Европа
Русија ги обвини САД дека сакаат да доминираат со светот
САД сакаат да доминираат со светот, особено наметнувајќи им го својот став за украинската криза на Европејците, изјави во средата министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров, повторно отфрлајќи ги обвинувањата на Киев дека Москва испратила свои војници и оружје во одметнатите рускојазични региони на југоистокот од Украина.
„САД се одлучија за конфронтација и сакаат да доминираат со светот. Говорот на американскиот претседател Барак Обама покажува дека во центарот на американската филозофија е само едно – ’ние сме број еден, и целиот свето тоа мора да го признае’“, изјави на прес-конференцијата во средата во Москва шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, коментирајќи го говорот за состојбата на нацијата на американскиот челник во вторникот навечер во Конгресот.
Аргументирајќи ја својата изјава, Лавров потсети дека Вашингтон во неколку наврати се фалел дека „им ги наметнал“ на своите европски партнери економските санкции против Русија којашто Западот, во прв ред САД, ја обвинуваат дека воено ги поддржува одметнатите рускојазични региони во југоисточна Украина.
Лавров повтори дека Западот не нуди никакви докази за руска вмешаност во судирите меѓу силите на прозападните власти во Киев и проруските бунтовници на истокот, за што Москва ги обвинува властите во Киев. „Секогаш велам: доколку нешто тврдите со таква увереност, покажете ги доказите. Меѓутоа, никој не може да покаже докази, или тоа не го сака“, рече Лавров.
„Оттаму, пред да барате од нас нешто од престанеме да го правиме, ве молам да ги презентирате доказите дека тоа го правиме“, порача Лавров.
Но истовремено шефот на руската дипломатија го обвини Западот дека ја снабдува Украина со оружје преку земји членки на НАТО и ЕУ спротивно на прописите на Европската унија и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
„Претседателот Путин во неколку наврати дека таму покрај советското, руско оружје во Украина, повеќе нема, додека сé уште некои украински соседи од земјите на НАТО и ЕУ не почнаа да доставуваат оружје“, рече Лавров.
„Сметаме дека доставувањето на оружје во зоните на конфликтот е во спротивност со прописите и кодексите и на Европската унија и на ОБСЕ“, истакна Лавров.
Шефот на руската дипломатија призна дека рускојазичните бунтовници под своја контрола имаат поголема територија отколку што било предвидено со мировниот договор од почетокот на ланскиот септември постигнат во белоруската престолнина Минск, но истакна дека добил убедувања од челниците на бунтовници дека се подготвени да се повлечат на демаркационата линија договорена во Минск.
Бунтовниците своите акции ги оправдаа со обвинувањата дека украинската армија довела нови сили на боиштето и дека не се придржувала до договорот од Минск во кој според една од 12-те точки тешкото вооружување требаше да биде повлечено од двете страни во широчина од 30 километри од линијата на раздвојувањето. Киев, пак ги обвинува дека заземале 500 квадратни километри територија од договореното.
Лавров, исто така, повтори дека судирите во источна Украина треба да се решат во согласност со територијалниот интегритет на Украина, но со поголема автономија за двата региони каде што огромно мнозинство се припадниците на руската и рускојазичната заедница. Овие региони откако ланскиот февруари власта во Киев ја преземаа прозападните сили со безредијата со кој го соборија дотогашниот претседател Виктор Јанукович, и поништувањето на законот за јазиците со кој рускиот го загуби статусот на службен а новите киевски власти именуваа нови регионални челници, организираа референдуми на кои самопрогласија ткн Народни републики во двата главни центра Донецк и Луганск.
Лавров на прес-конференцијата се осврна и на претстојното одбележување на 70-годишнината на ослободувањето на нацистичкиот германски логор Аушвиц на 27-ми јануари, порачувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин нема да присуствува на тоа одбележување бидејќи „не добил официјална покана“.
