Европа
Борби во близина на украински Мариупол
Борбите не престануваат во близина на стратешкото пристаниште на Азовското Море – Мариупол на украинскиот рускојазичен југоисток, кое е под контрола на силите лојални на Киев, а во последните 24 часа таму се убиени тројца припадници на проруските милиции.
Селото Широкино, десетина километри источно од Мариупол, претрпело тешки разурнувања, најмногу околу патот кој ги раздвојува двете завојувани страни меѓусебно оддалечени околу 700 метри, известува репортерот на AFP. Борбите се водат секојдневно со артилериски и тенковски оган, рекол за агенцијата припадник на рускојазичните сили кој се претставил како Карас.
Набљудувачите од мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) на теренот виделе во четвртокот „три украински тенкови како ги гаѓаат позициите на бунтовниците во Широкино“, на што другата страна возвратила со тенковски гранати кои паднале во близина на украинските позиции, се наведува во извештајот објавен во петокот навечер.
Бунтовниците тврдат дека контролираат околу 30 отсто од селото, главното упориште на киевските сили пред Мариупол, пристаниште коешто како што стравуваат во Киев може да стане цел на голема офанзива на бунтовниците. Имено, со заземањето на овој град со половина милиони жители, од кои големо мнозинство се етнички Руси и русофони но од почетокот на ланската априлска офанзива на киевските сили е под контрола на Националната гарда и доброволечките баталјони на прозападните власти, рускојазичните бунтовници би воспоставиле копнена врска меѓу териториите коишто ги контролираат во областа Донбас на истокот од Украина и црноморскиот полуостров Крим кој точно пред една година со референдум си ја врати автономијата и се присоедини кон Русија.
Тројца проруски борци загинале а шестмина се ранети во Широкино во последните 24 часа, објавија на своите официјални интернет мрежи властите на самопрогласената ткн Народна република Донецк. Се известува дека во истиот период до петокот вечерта украинската војска извела 33 напади врз Широкино и врз аеродромот крај Донецк кој во јануари го освоија проруските сили.
Во редовите на украинските сили нема загинати војници, но тројца се ранети, изјави портпаролот на украинската армија Андриј Лисенко, пренесуваат украинските медиуми. Тој додаде дека позициите на украинската војска се гранатирани од повеќекратните ракетни фрлачи „Град“, „првпат по речиси еден месец“.
Еден цивил го загубил животот во бомбардирањето на гратчето Авдовка, под контрола на киевските сили, во близина на разурнатиот аеродром крај Донецк, според тамошниот началник на полицијата Вјачеслав Аброскин.
Двете страни, иако признаваат дека примирјето на најголемиот дел од фронтот генерално се почитува, меѓусебно се обвинуваат за спорадични прекршувања на мировниот договор постигнат на 12-ти февруари во белоруската престолнина Минск, со посредство на челниците на Украина и Русија, претседателите Петро Порошенко и Владимир Путин, на иницијатива на францускиот претседател Франсоа Оланд и германската канцеларка Ангела Меркел.
Според овој договор, завојуваните страни се договорија по настапувањето на прекинот на огнот и размената на заробениците по принципот „сите за сите“ да се создаде тампон зона со повлекување на тешкото вооружување од линијата на раздвојувањето во длабочина од 50 до 140 километри во зависност од калибарот.
Европската унија во четвртокот договори задржување на сила на економските санкции против Русија наметнати поради нејзината наводна улога во украинската криза, „поврзувајќи ги со целосното спроведување на договорот од Минск“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

