Регион
Веруфакис: Грчкото ‘не’ е победа на демократска Европа, Ципрас ќе ги ‘интензивира“ иницијативите за договор
Грчкото „не“ е големо „да“ за демократска Европа, изјави во неделата навечер грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис откако Грците на референдумот е речиси јасно дека победи опцијата којашто ја заговараше тој заедно со премиерот Алексис Ципрас, чиј претставник во преговорите со кредиторите најави дека Атина ќе се врати на преговарачката маса.
„Денешното ‘не’ е големо ‘да’ за демократска Европа. Од утре со овој храбар глас ‘не’ ќе ги повикаме своите партнери да пронајдеме заеднички став“, изјави грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис, откако по повеќе од половината од избирачкиот материјал од грчкиот референдум повеќе нема дилеми дека уверливо мнозинство од гласачите се одлучиле да го послушаат премиерот Алексис Ципрас и да ги отфрлат предлозите и барањата на меѓународните кредитори и европските партнери – Меѓународниот монетарен фонд, (ММФ), Европската централна банка (ЕЦБ) и Европската комисија.
Грчкото министерство за внатрешни работи по обработениот материјал од 51,88 отсто од избирачките места, објави дека опцијата „не“ е во водство со 61,24 отсто, додека опцијата „да“ освоила 38,76 отсто од гласовите, а неважечки се 5,72 отсто од гласачките ливчиња. Одѕивот на гласачите изнесувал 60,01 отсто од околу десетмилионското гласачко тело.
Премиерот Алексис Ципрас минатиот викенд објавувајќи го референдумот рече дека Грците мора да ја земат судбината во своите раце и да испратат звучна демократска порака на европската и светската заедница, што очигледно наиде на согласност кај жителите на презадолжената земја, којашто веќе неколкупати во својата историја банкротирала, изморени од строгите мерки за штедење по годините лагоден живот. Иако, анкетите пред референдумот покажуваа речиси изедначеност во поддршката за двете опции, на гласањето уверливо Грците се одлучија за „охи“ (не).
Во мноштвото изјави за медиумите дадени во триумфалистичка атмосфера во Атина, помошникот на грчкиот министер за меѓународни односи и координатор на преговорите со доверителите, Евклидос Цакалотос изјави во неделата навечер дека Атина ќе се врати на преговорите и ќе „преговара за реформитте, долгот и планот за зголемување на економскиот раст“.
„Спротивната страна сега знае дека нема да потпишеме каков и да е договор (…). Од вечерва сме подготвени да разговараме“, порача Цакалотос.
Портпаролот на владата Габриел Сакеларидис за телевизијата ANT1, пак, изјави дека од неделата навечер премиерот Ципрас „ќе ги интензивира иницијативите за постигнување договор“ со меѓународните кредитори, со кои пет месеци беше преговарано без ефект.
Исто така, објасни дека централната национална банка уште ноќта во неделата упатила барања до Европската централна банка, верувајќи дека има цврсти аргументи за зголемување на плафонот за итна помош за ликвидност на грчките банки (ELA) кои веќе една седмица не работата, а според најавите нема да отворат сé додека не биде постигнат договор и поради масовното повлекување на средствата на штедачите изминатите седмици, наскоро може да останат без пари.
По референдумот, Европската централна банка, на којашто Атина на 20-ти јули треба да ѝ плати 3,6 милијарди евра од долгот, и којашто последните денови ги држеше грчките банки во вештачка кома, повеќе од кога и да е претходно одлучува за нивното опстојување, целата грчка економија и за натамошната судбина на Грција во европската монетарна унија,.
Советот на гувернерите на ЕЦБ, како што тврди гувернерот на Австриската народна банка, Невалд Новотни, ќе се сретне во понеделник. Без оглед дали ќе биде постигнат договор меѓу доверителите и Атина, ЕЦБ „нема основа за продолжување на испраќањето помош за Грција“, коментираше за агенцијата APА, економистот Холгер Шмидинг.
Веднаш по објавувањето на прелиминарните резултати од грчкиот референдум на меѓународните валутни пазари еврото падна во однос на американскиот долар за повеќе од 1,5 отсто, на 1,09868 долари. Финансиските аналитичари за понеделник најавуваат бурен ден на светските берзи./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поради бурата „Бајрон“, училиштата во Атика и Родос утре ќе бидат затворени
Поради бурата „Бајрон“, која ги погоди источните и јужните делови на Грција, сите училишта во регионот Атика, како и на островот Родос, утре нема да работат, објавија денес грчките власти.
„Безбедноста на нашите деца е приоритет за кој не може да се преговара.
Одлучуваме врз основа на научни податоци и не преземаме никакви ризици“, изјави регионалниот гувернер на Атика, Никос Хардалијас, пренесува Катимерини.
Тој рече дека одлуката за затворање на сите јавни и приватни, основни и средни училишта е донесена по консултација со цивилната заштита и Министерството за образование.
Поради одлуката на градоначалникот на Родос, Александрос Колијадис, училиштата утре нема да бидат отворени на тој остров.
Во областа источен Мани и општина Евротас, издадени се предупредувања поради лизгање на земјиштето и обилни врнежи од дожд, пренесува Танјуг.
Додека на делот од националниот пат Спарта – Гитео, сообраќајот е целосно во прекин, откако патот е поплавен на повеќе места, а сообраќајот е привремено пренасочен преку заобиколни патишта.
