Македонија
(Видео) Дуковски: Здравјето на Јовановски е влошено, неговата состојба е животно загрозувачкa
Адвокатот Сашо Дуковски вели дека Бојан Јовановски, познат како Боки 13, не дал исказ, а од среда обвинителката Русковска ќе треба да им ги презентира доказите против осомничениот. Дуковски вели дека под вакви околности нема да се даде исказ. Според него, здравствената состојба на Боки 13 е животно загрозувачка.
„Денеска за првпат од донесувањето на наредба за спроверување на истрага и притворањето на Јовановски, тој е викнат да даде исказ во Јавното обвинителството. Не е во ред кога вие немате поим какви докази има против вас, да ви се дава известие за завршена истрага. Истиот ден се бара да се даде изјава од осомничен за основните сомневања и доказите против него. Во Стразбур, од прв ден треба осомничениот да биде известен за сомневањата. Ние не се браниме со молчење, ниту ќе се браниме. Ќе дадеме исказ”, вели Дуковски, адвокат на Боки 13.

Дуковски кажа дека не знае дали ќе има обвиниение против Боки 13.
„Во овие 15 дена ние ќе треба да ги гледаме доказите, па ќе дадеме исказ. Не гледаме на кристална кугла за да знаеме какви докази има. Од среда во 12 часот па наредните денови ќе вршиме увид па ќе дадеме исказ. Завршена истрага значи завршена истрага. Не знам дали значи дека ќе се поднесе обвинение“, додаде тој.
Адвокатот тврди дека Боки 13 е со влошено здравје, а неговата состојба е животно загрозувачка.
„Има една ситуација за неговата здравствена состојба која никого не го интересира. Ќе видиме што ќе се случува. Незаконски е завршена постапката. Боки 13 нонстоп повраќа. Нека се смеат владетелите на правото дека е труден. Го носат во амбуланта, му даваат раствор, обична терапија. Неговата состојба е животно загрозувачка. Ако немате функција на желудникот, тогаш е”, смета Дуковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димитровски: Билатералните прашања за историјата и за идентитетот мора да останат надвор од процесот на пристапување
Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска во Белград, учествуваше на вториот дел од Состанокот на министрите за надворешни работи на земјите учеснички на Централно европска иницијатива (ЦЕИ), во рамки на српското претседавање со иницијативата.
Фокус на овогодинешните дискусии беше ставен на стратешката важност изнаоѓање на модалитети за зајакнување на регионот на земјите членки на ЦЕИ преку поврзаност, иновации и евроинтеграција.
Истовремено, беше потенцирано дека проширувањето на ЕУ не е само технички процес – тоа е геополитичка неопходност. „Процес кој е предвидлив, базиран на заслуги и со поголема вклученост на земјите-кандидатки во политичките дијалози, програми и иницијативи на ЕУ, би дал посилна политичка порака и ќе може да се спротивстави на фрустрацијата и скептицизмот кај граѓаните во регионот“, нагласи Димитровски.
Посебно акцентирајќи ја нашата позицијата, Димитровски укажа дека нашата земја има потреба од поверодостоен, конзистентен и сигурен процес на пристапување.
„Владата останува целосно посветена на европскиот пат, барајќи конструктивни решенија базирани на компромис преку дијалог со нашиот сосед, Република Бугарија. Целосно се согласуваме дека билатералните договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни“, истакна заменик министерот.
Тој додаде дека билатералните прашања за историјата и идентитетот мора да останат надвор од процесот на пристапување, а проширувањето мора да остане базирано на заслуги и Копенхашките критериуми.
„Потребен е целосен ресет во дијалогот со Бугарија, со цел обновување на довербата и напредно ориентиран пристап. Комуникацијата и соработката во рамките на проектот „Коридор 8“ е добар пример за билатерална соработка”, заклучи Димитровски.
Во смисла на регионалната соработка, за време на состанокот, министрите уште еднаш ја потврдија улогата на ЦЕИ, како иницијатива која придонесува за ефективно решавање на актуелните регионални прашања и истовремено претставува цврста основа за понатамошно продлабочување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.
Македонија
Гаши: Ниедно билатерално прашање не смее да стане пречка на нашиот европски пат
Ниту едно билатерално прашање не смее да стане пречка на нашиот европски пат. Ние остануваме подготвени за принципиелен дијалог со сите соседи, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши, на 8. Пленарна конференција – Национална конвенција за ЕУ.
„Моја должност е да нагласам дека меѓу главните забелешки во извештајот беа уставните измени, кои несомнено остануваат и главен предизвик во оваа фаза од процесот. Знаете дека уставните процеси и билатералните теми создадоа значителни политички тензии, но сакам повторно да подвлечам дека ниту едно билатерално прашање не смее да стане пречка на нашиот европски пат. Ние остануваме подготвени за принципиелен дијалог со сите соседи“ рече тој.
Според Гаши, напредокот на Албанија и Црна Гора е доказ дека политиката на проширување е жива и дека нашиот регион може да се движи напред.
„За нас, ова е момент за мотивација, а не за притисок“, рече Гаши.
Според него, интеграцијата во ЕУ не ниту луксуз ниту опција, туку неопходност за безбедноста, стабилноста и за развојот на земјата.
„Исто како и пред една година, денес би сакал да повторам уште еден важен елемент. Во еден турбулентен свет, со конфликти во Украина, Блискиот Исток и пошироко, интеграцијата во ЕУ не е ниту луксуз ниту опција, туку неопходност за безбедноста, стабилноста и за развојот на земјата. Со членството во НАТО, создадовме заштита, додека со пристапувањето во Европската Унија се стремиме кон изградба на стабилност и одржлив економски, институционален и демократски развој“, рече тој.
Гаши нагласи дека Собранието на Република Северна Македонија ќе продолжи да биде доверлив партнер во овој процес.
„Ние сме посветени на унапредувањето на реформите, зајакнувањето на дијалогот, развивањето консензус и одржувањето на институционалната зрелост во време на предизвици. За нас, европската интеграција не се гради во Брисел, ниту во главните градови на регионот, туку се гради тука, во Скопје, во нашите институции, во нашите одлуки и во нашата подготвеност да ги надминеме политичките разлики во служба на државниот интерес“, рече Гаши.
Македонија
Градоначалникот на општина Гази Баба се откажува од користењето службено возило
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, објави дека се откажува од користењето на службено возило
„Никогаш немам дозволено личните привилегии да бидат мотив или водилка во мојата работа. Поради тоа, сакам да ја информирам јавноста дека и во мојот втор мандат се откажувам од користењето на службено возило кое е предвидено за користење на градоначалникот, како и од средствата за репрезентација од буџетот на општината“, вели Стефковски.
Како и во изминатите четири години, додава тој, така и во следните четири, сите службени обврски ќе ги реализирам со моето приватно возило, а службеното возило го отстапувам на администрацијата со цел поефикасна работа на терен.
„Додека сум јас градоначалник во буџетот на општина Гази Баба нема да има место за непродуктивни трошоци. Средствата од буџетот мора да се користат одговорно, домаќински и исклучиво за потребите на граѓаните и за развој на нашата општина“, вели Стефковски.

