Uncategorized
Aлиша Кис се залага за ангажирање повеќе жени во индустријата за забава
 
																								
												
												
											Алиша Кис има сериозни мисли кога станува збор за еднаквоста.
38-годишната пејачка говореше за застапеноста на жените во индустријата за забава додека беше на настанот Billboard x Amex Impact Brunch во четвртокот.
Ако сакам да најдам жена дизајнер за светло, како можам да најдам таква личност? Ако сакам да најдам жена инженер за звук, како можам да најдам таква? Ако сакам да најдам жена менаџер за бизнис или жена адвокат“, рече таа на сцената додека зборуваше со Гејл Мичел.
„Се случува луѓето да се навикнат да работат со оној со кого работеле порано, а потоа одите да побарате препорака, и тие се навикнати да работат со Џон веќе 100 години, па затоа и ви го препорачуваат Џон.
Таа продолжи да говори за статистиката на жените уметници и објасни дека само 17 проценти од уметниците во топ-100 на „Билборд“ оваа година се жени.
Пејачката ова го нарече длабок и вознемиривачки јаз и додаде: „Ако работите се небалансирани, ние мора да ги исправиме и коригираме“.
Алиша вели дека и самата прави промена со вработување жена и на тој начин отвара можност жените да направат бранови во нивните кариери.
На настанот таа на себе имаше едноставен стилски топ и панталони проткаени со златен конец, креација на Мајкл Корс.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Uncategorized
АХВ се вклучи во одбележувањето на 16 Октомври – Светскиот ден на храната
 
														Со мотото „Рака за рака за подобра храна и подобра иднина“, Агенцијата за храна и ветеринство (АХВ) се придружи на настанот што го организара Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации – ФАО за одбележување на 16 Октомври – Светскиот ден на храната.
Во рамките на настанот, кој во организација на ФАО се одржа во скопскиот Градски парк, а беше посветен и на одбележувањето на осумдесетгодишнината од основањето на ООН и ФАО, претставници на АХВ на граѓаните им подели едукативен материјал со совети за безбедна храна – летоци, лифлети и торбички.
ФАО во рамките на Светскиот ден на храната годинава повикува на глобална соработка за создавање мирна, одржлива, просперитетна и безбедна иднина со храна. Со заедничка работа преку владите, организациите, секторите и заедниците активно се работи на трансформирање на земјоделско-прехранбениот сектор во насока на обезбедување услови секој граѓанин да има пристап до здрава исхрана живеејќи во хармонија со планетата.
Агенцијата за храна и ветеринарство и оваа година ја поддржа кампањата на ФАО за одбележување на Светскиот ден на храната истакнувајќи го ставот дека граѓаните во државава јадат безбедна храна. АХВ како институција е дел од синџирот за контрола на безбедноста на храната во земјата од домашно производство и од увоз водејќи сметка таа редовно да се контролира во рамките на редовните и вонредните контроли и многубројните мониторинг-програми, кои се спроведуваат во АХВ, чии досегашни анализи потврдуваат дека македонските граѓани јадат безбедна храна.
Uncategorized
Турција: Нашата дипломатија го спречи доаѓањето на Нетанјаху на самитот во Египет
 
														Турската влада соопшти дека Анкара одиграла клучна улога во спречувањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да присуствува на самитот за Газа во Египет.
„По иницијатива на претседателот Реџеп Таип Ердоган и благодарение на турските дипломатски напори, Нетанјаху нема да учествува на состанокот“, изјавил владин претставник за германската агенција „ДПА“.
Израел пак тврди дека Нетанјаху не отпатувал поради еврејскиот празник Симхат Тора, иако претходно беше најавено негово присуство.
Самитот во Шарм ел-Шеик го предводи американскиот претседател Доналд Трамп, а учествуваат најмалку 20 светски лидери.
Uncategorized
Кадриу: Османи одобрил договор од 56 милиони денари за возила за ОБСЕ, цените трипати повисоки
 
														Претставникот на „Влен“, Арбер Кадриу, презентираше договор за изнајмување возила за потребите на Министерството за надворешни работи (МНР) за време на организацијата на министерскиот совет на ОБСЕ во декември 2023 година, нарекувајќи го „доказ за коруптивниот начин на кој работел тогашниот министер Бујар Османи“.
Кадриу истакна дека договорот е склучен на износ од 56.640.000 денари за само два дена настан, без механизми за контрола и потврда на бројот на ангажирани возила.
„Во него јасно се гледаат астрономските цени што државата ги плаќала: VIP автомобил 29.000 денари на ден, возило од средна класа 23.000 денари, а миниван 19.200 денари на ден, без ДДВ,“ рече Кадриу, посочувајќи дека само еден месец претходно истата компанија склучила договор со МНР за редовни потреби по цена од 9.500 денари за ист тип возило.
„Тоа значи дека државата платила три пати поскапо за исти возила, од истата компанија, во исто време,“ додаде тој.
Од ВЛЕН обвинуваат дека во договорот „нема записник или доказ колку возила биле користени, нема внатрешна контрола, ниту службена потврда на реализацијата“.
„Ова е класичен модел на излевање на јавни пари во приватни џебови. Ова е начинот како работел Бујар Османи како министер за надворешни работи,“ истакна Кадриу, додавајќи дека ваквите тврдења се нотирани и од Државниот завод за ревизија.
ВЛЕН бара отворање кривична истрага за сите лица вклучени во овој договор, како и активирање на Државниот завод за ревизија за целосна проверка на набавките во МНР за време на мандатот на Османи.
„Бујар Османи е должник пред граѓаните. Овој договор го потпишал во свој мандат и со свој потпис ја одобрил астрономската цена. Не може да се крие зад службеници и процедури,“ рече Кадриу, повикувајќи медиуми, граѓански организации и јавноста да го погледнат договорот.


 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											