Европа
Рим ја доби првата градоначалничка, M5S победи и во Торино

Вирџинија Раџи, кандидатка на Движењето пет ѕвезди (M5S), кое го предводи познатиот италијански блогер и сатиричар Бепе Грило, избрана е за првата жена градоначалник на главниот град Рим, нанесувајќи ѝ тежок удар на Демократската партија (PD), од левиот центар, на премиерот Матео Ренци, покажуваат прелиминарните резултати објавени во понеделникот.
Според податоците што ги објави министерството за внатрешни работи, по преброените 99,8 отсто од избирачкиот материјал во Рим, кандидатката на М5Ѕ добила 67,2 отсто од гласовите, а нејзиниот противкандидат од Демократската партија Роберто Џакети освоил 32,8 отсто, и веднаш го призна поразот.
Во кусото обраќање 37-годишната Раџи ја поздрави одлуката како „историски момент“ за Рим, бидејќи жена првпат е избрана на местото градоначалник на Вечниот град. Оваа мајка на малолетен син, која зборува и англиски, француски и шпански јазик, дипломирала на римскиот универзитет Roma Tre, а од 2006 година работи како адвокат. Од март 2011 година се вклучува во движењето M5S, а две години подоцна беше избрана во градскиот совет на Рим, каде се занимаваше со прашањата на образованието и екологијата.
„Новата ера започнува со нас. Ќе работиме за да ја вратиме законитоста и транспарентноста во градските институции“, порача Раџи.
Во Италија во неделата се одржа вториот круг од локалните избори во 126 општини во коишто на избирачките места гласаа речиси 9 милиони Италијанци, а Движењето пет ѕвезди победи на изборите во Торино, додека Милано и Болоња се утеха за премиерот Матео Ренци, бидејќи во овие два града Демократската партија успеа да се одржи на власт. Во Неапол, според очекувањата, градоначалник стана независниот градоначалник Луиџи де Маџистрис.
Поразот на Демократската партија во Торино, кое е традиционален бастион на левиот центар, претставува најголем шок за Ренци. Таму, ветеранот со големо влијание во партијата, поранешен министер и кој последните пет години го водеше градот Пјеро Фасино, со голема разлика (54,5 наспроти 45,4 отсто од гласовите) го победи младата 31-годишна кандидатка на M5S, Кјара Апендино.
Ренци соопшти дека нема да се повлече, без оглед на неделните резултати. Тој веќе со седмици се обидуваше да ја минимизира важноста на овие избори, повторувајќи дека „мајката на сите политички битки“ ќе се одржи на референдумот за неговата уставна реформа планиран за октомври. Ренци вети дека ќе поднесе оставка, доколку реформите не минат на референдумот.
Поразот на премиерот во Рим и во Торино укажува на тоа дека би можел да има тешкотии да ја привлече нацијата зад себе, а опозициските партии се подготвуваат да ја отфрлат неговата уставна реформа, за која Ренци тврди дека ќе ја врати стабилноста во Италија.
Движењето пет ѕвезди, основано од сатиричарот Бепе Грило пред седум години, досега владееше само во неколку средни градови. Според коментаторите, неговите успеси во метрополите, како Рим и Торино, и солидните поддршки за кандидатите во другите големи градови во кои се гласаше во неделата, укажуваат дека М5Ѕ има добри шанси на националните избори во 2018 година./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин