Економија
Анѓушев и Бектеши: Голем интерес од инвеститори за изградба на фотоволтаици

Во Клубот на органите на државната управа беше извршено отворање на доставените понуди за изградба на фотоволтаични централи на приватно земјиште по претходно објавениот јавен повик на Министерството за економија. За вкупно понудени 27 мегавати инсталирана моќност, пристигнати се 44 понуди, од кои за фотоволтаици со инсталирана моќност од 0 до 200 КВ има 11 понуди; од 201 до 500 КВ вкупно 10 понуди; од 501 КВ до 1.000 МВ има 19 понуди, а од од 1 до 3 МВ пристигнати се 4 понуди. Кога ќе се земат предвид и доставените понуди за изградба на фотоволтаици на државно земјиште, за вкупно 62 МВ инсталирана моќност пристигнати се 126 понуди од заинтересирани инвеститори.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, по отворањето на јавните понуди, информира дека со донесувањето на новиот Закон за енергетиката се овозможи зголемено производство на електрична енергија од обновливи извори, а двете тендерски постапки, за изградба на фотоволтаици на државно и на приватно земјиште, се спроведени максимално транспарентно, при што компаниите изразија голем интерес и се отвори една конкурентна постапка.
„Со оваа спроведена постапка за фотоволтаици на приватно земјиште и онаа претходно, која е во фаза на евалуација, за фотоволатици на државно земјиште, доаѓаат резултатите – во државава ќе се изградат над 62 МВ инсталирана моќност во фотоволтаици. Тоа се дел од оние 200 МВ што ветивме дека ќе ги направиме како Влада. Ова се првите 62 МВ и овие електрани ќе бидат, во споредба со она што досега е направено во текот на годините, кога се направени фотоволтаици од само 18 МВ, зголемување од трипати за една година. Наредната недела ќе биде потпишан договорот за изградба на фотоволтаична електрана од 10 МВ во Осломеј, каде што инвестира ЕСМ, а би сакал да го најавам и проектот за 100 МВ на местото на Осломеј, термоелектраната во чија близина јагленот е исцрпен, а има трафостаноца која е во можност да прими до 120 МВ електрична енергија. Ова ќе биде првиот пример за енергетска транзиција, односно претворање на стариот рудник во фотоволтаична електрана. Таму се подготвува тендерска документација за два лота по 50 МВ, значи вкупно 100 МВ над овие 10 МВ што Осломеј сам ги инвестира. Со сите овие инвестиции, овие 62 МВ, десетте мегавати во Осломеј и стоте магавати дополнителни во Осломеј, како и планираната фотоволтаична електрана во РЕК ‘Битола’, која се проектира на 20 МВ, ќе ја постигнеме инсталираната моќност од 200 МВ, што ја ветивме на почетокот“, потенцира Анѓушев.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, оцени дека успешноста на овој јавен повик и големиот интерес на инвеститорите ја потврдуваат заложбата на Владата и Министерството за економија за промоција и поттикнување производство на електрична енергија од обновливи извори.
„Кога го донесовме новиот Законот за енергетиката, го променивме моделот на кој ќе се фокусираме во иднина за производство на електрична енергија и преминавме од фидин на премиум-тарифа и тогаш многу луѓе беа скептични дека овој модел нема да успее. Денеска се докажува спротивното, со тоа што има многу голем интерес од компаниите што учествуваат на овој јавен повик да изградат нови капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори во Северна Македонија и тие капацитети да бидат во склоп со начелата за заштита на животната средина. По процедурата од тендерската постпака, следува избор на оние што доставиле најповолна понуда во согласност со критериумите пропишани во јавниот оглас. Овој јавен повик е извонредна можност за сите граѓани, правни и физички лица, да реализираат инвестиции во енергетски проекти, а со тоа да се зголеми и производството на електрична енергија од обновливи извори“, истакна министерот Бектеши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Димитриеска-Кочоска учествува на годишните средби на ММФ и на Светската банка во Вашингтон

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денеска ќе престојува во работна посета на САД, каде што ќе учествува на редовните Годишни средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, коишто се одржуваат оваа недела во Вашингтон.
Посетата ќе биде можност министерката за финансии на средби со високи претставници од овие меѓународни финансиски институции да ги претстави економските и пред сѐ фискалните политики што ги спроведува Владата, напорите за фискална консолидација, за одржување макроекономска стабилност и за обезбедување одржлив економски раст. Согласно агендата, министерката ќе оствари средби со заменикот на генералниот директор на ММФ Бо Ли, извршниот директор Јерон Клик, замениците на извршните директори Марникс ван Рај и Владислав Рашкован, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер и шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја Ник Гигинеишвили. Исто така, средби се предвидени и со потпретседателката на Светската банка Антонела Басани, извршниот директор на Светската банка Јуџин Ругенат, регионалната директорка за Западен Балкан, Европа и Централна Азија Шиаочин Ју и со директорката за земјава во СБ Карол Межеван.
Димитриеска-Кочоска во Вашингтон ќе има можност да оствари средби и со претставници на Трезорот на САД, со којшто е воспоставена соработка во насока на зајакнување на ефикасноста на институциите, како и со повеќе инвеститори коишто се вклучени во процесот на издавање еврообврзници.
Годишните средби на ММФ и СБ оваа година се одржуваат под мотото „Можност во време на промени“, а на нив учесниците, односно министрите за финансии, гувернери, претставници на бизнис-заедницата и на граѓанскиот сектор, академици и сл. ќе можат да се осврнат на актуелните состојби и на предизвиците во глобални рамки, како и на изнаоѓање можни решенија. На годишните средби во Вашингтон министерката за финансии учествува заедно со гувернерот на Народната банка Трајко Славески.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,83 % во однос на одлуката од 6.10.2025 година.
Од 14.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,661 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,001 ден/кг и сега изнесува 36,661 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 3,358% и кај дизелот за 2,566%, кај екстра лесното масло за 2,450% и кај мазутот намалувањето е за 0,645%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5110%.
Економија
Халкбанк со промотивна понуда за потрошувачки кредит

Халкбанк АД Скопје им овозможува на своите клиенти нова можност да ги реализираат своите желби и планови под поволни услови, преку промотивната понуда за Промо потрошувачки кредит, со фиксна каматна стапка за целиот период на отплата.
Новиот производ на Халкбанк е со максимален износ до 2 500 000 денари, со можност за отплата до 120 месеци, и камата што останува непроменета во текот на целиот период на отплата. За кредити со рок до 95 месеци, каматната стапка изнесува 5% фиксна, а за кредити со рок до 120 месеци – 5,7% фиксна, со вклучено осигурување (CPI или Живот + Незгода).
Кредитната способност за вработени лица изнесува до 50% од месечните примања, додека пензионерите можат да користат кредит до 600 000 денари, по фиксна камата од 5%, со рок на отплата до 120 месеци, и кредитна способност до 40% од износот на пензијата.
Покрај поволните услови, Промо потрошувачкиот кредит овозможува висок степен на заштита и сигурност, благодарение на вклучените осигурителни полиси за случај на несреќа, боледување или невработеност, издадени од Халк Осигурување АД Скопје или Триглав Осигурување – Живот АД Скопје.
Со вкупна стапка на трошок (СВТ) од 5,78% за кредити со рок на отплата до 95 месеци и 6,53% за кредити до 120 месеци, оваа промотивна понуда претставува една од најповолните и најсигурни можности на пазарот за реализација на лични цели и финансиски планови.
Промоцијата е со важност до 30 ноември 2025 година.
(ПР)