Топ
Две лица загинаа во сообраќајна несреќа на патот Демир Капија – Неготино

Две лица загинаа во сообраќајна несреќа што се случи вчера на регионалниот пат Демир Капија – Неготино, во близина на клучката кај с. Тремник.
Несреќата се случила помеѓу автомобил „хјундаи“, управуван од Е. К. (40) од с. Тремник, Неготинско, и автомобил „фолксваген голф“, управуван од М. Н. (51) од Неготино.
Притоа, Е. К. починал на местото на настанот, а М. Н. починал на патот кон болница. Основен јавен обвинител и екипа од Полициската станица Неготино извршиле увид на местото на настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) „Дуото Апасиев – Мециновиќ си пикнало во џебот милиони од Левицата, а на поддржувачите им велат донирајте ни пари“, вели Манасиевски

„Дуото Апасиев-Мециновиќ си пикнало во џеб милиони од Левица, а на поддржувачите им велат донирајте ни пари. Глумците Апасиев и Мециновиќ кои се претставуваат за скромни и чесни луѓе пред граѓаните, се само обични лицемери и луѓе кои свртеле милионски суми во своите џебови од сопствената партија“, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Лицемерието во Левица е огромно. Говорат дека се работничка партија и молат за донации, за потоа од истите луѓе кои им ги донираат овие средства, истите да си ги поделат 2-3 од врвот на Левица.
Но, тоа не на зачудува од вакво тип на лицемерни и дволични политичари, кои денес зборат и прават едно, утре друго.
Вакви луѓе кои немаат визија, немаат идеа, и немаат ниту едно решение за ниту еден проблем, туку знаат само да лажат и манипулираат во јавноста, се прочитани од народот. Апасиев, Мециновиќ и Левица се демаскирани“, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Фото) Презентирано визуелното решение за новата Универзална сала

Денеска, пред македонската јавност беше презентирано визуелното решение за новата Универзална сала – модерен и функционален објект, кој ќе го врати значењето на оваа култна локација и ќе ѝ даде нова енергија на културната сцена во Скопје.
Проектот, кој беше преземен од Град Скопје, е задржан во делот на идејното архитектонско решение, а изработката е дело на проектантот Бујар Муча. Во конструктивниот дел беа направени измени врз основа на насоките од испитувањата што Министерството за култура и туризам ги побара како неопходност што произлезе од пожарот на објектот, извести Министерството за култура.
Она што е особено значајно во решението е дека ќе се задржи постојната форма за почитување на колективната меморија, Универзалната сала ќе располага со капацитет од 1.200 седишта, а ќе има и нова просторна акустика со современи техничко-технолошки системи, како: HVAC, сценска механика, ЛЕД-осветление, аудио-видео и електрични инсталации. Предвидени се и нови современи материјали и во ентериерот и во екстериерот, објектот ќе биде енергетски ефикасен, а е изработено и современо, атрактивно партерно и хортикултурно решение.
Очекувањата се до почетокот на октомври да завршат постапките за избор на изведувач и надзор по што ќе почне изградбата на Универзалната сала по системот клуч на рака. Планирано е изградбата да биде завршена до крајот на 2027 година, а од 2028 година Универзалната сала ќе биде подготвена да биде дел од програмата „Скопје – европска престолнина на културата 2028“. Инвестицијата е проценета на 20 милиони евра, соопшти Министерството за култура.
„Ова не е само објект – ова е инвестиција во културата, идентитетот и во иднината на Скопје. Универзалната сала ќе стане модерен симбол на културна размена, креативност и заедништво, достапна за сите граѓани. Со нејзината изградба создадовме предуслови Скопје да го зачува духот на својата културна традиција, но и да ја зајакне својата улога како европска престолнина на културата за 2028 година“, истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Македонија
(Видео) Граѓаните го блокираа мостот „Близнаци“: секој ден без акција значи уште еден ден вдишување отрови

Граѓаните, утрово, од 7.30 часот, еден час ја блокираа крстосницата кај мостот „Близнаци“ помеѓу општините Аеродром и Гази Баба.
„Овој чекор го преземаме поради немањето слух на надлежните органи за нашите барања и сè поголемото труење што му се прави на овој народ“, велат од „Стоп за Вардариште“.
Од таму велат дека ќе блокираат секој ден сè додека не се исполнат нивните барања:
– Итно преземање мерки за гаснење на активните пожари на депонијата;
– Континуирано обезбедување на локацијата со физичко присуство од страна на МВР и/или припадници на АРМ за спречување нови палења;
– Поставување ограда околу целата депонија;
– Поставување камери, вклучително и термални, на повеќе точки на Вардариште, кои онлајн ќе бидат јавно достапни за сите граѓани 24/7;
– Итно одвојување финансиски средства и од локалните самоуправи и од централната власт за спроведување сите неопходни активности за санација и затворање на депонијата „Вардариште“ во согласност со еколошките стандарди;
– Формирање независна комисија за испитување на причините за палењето и за одговорноста;
– Целосна реформа на системот на управување со отпад преку воведување концепт нула отпад.
„Сакаме да ги алармираме јавноста и надлежните институции за сериозниот и континуиран проблем со палењето на депонијата ‘Вардариште’, што резултира со секојдневно загадување на воздухот, почвата и водата во Скопје и околината.
Граѓаните што живеат во близина на депонијата, како и сите жители на градот, се изложени на штетни гасови, чад и канцерогени честички, кои се ослободуваат при палењето на отпадот. Медицински лица постојано предупредуваат јавно за последиците врз нашето здравје, особено за здравјето на децата. Овој проблем не е нов, но неговата зачестеност и интензитетот во последните месеци достигнаа алармантно ниво.
Според официјални податоци уште од 2014 година, на локацијата се претпоставува дека биле депонирани речиси 2.500.000 м3 отпад. Точното количество на отпадот не се знае, како ни неговиот состав. Анализите укажуваат на високозагадена и контаминирана средина, како и дека покрај комунален, складиран е и индустриски отпад. Резултатите од мониторингот уште во 2013/2014 укажувале на многу негативно влијание врз животната средина, особено врз подземните води.
Ова не е само еколошко прашање – ова е прашање на јавна здравствена безбедност. Секој ден без акција значи уште еден ден во кој децата, возрасните и сите граѓани вдишуваат отрови“, наведуваат од „Стоп за Вардариште“.
фото: фејсбук