Македонија
(Видео) Митрески : СДСМ ќе гласа за разрешување на Јанева, правда мора да има
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески на денешната собраниска седница рече дека СДСМ ќе гласа за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
,,Ставот на СДСМ е повеќе од јасен за разрешување на Јанева. На комисијата гласавме за нејзино разрешување, ќе гласаме и денес. Мора да нагласам како партија и пратеничка група сме одлучни и истрајни, правда мора да има за секој што се огрешил пред законот”, рече Митревски.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на партијата Христијан Мицкоски се уште работат по насоки од Никола Груевски со цел да се спасат обвинетите ексфункционери од партијата.
,,Сега е јасно зошто преговорите помеѓу Заев и Мицкоски не успеале, Мицкоски прави се за да пропаднат предметите на СЈО. Политичките игри и манипулации со јавноста кои се обидува да ги протне ВМРО не поминуваат. Граѓаните знаат кој ги штити криминалот. Мицкоски сака да издејствува амнестија за претходните обвинети функционери”, рече Митрески.
Тој додаде дека со ова делување на ВМРО-ДПМНЕ ги кочат евроинтеграциите процеси на државата. ,,Тие сакаат по секоја цена да ги уништат истрагите против нив. Со нивното поведение свесно работат на штета на европските интеграции на државата.Од статусот на СЈО зависи дали ќе добиеме датум за преговори со ЕУ”, рече Митрески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска Давкова по повод Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј: Тие се наш патоказ за иднината
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.
„Од сè срце ви посакувам празникот да го поминете во добро здравје, љубов и хармонија, исполнети со радост и со среќа што имаме можност да ги ползуваме плодовите на великото дело на солунските браќа. Благодарение на нив, словенските народи добија можност да ја развиваат својата духовност, култура, образование, наука. И македонската јазична и културна самобитност, но и светогледот и космополитизмот се втемелени од нивната работа и достигнувања, и од нивното човекољубие.
Светите Кирил и Методиј покажаа дека со знаење, жед за вистината, правдољубивост, посветеност, хуманизам и благородност, можат да се надминат ограничувањата и да се победат неправдите. Историјата на Европа и на светот нема премногу примери на така влијателни личности коишто имаат оставено печат на своето време, но и патоказ за иднината и кои се светилници на човечката цивилизација. Затоа нивното дело и по еден цел милениум не бледнее и не губи на значење.
Нека подвигот на светите браќа и понатаму бидe наш патоказ и морална и духовна вертикала за достоинствено и исполнето живеење, творење и создавање“, напиша Сиљановска Давкова.
Македонија
Одбележување на Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј
Со повеќе настани денеска во земјава се одбележува Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи.
Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.
Државно-црковната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во Рим и во Ватикан каде што ќе се поклони на гробот на Свети Кирил, во рамки на манифестацијата „Ден на светите Кирил и Методиј“, а имаше и аудиенција кај папата Франциск.
Во согласност со Законот за празниците во земјава, 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј е државен празник и неработен ден за сите граѓани.
Македонија
Сончево и топло време, попладне појава на краткотраен пороен дожд и грмежи
Сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец. Попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 14, а максималната ќе достигне од 21 до 29 степени.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност и со умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Во деновите од викендот ќе преовладува променливо облачно време, наместа нестабилно со пороен дожд, грмежи и локална појава на невреме. Во понеделник се очекува преодно стабилизирање на времето, а од вторник во попладневните часови повторно ќе има изолирана појава на пороен дожд и грмежи.