Црна хроника
Продолжен притворот на осум учесници во протестот во Скопје
Притворот на осум лица кои учествуваа во протестот на 4-ти јули во Скопје, од осум дена им е продолжен на 30 денови, соопшти во петок Основниот Суд Скопје 1.
Против лицата е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе предизвика кривично дело“
„Лицата А.Р., М.Б., Р.В., А.А., Е.И., И.М., Р.Б. и Ф.З. обвинителството ги товари дека биле дел од поголемата група граѓани кои на 4-ти јули годинава протестираа пред објектите на Основниот суд Скопје 1 – Скопје и Основниот суд Скопје 2 – Скопје, при што со камења и други тврди предмети ги оштетиле фасадите на објектите и повредиле неколку полициски службеници. Надлежен судија по разгледување и ценење на обвинителниот предлог, донесе одлука на обвинетите на коишто претходно од страна на судија на претходна постапка им беше одредена мерка притвор во траење од осум дена, денеска на сите осум обвинети да им ја продолжи мерката притвор за нови 30 дена. Воедно, дополнително ќе биде утврден и термин за одржување на главата расправа за конкретниот предмет, за што јавноста ќе биде известена“, се наведува во соопштението на Судот.
За кривичното дело за кое се товарат е предвидена казна до пет години затвор.
Во однос на останатите кривични пријави, поврзани со протестите од минатата недела, до Основниот суд Скопје 1 – Скопје досега не се добиени други обвинителни предлози.
Министерството за внатрешни работи до сега идентификуваше 34 лица кои учествуваа на протестите минатиот петок и сабота во Скопје против пресудата во случајот „Монструм“ со која шест лица се осудени на доживотна затворска казна за петкратното убиство што се случи во 2012 година кај Смилковското езеро во Скопје.
Од овие лица мерки на кривичен прогон ќе бидат преземени против 24 кои се товарат дека сториле кривично дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствије“
Останатите 10-мина се прекршочно гонети, односно издадени им се платни налози за глоба и процесуирани им се прекршочни пријави по Законот за прекршоци од јавен ред и мир. Делата кои им се ставаат на товар се „постапување спротивно на наредбата на надлежен државен орган или службено лице“, „неоддалечување од група на луѓе која овластено службено лице ја повикало да се разотиде во прилики кога јавниот ред е загрозен“ и „карање, викање или непристојно и дрско однесување на јавно место“./крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Едно лице загина во сообраќајна несреќа кај Кучевиште
Едно лице загина, а друго е повредено во сообраќајна несреќа што се случила вчера на локалниот пат с.Кучевиште- с.Кучевишка Бара.
Во несреќата учествувале патничко возило „форд фиеста“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П.(65) од Скопје и патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ж.С.(57) од с.Кучевиште, скопско.
На местото на несреќата починал возачот на патничкото возило „форд“ В.П., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
Со телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „фолксваген голф“ Ж.С., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено за обдукција, а извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
Црна хроника
Пијан 36-годишник од Кичево се однесувал агресивно во казино, двајца охриѓани се истепале во друго казино
Рано утрово, во 04:55 часот во СВР Охрид е пријавено дека во казино на улицата „Абас Емин“ во Охрид бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Л.У.(35) и М.„Н“, двајцата од Охрид. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок, извести СВР Охрид.
Исто така ноќеска во 03:10 часот на улицата „Тане Цалески“ во Кичево, полициски службеници го приведоа 36-годишниот Р.С. од Кичево, постапувајќи по претходна пријава дека во казино во Кичево агресивно се однесувал кон вработените. По преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,06 промили алкохол во крвта. Тој е спроведен во полициска станица и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Без одобрение изградила пристапен пат и поставила армирана бетонска пристапна рампа: кривична пријава за охриѓанка
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Д.Р.(40) од охридското село Велгошти.
Таа се сомничи за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“.
Имено на катастарска парцела во државна сопственост во атар на истото село, таа без одобрение изградила пристапен пат и поставила армирана бетонска пристапна рампа. Врз основа на констатираната состојба, овластен градежен инспектор изготвил решение за нивно отстранување.

