Македонија
(Видео) Поповска: Непријатно сме изненадени од блокадата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за измените во Изборниот законик

Пратеничката од ДОМ, Лилјана Поповска, рече дека јавната расправа на 25 декември за измените на Изборниот законик за една изборна единица е шанса за ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ да дојдат на дебата, да ги соочат аргументите и да покажат политичка волја за поддршка на законите.
Таа додаде дека очекува од двете партии, иако имале неуспешни преговори и биле изигнорнирани, овој пат да бидат доблесни и да дојдат на соочување на аргументите.
„Свесни сме дека се работи за блокада и не го очекувавме ова. Непријатно сме изненадени за ваквата блокада која не е на наша штета туку на штета на граѓаните. Ние сме ветиле на граѓаните и стоиме на ставот дека измените на изборниот законик треба да бидат донесени. Затоа додека се преведуваат амандманите еве можност колегите од двете поголеми политички партии да дојдат на дебата и аргументирано да ги надминеме недоразбирањата. Ова не е обврска политичка, туку кон граѓаните, затоа што тие бараа наместо шест да има една изборна единица и сметам дека колегите пратеници треба да го имаат тоа предвид“, рече Поповска.
Пратеникот Самка Ибраимовски, еден од 17 пратеници кои застанаа зад иницијативата за една изборна единица, порача ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ги повлечат амандманите и директно да се оди на расправа за измените.
„Се вели дека ако се сака сè се може. Но очигледно овде не постои желба кај двете партии. Ние сме 15 проценти од вкупниот број пратеници и нашето барање е легитимно. Затоа бараме да најдат начин и да ги повлечат амандманите“, рече Ибраимовски.
Законите за една изборна единица и отворени листи се закочени во собраниска процедура откако ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ поднесоа повеќе од 6.000 амандмани. Комисијата за политички систем не ја почна расправата бидејќи најголем дел од амандманите не се преведени од албански на македонски јазик. Додека се создадат услови за амандманска расправа, во меѓувреме ќе следи јавна расправа на 25 декември која ја организираат 17 пратеници иницијатори на законите и очекуваат да се најде консензуално решение да се донесат законите пред изборите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поништена јавната набавка за 120 електрични eко автобуси

Министерството за транспорт ја поништи јавната набавка за избор на понудувач за набавка на 120 електрични еколошки автобуси за јавен превоз и станици за полнење.
Оттука информираа дека на јавниот повик кој беше објавен 17 јуни со краен рок за достување на понудите 24 јули 2025 година, само една компанија доставила понуда.
„По извршената евалуација, Комисијата надлежна за спроведување на јавната набаака, утврди дека компанијата не ги исполнува критериумите согласно објавениот јавен повик“, се наведува.
Министерството за транспорт во следниот период ќе направи дополнителни анализи околу набавката на електрични еколошки автобуси и ќе ја информира јавноста.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го оцени како ефикасно справувањето со пожарите во Македонија, во споредба со земјите од регионот

ВМРО-ДПМНЕ оценува дека институциите под водство на оваа Влада успешно реагираат на пожарите кои ги зафатија повеќе подрачја во Македонија, посочувајќи дека нашата држава покажува ефикасно справување.
Вчера во Македонија беа регистрирани 20 пожари на отворен простор, од кои десет се активни, пет се ставени под контрола, а пет се целосно изгаснати. За разлика од останатите држави во регионот, заклучува партијата, кај нас нема евакуирани и раселени лица, ниту човечки жртви, а причинетата штета е ограничена само на шумски површини.
„Ова не е резултат на среќа, туку на брза, организирана и професионална интервенција на сите надлежни служби“ се наведува во соопштението на партијата.
Во Турција, над 3.500 граѓани се евакуирани, а загинаа 17 лица, од кои дури 13 пожарникари. Огнот зафати и градски области, предизвикувајќи уништување на куќи и инфраструктура.
Во Албанија, каде што активни се 45 пожари, евакуирани се над 2.000 луѓе, изгореа над 20 куќи, а целосно се испразнети села. Огнените стихии во Грција зафатија станбени квартови и предизвикаа огромни штети, додека илјадници граѓани беа евакуирани. Апокалиптични сцени има и во Бугарија, каде што се регистрирани над 240 активни пожари и е причинета значителна материјална штета.
Македонија
Променливо облачно време повремено со пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде променливо облачно и посвежо, претпладне со повремено пороен локален дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Ќе дува слаб до умерен западен, а долж Повардарието северен ветер, кој попладне наместа ќе засилува. Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 35 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во претпладневните часови со повремен пороен дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, попладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер.
Максималната температура ќе достигне до 33 степени.