Европа
Во Брисел донаторска конференција за Србија и БиХ
Во среда во Брисел ќе биде одржана голема Донаторска конференција за отстранување на последиците од катастрофалните поплави, кои во мај ги погодија Србија и Босна и Херцеговина (БиХ), а најавено е присуството на бројни претставници од меѓународните институции и организации од Европа и светот, пренесува Танјуг.
Српската делегација ќе биде предводена од српскиот претседател Томислав Николиќ, на чија иницијатива се организира оваа конференција. Српската министерка задолжена за ЕУ, Јадранка Јоксимовиќ изјавила дека очекува да бидат собрани значајни средства за отстранување на последиците од мајските поплави, и истакнала дека досега Србија добила најголема помош од ЕУ.
„Очекуваме дека билатералните донатори, а и сите други кои сакаат да помогнат, во однос на списокот на нашите потреби ќе реагираат и ќе ни помогнат на најдобар начин да ја пребродиме кризата после поплавите, која за нас е пред се тешка во економска смисла“, изјавила Јоксимовиќ.
Таа навела дека донаторската конференција во седиштето на Европската комисија, која е организирана од Франција и Словенија, има големо политичко и симболично значење, но дека пред се важно е собирањето на средствата, односно барањето на дополнителната помош за санација на тешките последици од поплавите.
Јоксимовиќ додала дека Србија досега успеала преку пренамена на ИПА фондовите од 2012 година да овозможи 30 милиона евра средства за санација, од оние од 2013 година околу 10 милиона, а добила и зелено светло од фондовите за 2014 година да издвои околу 50 милиони евра.
Српската министерка исто така најавила дека до еврокомесарот за регионални односи, Јоханес Хан, ја приложила завршната верзија за апликацијата до Фондот за солидарност, и дека од таму земјата може да очекува околу 40 до 50 милиони евра./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германски министер: Дроновите во Белгија се порака да не се допираат замрзнатите руски средства
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денес посочи врска помеѓу неодамнешните инциденти со беспилотни летала во Белгија и дебатата за користењето на замрзнатите руски средства што ги поседува белгиската финансиска институција „Еуроклеар“ за финансирање на огромен заем за Украина.
Појавата на беспилотни летала над аеродромите и воените бази стана чест проблем во Белгија во последните денови и предизвика големи нарушувања низ цела Европа во последните месеци. Некои официјални лица рекоа дека инцидентите низ Европа претставуваат „хибридна војна“ на Русија. Москва негираше каква било поврзаност со инцидентите.
„Да, сите го гледаме тоа. И Белгијците исто така. Оваа мерка има за цел ширење несигурност и заплашување на Белгија: Не се осмелувајте да ги допирате замрзнатите средства. Ова не може да се толкува на друг начин“, им рече Писториус на новинарите на прес-конференција во Берлин.
Белгиското Министерство за одбрана одби да коментира неговите изјави, но рече дека „оваа можност веќе е покрената во Белгија“. Белгискиот премиер Барт де Вевер рече дека на неговата земја ѝ се потребни конкретни и цврсти гаранции пред да спроведе план за користење на замрзнатите руски средства за да ѝ помогне на Украина во борбата против руската инвазија.
Ставот на Белгија е клучен бидејќи белгиската финансиска институција Евроклер држи замрзнати руски средства. Белгискиот аеродром во Лиеж ги продолжи летовите откако привремено го прекина сообраќајот во понеделник поради забележан дрон, втор ваков инцидент оваа недела.
Дроновите забележани над аеродромите во главниот град Брисел и источниот град Лиеж пренасочија бројни летови и приземјија некои авиони што требаше да полетаат пред три дена. Белгиската влада вчера свика итен состанок на клучните министри и шефови на безбедносни служби за да разговараат за она што министерот за одбрана го опиша како координиран напад.
фото: принтскрин
Европа
Данска ќе ги забрани социјалните мрежи за децата под 15 години
Данска ќе ја забрани употребата на социјалните медиуми од страна на деца под 15 години, соопшти денес данската влада, но родителите ќе можат да дадат согласност за пристап до одредени платформи за деца на возраст од 13 години и повеќе.
Овој потег доаѓа откако премиерката Мете Фредериксен во говорот пред парламентот во октомври повика на ограничувања за користењето на социјалните медиуми од страна на децата поради загриженост за менталното здравје на младите. „Таканаречените социјални медиуми сè повеќе им го крадат времето, детството и благосостојбата на нашите деца, и ние сега ставаме крај на тоа“, изјави министерката за дигитализација Каролин Стејџ Олсен.
Повеќето партии во парламентот изјавија дека ќе го поддржат планот пред официјалното гласање. Snapchat, YouTube, Instagram и TikTok се најпопуларните платформи на социјалните медиуми за деца во Данска, соопшти владата.
Според анализата од февруари на Данскиот орган за конкуренција и потрошувачи, младите луѓе во нордиската земја поминуваат просечно 2 часа и 40 минути дневно на социјалните медиуми. Данска ја следи Австралија, која минатата година ги забрани социјалните медиуми за деца под 16 години.
фото: принтскрин
Европа
Зеленски: На Украина ѝ е потребна меѓународна помош за заштита на енергетската инфраструктура
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на Украина ѝ е потребна меѓународна помош за да ја заштити својата енергетска инфраструктура од руски напади.
Зеленски во видео порака рече дека системите за воздушна одбрана и заштитата на енергетската инфраструктура се „највисоки приоритети со оглед на руските напади“.
„Всушност, нашите добавувачи на енергија, тимови за поправка и силите за цивилна одбрана се зафатени со обновување на областите по нападите секој ден“, рече Зеленски, апелирајќи за помош од меѓународната заедница.
Четврта зима од војната
Додека војната влегува во својата четврта зима, руската војска повторно систематски ги гранатира електраните и трафостаниците за да го прекине снабдувањето со електрична енергија, греење и вода на украинското население.
Укренерго соопшти дека во четврток повторно се планирани фазни прекини на електричната енергија низ целата земја за да се стабилизира мрежата.
фото: принтскрин