„Немаше официјална покана упатена за рускиот претседател. Дојде писмо од директорот на музејот Аушвиц упатено до рускиот амбасадор во Полска со најавата на свеченоста и прашањето дали сакаме да учествуваме и кој да учествува. Покана од тој тип не предвидува задолжителен одговор“, изјави Лавров./крај/мф/сн
Извор: РИА Новости
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украинскиот министер за одбрана: Целта е да се убиваат 50.000 Руси месечно
Украина сака да „убива 50.000 Руси месечно“, изјави новиот министер за одбрана Михајло Федоров за време на прес-конференција, наведувајќи ги своите приоритети за мандатот.
Зборувајќи за своите планови во својата нова улога, Федоров рече дека има две клучни цели, од кои првата е да управува со системот.
„Управувањето мора да се гради околу луѓе кои се способни да постигнат јасно дефинирани цели. Ако некој не покаже мерливи резултати, не може да остане во системот“, рече тој.
Тој го наведе зголемувањето на руските жртви како втора стратешка цел. „Втората стратешка цел е да се убијат 50.000 Руси месечно“, рече тој. Додаде дека, според украинските податоци, минатиот месец биле убиени 35.000 руски војници и дека овие загуби биле „потврдени со снимки“.
„Ако достигнеме 50.000, ќе видиме што ќе се случи со непријателот. Тие ги гледаат луѓето како ресурс, а недостатокот на овој ресурс е веќе видлив“, нагласи тој. Москва и Киев ретко официјално ги објавуваат своите загуби. Украина проценува дека вкупните руски загуби од почетокот на целосната инвазија надминале 1.200.000 луѓе. Оваа бројка ги вклучува мртвите, ранетите и исчезнатите.
Европа
Франција бара воена вежба на НАТО во Гренланд
Франција побара НАТО да одржи воена вежба на Гренланд и е подготвена да учествува, соопшти Елисејската палата, објави Си-Ен-Ен.
Франција, заедно со други европски земји, минатата недела распореди дел од воениот персонал на Гренланд за да учествува во посебна заедничка вежба предводена од Данска.
Ова доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп ги засили заканите за анексија на арктичкиот остров со сила. Неговите изјави го доведоа во прашање деценискиот безбедносен сојуз предводен од САД во Европа.
Што е воена вежба на НАТО?
Вежбите на НАТО ги свикува командантот на НАТО и можат да бидат со големина од неколку офицери до „вежби од целосен обем што вклучуваат борбени сценарија што вклучуваат авиони, воени бродови, артилерија, оклопни возила и илјадници војници“, вели НАТО на својата веб-страница.
Земјите-членки на НАТО учествуваат во вежбите со обезбедување национални придонеси во форма на војници, опрема или друга поддршка. „Земјите учеснички генерално ги финансираат своите национални придонеси“, наведува НАТО.
Европа
(Видео) Нова железничка несреќа во Шпанија: машиновозачот загина, 37 повредени
Машиновозачот загина, а најмалку 37 лица се повредени во железничка несреќа во близина на Барселона.
Според локалните власти, возот Родалиес удрил во потпорен ѕид што се урна на пругата помеѓу Гелида и Сант Садурни. Се верува дека четири лица се во критична состојба, изјави портпаролот на регионалната противпожарна служба, Клауди Гаљардо, за новинарите.
Единаесет амбулантни возила се испратени на местото на несреќата во Гелида, околу 35 километри западно од Барселона, потврдија службите за итни случаи. Локалната противпожарна служба соопшти дека 35 противпожарни екипи се испратени на местото на несреќата.
Повредените се однесени во блиските болници. Лошото време го стави поголемиот дел од брегот во источна и северозападна Шпанија под висока тревога. Снежни бури беа пријавени и во шпанските Пиринеи, а силни бури беа пријавени покрај брегот на Менорка, каде што брановите достигнаа висина од неколку метри.
Несреќата во Каталонија се случи само два дена по сериозниот судир помеѓу два брзи воза во Адамуз, Андалузија. Најмалку 42 лица загинаа во таа несреќа кога вагоните на воз што се движеше кон Мадрид излетаа од шините, преминаа на спротивната пруга и се судрија со брз воз што доаѓаше од спротивната насока.

