Спорт
Роналдо: Јуве е подобар тим под Маурицио Сари
Кристијано Роналдо верува дека Јувентус е променет на подобро под новиот тренер Маурицио Сари и е задоволен од правецот во кој се движи италијанскиот шампион. Португалецот има пет гола во првите девет натпревари од новата сезона и ужива во тоа што добива слобода во играта.
„Да, сега сме променет тим, и подобрен. Имам повеќе слобода во играта. Се сменивме многу, но има уште работи кои можеме да ги правиме подобро. Завршувавме добра работа и под Макс Алегри, но сега сме подобар тим. Мојата позиција е подобрена и сакам кога имам слобода на движење. Целта е да се има подобри резултати како тим, а не е важно дали ќе ја добијам јас ’Златната топка’“, вели Роналдо на прес-конференцијата пред дуелот од Лигата на шампионите со Локомотив Москва.
Очигледно, почитта е взаемна, откако Сари, покрај Роналдо, веднаш изјави дека се чувствува „задоволен и горд“ што му е тренер на Португалецот.
„Тоа што сум му тренер на Роналдо, за мене е задоволство и гордост. Тој има неверојатен менталитет и знае како да ги постави целите за себе и за тимот. Кога го постигна 700-тиот гол, сигурен сум дека мислеше на голот број 800. Тоа е важно за сите околу него, бидејќи таа самодоверба и таа работна етика е взаемна. Поради него знам која е разликата во менталитетот, тој има нешто повеќе“, вели Сари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Македонија со пораз од Данска го започна Европското првенство
Ракометната репрезентација на Македонија, со пораз го започна настапот на 17-то Европско првенство во Данска, Шведска и Норвешка. Во првото коло, во Б групата, Данска ја победи Македонија 36:24 (17:12).
Македонските репрезентативци, во Хернинг, дадода се од себе, но Данска го демонстрираше својот квалитет и покажа зошто е најдобриот тим во светот.
Македонија се држеше во првото полувреме, најмногу поради тактички добрата игра во нападот, одбраната не можеше да ги задржи ѕвездите на данската селекција.
Десет минути беше нерешено, а потоа Данците со молскавична серија 5:0 се одвоија на 8:3. Успеа Македонија да фати каков таков приклучок, намали на три гола и не реализира напад за минус два. На крајот првиот дел заврши 17:12.
Во вториот дел Данците го засилија темпото во одбраната, во првите 15 минути Македонија тешко доаѓаше до чисти позиции. Данците стекнаа двоцифрена предност и забележаа очекувана победа.
Најефикасни играчи во македонската репрезентација беа Серафимов со шест, односно Кузмановски и Митев со по четири гола. Најдобрите Данци, Питлик и Гидсел со девет осносно осум гола ја предводеа својата репрезентација.
Второто коло во Б групата на програмата е в недела, Македонија од 18 часот ќе игра против Португалија, а од 20.30 Данска ќе се соочи со Романија.
Foto/ EPA
Спорт
Тер Штеген пред трансфер во Џирона
Марк-Андре тер Штеген ќе ја напушти Барселона до крајот на преодниот рок. Германецот мора да брани доколку сака да биде во германската селекција на Мундијалот во САД, Мексико и Канада.
Според шпанските медиуми, речиси сè е договорено, германскиот голман да се пресели во Џирона. Тер Штеген ги прифатил условите, а сè што останува е клубовите да ги дефинираат деталите за позајмицата.
Тер Штеген го загуби местото како прв голман со доаѓањето на Џоан Гарсија, а се мачеше и со повреди во претходниот период.
Бидејќи сè уште има што да покаже, логичниот следен чекор беше да ја напушти Барса, засега само привремено, а ќе видиме на лето кои ќе бидат следните чекори.
Foto/ depositphotos
Спорт
Скандал на ЕП во ватерполо – Покрената е истрага поради обложување
Неколку ватерполисти од репрезентацијата на Малта се под истрага поради сомнение дека се обложувале на гол-разликата на натпреварот од Европското првенство против Црна Гора во Белград.
Информацијата ја објави порталот „Тајмс оф Малта“. Според истиот извор, по повод настанот е покрената истрага, а повеќе детали ќе бидат познати во наредните денови.
Селекцијата на Црна Гора го доби споменатиот дуел од групната фаза со резултат 21:12. Малта беше поразена во Белград од Франција (22:13), Унгарија (21:6), а денес во битката за пласман од 13-то до 16-то место го победи Израел 16:15.
Foto/ EPA

