската унија.
Договорот за сеопфатна зона на слободна трговија СЕТА (Comprehensive Economic and Trade Agreement) меѓу ЕУ и Канада, според кој овие пазари стануваат целосно отворени еден за друг треба да биде еден вид почетна точка за постигнувањето на TTIP. Проектот е целосно развиен, но сè уште не е потпишан. Доколку биде одобрен од Советот на Европа и од Европскиот парламент, би требало да стапи на сила до крајот на 2016 година.
Иницијативата се однесувана унификација на трговско-политичките стандарди на земјите од Северна Америка и од Европската унија. Притоа, според критичарите, TTIP ги става корпоративните интереси над националните имено компаниите добиваат специјално право да ги бранат своите интереси особено во меѓуарбитражните судови кои ќе бидат независни од националните институции и практично ќе дејствуваат како приватни./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер: Злосторствата се толерираат на социјалните медиуми; Маск: Тиранин и предавник
Илон Маск го нарече шпанскиот премиер Педро Санчез тиранин и предавник откако објави планови за забрана на лицата под 16 години од социјалните медиуми и за сузбивање на говорот на омраза. Санчез рече дека се неопходни итни мерки за заштита на децата од она што го нарече „дигитален Див Запад“, што предизвика гнев кај сопственикот на платформата Икс, пишува The Guardian.
Dirty Sánchez is a tyrant and traitor to the people of Spain 💩 https://t.co/B3oyHrBYpR
— Elon Musk (@elonmusk) February 3, 2026
Откако Санчез ги презентираше плановите на својата влада во говорот на Светскиот самит на влади во Дубаи, Маск одговори на својата платформа Икс. „Валканиот Санчез е тиранин и предавник на шпанскиот народ“. Околу час и половина подоцна, тој дополнително ја заостри својата реторика. „Санчез е вистински фашистички тоталитарист“, рече тој.
Sánchez is the true fascist totalitarian https://t.co/b2U17fEwa7
— Elon Musk (@elonmusk) February 3, 2026
Санчез претходно го критикуваше Маск за користење на Икс за „зајакнување на дезинформациите“ за одлуката на администрацијата на Санчез да легализира 500.000 недокументирани работници и баратели на азил, истакнувајќи дека самиот Маск е мигрант.
Шпанскиот премиер вчера изјави дека се потребни итни мерки бидејќи социјалните медиуми станале „пропадната држава каде што законите се игнорираат, а злосторствата се толерираат“. Тој најави дека владата подготвува низа мерки, вклучително и забрана за социјалните медиуми за лица под 16 години.
„Нашите деца се изложени на простор во кој никогаш не требало да бидат. Тоа повеќе нема да го прифатиме“, рече Санчез. „Ќе ги заштитиме од дигиталниот Див Запад“, вети тој. Предложената забрана ќе се спроведе со измена на постојниот закон за дигитална заштита на малолетници, кој се дискутира во парламентот.
Претставниците на Google, TikTok, Snapchat и Meta сè уште не ги коментираа најавените мерки. Се чини дека Шпанија и Грција, кои се исто така блиску до објавување слична забрана за лица под 15 години, ќе им се придружат на земји како Велика Британија и Франција во заземањето построг став за социјалните медиуми.
Европа
Дрон се урна во воен комплекс во Полска
Полската воена полиција истражува пад на беспилотно летало од непознато потекло кое се урна во воен комплекс на североистокот на земјата, на само неколку метри од складиште за оружје. Инцидентот, кој властите го потврдија во понеделник, се случил на 28 јануари во Вториот радиоелектронски центар во Пжасниш, град на околу деведесет километри северно од Варшава, пренесува Анадолија.
Според Радио Зет, дежурен офицер во единицата го забележал дронот како лета над базата, по што леталото ја изгубило контролата и се урнало во близина на складиштето за оружје. Војниците го обезбедиле дронот и го преместиле во воена зграда за испитување. Портпаролот на Врховниот командант на воената полиција изјавил дека воената полиција била известена и набргу потоа официјално започнала истрага, која вклучува обезбедување на леталото и земање изјави од сведоци.
Инцидентот се случува во време на растечка загриженост низ Полска и другите членки на НАТО за неовластена активност на беспилотни летала во близина на клучни инфраструктурни и воени објекти. Загриженоста се зголеми особено по руската инвазија на Украина и брзото ширење на технологијата за беспилотни летала со ниска цена.
Во Германија и балтичките држави, безбедносните служби истражуваат повторени видувања на неидентификувани дронови во близина на воени полигони за обука, пристаништа и енергетски објекти, што ги зголемува стравувањата од шпионажа и проверка на подготвеноста.
Иако засега нема индикации дека инцидентот во Пжасниш бил непријателски чин, официјалните лица не исклучуваат ниту едно сценарио, вклучувајќи грешка на операторот, технички дефект или намерно извидување. Полското Министерство за одбрана сè уште јавно не коментирало за потеклото или видот на дронот, ниту дали бил опремен со уреди за снимање или друг товар.
Европа
Сојузник на Зеленски: Украинскиот народ е исцрпен, победа е запирање на војната
Висок политички сојузник на украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на мировен договор што ќе ги стави луѓето пред територијата.
Изјавата доаѓа пред големата конференција во Украина во четврток, на која ќе се соберат гувернери и градоначалници за да разговараат за условите за мир со Русија.
Виталиј Ким, гувернер на Николаевската област и едно од имињата во подем во украинската политика, предводеше огранок на партијата „Слуга на народот“ на претседателот Зеленски на изборите во 2019 година и беше назначен за регионален гувернер од Зеленски во ноември 2020 година, објавува „Индипендент“.
Ким зборуваше пред Форумот на градовите и заедниците на фронтот во 2026 година, каде што локалните лидери ќе се обидат да се договорат што очекуваат од мировниот договор, нагласувајќи ја подготвеноста да се префрли фокусот од граничните спорови на безбедносните гаранции. Запрашан за неговите приоритети во мировниот план поврзан со Доналд Трамп, гувернерот Ким рече: „Земјата е важна, но луѓето се поважни, а ситуацијата е таква што не знаеме што носи утрешниот ден“.
Ким призна дека перцепцијата за победата се променила под тежината на долготрајниот конфликт. „За мене лично, победата се нашите граници од 1991 година, среќни луѓе кои не умираат, но сите се многу уморни“, изјави тој.
„Затоа, за украинскиот народ, мислам дека победата е едноставно запирање на војната и добивање безбедносни гаранции за иднината, за нашите деца да можат да го имаат животот што го имавме пред инвазијата. Верувам дека за повеќето од нашите луѓе, победата е враќање во животот каков што беше порано. Ова е исклучително важно за нас бидејќи помина долго време.“

