Економија
Туризмот има потенцијал, потребна е системска поддршка

Потребна е стратешка акција на сите чинители во општеството за да се подобри сликата за екологијата во земјава, изјави претседателот на Туристичко–угостителската комора (ТУК), Владимир Граматиков.
„Главна тема посебно актуелна период е загадување на воздухот, а актуелна во текот на цела година е отпадот, кој буквално го има насекаде, како во централните градски подрачја, така и во приградски средини, рурални и планински места. Екологијата е огромен непријател, а треба да биде пријател број еден на туризмот. Кога се работи за туризмот, тоа не е дозволиво. Нашето барање е сите ресорни институции да преземат сериозни чекори кон подобрување на оваа ситуација. Бараме иницирање на кампања за подигнување на еколошката свест кај граѓаните, и тоа: за фрлање отпадоци онаму каде што им е местото, собирање на изметот од милениците, чување на урбаната опрема и санкционирање на вандализмот“, изјави Граматиков и додаде дека Министерстовото за животна средина, комуналните претпријатија, локалните власти, треба да организираат долгорочни кампањи кои ќе имаат реален ефект, понатаму да се воведат и инспекции, за да се казни несоодветно постапување.
Претседателот на Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ), Влатко Сулев, ја најави претстојната Македонската туристичка берза, (12-13 декември 2019) модел кој се применува во развиените држави како можност сите чинители да се соберат на едно место, да разменат идеи и да се информираат за новитетите во индустријата.
„Настанот на годината во областа на тузимот, единствен од овој тип во регионот, е четвртата туристичка берза и третата конференција кои се организирани по светски пример, за вмрежување и обединување на дојдовниот туризам. Ќе присуствуваат светски имиња во туризмот, кои верувам дека ќе споделат искуства кои ќе можеме да ги примениме и во земјата. Имплементирање на светските трендови во областа на туризмот значи да се биде во чекор со привлекување на што поголем број туристи. На берзата ќе учествуваат претставници на туристички агенции, хотели, ресторани, винарии, превозници, туристички водичи, музеи и институции“, изјави Сулев.
Александар Кузманоски, член на УО на НАИТМ, истакна дека со развојот на секторот туризам неопходно е сузбивање на нелојалната конкуренција, обединување на сите чинители и имплементирање на барањата кои произлегуваат од секторот.
„Неопходно е системско справување со нелојалната конкуренција која се провлекува години наназад, а претставува сериозен проблем кој треба соодветно да се третира. Веруваме дека новото законско решение кое е во процедура ќе се имплементира соодветно со прифаќање на нашите барања. Стоиме на располагање на институциите за надминување на предизвиците во секторот со цел развој на туризмот и негово поголемо учество во БДП“, изјави Кузманоски.
Минатата година во земјава се регистрирани над еден милион туристи, со три милиони ноќевања, а туризмот учествува со три проценти во БДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Димитриеска-Кочоска учествува на годишните средби на ММФ и на Светската банка во Вашингтон

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денеска ќе престојува во работна посета на САД, каде што ќе учествува на редовните Годишни средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, коишто се одржуваат оваа недела во Вашингтон.
Посетата ќе биде можност министерката за финансии на средби со високи претставници од овие меѓународни финансиски институции да ги претстави економските и пред сѐ фискалните политики што ги спроведува Владата, напорите за фискална консолидација, за одржување макроекономска стабилност и за обезбедување одржлив економски раст. Согласно агендата, министерката ќе оствари средби со заменикот на генералниот директор на ММФ Бо Ли, извршниот директор Јерон Клик, замениците на извршните директори Марникс ван Рај и Владислав Рашкован, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер и шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја Ник Гигинеишвили. Исто така, средби се предвидени и со потпретседателката на Светската банка Антонела Басани, извршниот директор на Светската банка Јуџин Ругенат, регионалната директорка за Западен Балкан, Европа и Централна Азија Шиаочин Ју и со директорката за земјава во СБ Карол Межеван.
Димитриеска-Кочоска во Вашингтон ќе има можност да оствари средби и со претставници на Трезорот на САД, со којшто е воспоставена соработка во насока на зајакнување на ефикасноста на институциите, како и со повеќе инвеститори коишто се вклучени во процесот на издавање еврообврзници.
Годишните средби на ММФ и СБ оваа година се одржуваат под мотото „Можност во време на промени“, а на нив учесниците, односно министрите за финансии, гувернери, претставници на бизнис-заедницата и на граѓанскиот сектор, академици и сл. ќе можат да се осврнат на актуелните состојби и на предизвиците во глобални рамки, како и на изнаоѓање можни решенија. На годишните средби во Вашингтон министерката за финансии учествува заедно со гувернерот на Народната банка Трајко Славески.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,83 % во однос на одлуката од 6.10.2025 година.
Од 14.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,661 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,001 ден/кг и сега изнесува 36,661 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 3,358% и кај дизелот за 2,566%, кај екстра лесното масло за 2,450% и кај мазутот намалувањето е за 0,645%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5110%.
Економија
Халкбанк со промотивна понуда за потрошувачки кредит

Халкбанк АД Скопје им овозможува на своите клиенти нова можност да ги реализираат своите желби и планови под поволни услови, преку промотивната понуда за Промо потрошувачки кредит, со фиксна каматна стапка за целиот период на отплата.
Новиот производ на Халкбанк е со максимален износ до 2 500 000 денари, со можност за отплата до 120 месеци, и камата што останува непроменета во текот на целиот период на отплата. За кредити со рок до 95 месеци, каматната стапка изнесува 5% фиксна, а за кредити со рок до 120 месеци – 5,7% фиксна, со вклучено осигурување (CPI или Живот + Незгода).
Кредитната способност за вработени лица изнесува до 50% од месечните примања, додека пензионерите можат да користат кредит до 600 000 денари, по фиксна камата од 5%, со рок на отплата до 120 месеци, и кредитна способност до 40% од износот на пензијата.
Покрај поволните услови, Промо потрошувачкиот кредит овозможува висок степен на заштита и сигурност, благодарение на вклучените осигурителни полиси за случај на несреќа, боледување или невработеност, издадени од Халк Осигурување АД Скопје или Триглав Осигурување – Живот АД Скопје.
Со вкупна стапка на трошок (СВТ) од 5,78% за кредити со рок на отплата до 95 месеци и 6,53% за кредити до 120 месеци, оваа промотивна понуда претставува една од најповолните и најсигурни можности на пазарот за реализација на лични цели и финансиски планови.
Промоцијата е со важност до 30 ноември 2025 година.
(ПР)