Скопје
Поставен камен темелникот на новата еко населба Александрија
На простор од 150 илјади м2, со вкупна изградена површина од 500 илјади м2 во општина Ѓорче Петров, веднаш наспроти Порта Влае и новиот кружен тек денеска започна со изградба населбата Александрија, која е првата еко населба во Скопје.
Проект менаџерот на новиот проект, Александар Стефанов изјави дека новата населба ќе претставува прва од ваков тип кај нас, и ќе ги задоволи сите еколошки стандарди.
„Ми претставува вистинска чест и задоволство што денеска заедно со вас започнуваме една нова етапа во нашето работење а тоа е е започнувањето на изградбата на првата ЕКО населба во Скопје – Александрија. Ние како фабрика во овој проект се вклучивме со сопствени финансии и ресурси за да ја изградиме оваа населба чиј камен темелник го поставуваме денес. Во оваа прилика сакам да изразам голема благодарност до Градежниот Институт на Македонија кој активно учевствуваше во изработка на проектот на населбата, како и на цела техничка документација“, изјави Стефанов.
„Во врска со овој проект можам да ви кажам дека околу 20 илјади семејства ќе имаат можност да живеат во исклучително стабилни градби кои ќе имаат и своја зелена површина на кровните површини како и на дел од терасите и останатите заеднички простории во рамките на населбата“, додаде тој.
„Денеска навистина сум горд што започнуваме еден ваков голем проект, кој е од големо значење за Општина Ѓорче Петров и градот Скопје, проект кој ќе биде пример за изградба на современи и еколошки населби, а воедно ќе привлече и голем број на станари и инвеститори во иднина. Среќен сум што населбата Александрија ќе стане посебен белег за општината и ќе остане трајно наследство за идните генерации. Сакам да изразам голема благодарност до Фабрика Карпош што активно придонесува кон подобрување на квалитетот на живот во нашата општина“, изјави градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Сокол Митревски.
На денешниот настан беше избран и кумот на населбата, на кој сопственикот на Фабрика Карпош и претседател на Надзорниот одбор на фабриката, Кире Стефанов му го додели клучот од гарсониерата. Кумот беше избран по пат на извлекување, бидејќи името Александрија го дадоа повеќе од 30 учесници.
Кумот на населбата, Сашо Ендровски, објасни од каде ја добил идејата за името Александрија. „Моментално работиме на преводот на Каменот од Розета и древното македонско писмо, и се сетив дека каде и да одел Александар Македонски градел градови кои го носат името Александрија. Бидејќи кај нас нема ниту едно облежје со ова име сметав дека би било убаво населбата да го носи токму ова име“, објасни тој.
Населбата се наоѓа на само 200 метри од реката Лепенец, која претставува главен извор на свеж воздух во Скопје. По нејзиното течение преку Качаничката клисура, доаѓа главната струјница од ружата на ветрови во градот Скопје, обезбедувајќи му на ова подрачје чист и свеж воздух, дури и кога Скопје е под магла и штетни гасови. За нејзината чистота говори и фактот дека во близина на населбата се наоѓаат и главните бунари за водоснабдување на Скопје како доплнение на Рашче.
Лоцирана на 5 километри од центарот на Скопје, населбата Александрија е поврзана со постоечки и новопредвиден булевар и на само 150 метри од кружниот тек кај Порта Влае. Овој простор има постоечка здравствена, трговска и социјална инфраструктура кој со новопредвидената урбанизација на просторот и многу зеленило, оваа еко населба ќе прерасне во уникатна населба која ќе биде идеален избор за секое семејство. Исто така во населбата ќе има и голем број на игралишта, трговски центар, деловни објекти, бензиски пумпи, градинка, и многу други содржини. Првите станбени комплекси се предвидени да бидат вселиви до јули 2017 година./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Засилени контроли во Центар, 50 евра глоба за непрописно паркирање, порача Герасимовски
Комуналните инспектори и редари на општина Центар спроведуваат засилени контроли на возила кои се непрописно паркирани на јавни и зелени површини.
На секое неправилно паркирано возило ќе биде оставено известување за сторен прекршок, со предвидена казна од 50 евра во денарска противвредност, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на општина Центар.
Сторителот на прекршокот е должен веднаш да го подигне прекршочниот платен налог во Општина Центар, Сектор за инспекциски работи, барака 6А. Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот.
По истекот на рокот следува целосна наплата, односно се поведува прекршочна постапка пред надлежен суд, извести Општината.

„Редот се спроведува доследно и без исклучоци. Жителите на Центар го бараат тоа од нас. Безбедноста на пешаците и заштитата на јавните и зелените површини ни се приоритет“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат правилата и да придонесат за подобра урбана и животна средина.