Фото: ЕПА
Регион
Вучиќ: Нѐ очекува најдобрата година во историјата на Србија
Александар Вучиќ се обрати до јавноста и рече дека верува оти следната година ќе биде најдобра за Србија, како и дека „сè додека е тој на чело на земјата, речиси и да нема шанси да има воени конфликти“.
Во Националниот дневник, Вучиќ зборуваше за итните прашања, предизвици со кои се соочува Србија и можните решенија.
– Имам две мали, не се толку мали, но не се најзначајни, релативно добри вести за граѓаните на Србија. Лукоил доби продолжување на лиценцата до 26 април, што значи дека 112 пумпи во Србија, од кои 11 се во Белград, останатите се во други делови на Србија, ќе можат да функционираат со нафтени деривати увезени од странство, а не само од НИС. Другата вест е дека Србија нема да има проблеми со гасот, ние нема да имаме проблеми со гасот до летото, а тоа е добра вест за граѓаните.
– Тие очекуваат нашите банки целосно да ги следат и одржуваат трансакциите за плаќање, кои веќе ги држиме на сопствен ризик 55 дена и, како што реков, ќе ги држиме уште некое време.
– Американската логика е да го однесат своето до крај, без оглед на цената што ќе ја плати Србија, а руската логика е исто така да го однесат своето до крај.
Енергетска безбедност
– Ќе има безброј проблеми. Дали знаете кој прв ја прекина соработката со НИС кога беа воведени санкциите? Руската компанија Лукоил. Тие беа првите што ја прекинаа соработката со НИС и кинеската компанија. Но, добро, ние постојано разговараме со сите, и со едниот и со другиот.
– Со полесни или потешки решенија, Србија ќе мора да има целосна енергетска безбедност. Тука нема филозофија, затоа се обидуваме, се бориме и работиме. Чекаме да видиме, се надеваме дека ќе го финализираат тој договор со некои од потенцијалните купувачи.
Државата е секогаш виновна
– Горд сум на Србија. Во нашата земја, средното име за секоја пцовка е секогаш земјата, не сметајќи го она „Вучиќ“. Бидејќи секогаш е виновна државата, без разлика колку ни помага, обезбедува бесплатен или најевтин транспорт, сè што можете само да сонувате во други земји. 55 дена, ниту една капка нафта не стигна до нас преку цевководот. Горд сум на Србија. Кога сето тоа ќе се случи и сè уште немате никакви проблеми, бидејќи зборував за 1.000 технички проблеми, тогаш морам да бидам горд на мојата земја. Немаме проблеми со резервите, плативме сè, стотици милиони евра некој мораше да плати.
– Во најтешки услови, успеавме да ја намалиме инфлацијата, драматично да ги зголемиме пензиите, веќе од 1 декември, и сето тоа го направивме. Горд сум на земјата. Имаме многу проблеми, знам колку повеќе можам да работам, но ете.
Србија може да издржи до 15 март
– Им реков на граѓаните „Знам дека можеме да издржиме до 15 март“. Сигурен сум дека Русите ќе се договорат, бидејќи ми се чини дека би било нормално тие да ја разберат позицијата на Србија, ние не се придруживме на казнените мерки на никаков начин, ние сме единствените што не се придруживме. Очекуваме да го сторат тоа. Ако мислите дека можеме да живееме без нафта, тоа е невозможно.
– Морам да се однесувам одговорно кон сите во светот, но она за што луѓето не треба да се грижат, што ќе се случи е дека ако Србија има доволно нафта, бензин, дизел, керозин, мазут, доволно од сè, тоа сигурно ќе биде случај. Ние добиваме нафта од Медитеранот, но мора да знаете многу, државата не е играчка, мора да се справите со секој детаљ за да им ја кажете вистината на луѓето. Нашиот раст ќе забави и ќе има малку помали зголемувања на пензиите и платите ако не го решиме ова брзо, затоа рековме 15 март. Луѓето знаат дека никогаш не сум ги излажал и лажел. Верувам дека следната година ќе биде најдобрата година во нашата историја, што се однесува до промената на лицето на Србија, верувам дека ќе биде најдобрата во нашата историја. Но, мора да работиме напорно и да се бориме, ќе има многу тешки одлуки што ќе треба да ги донесеме, вели Вучиќ, според српските медиуми.
Фото: ЕПА
Регион
Полицаец избоден во Сплит, приведен 18-годишник со психички проблеми
Полицаец е тешко повреден синоќа во Сплит, во период во којшто не бил на должност. Како што соопшти полицијата во Хрватска, нападот се случил околу 22:45 часот, а полицаецот, кој бил во цивилна облека, бил повреден од остар предмет. Околу 23:15 часот, тој бил пренесен во КБЦ Сплит, каде што му била укажана лекарска помош, пренесе „Индекс“.
Имено, тој претрпел повеќекратни убодни рани и тешки повреди на неколку органски системи, а извршена е и обемна медицинска помош. Неговиот живот е во опасност.
Како што неофицијално дознава Индекс, 18-годишен млад човек со сериозни ментални проблеми моментално е под полициски надзор. Една од теориите што ги имаат истражителите е дека тој го избрал полицаецот како жртва сосема случајно.
Полицијата испрати порака за поддршка до повредениот колега и неговото семејство.
„Се надеваме дека нашиот колега, со помош на докторите, ќе се опорави, мислиме на него, стоиме покрај него и неговото семејство во овие тешки моменти“, рекоа тие.
На местото на нападот е спроведена истрага.

