Сцена
Владо Јанeвски одржа концерт во Торонто
Една од најголемите македонски музички ѕвезди на денешницата, Владо Јаневски на 25-ти септември одржа извонреден солистички концерт во The Opera House во Торонто.
Придружуван од беспрекорните професионалци Беџо Синаносвки, Невен Ѓокиќ и Павел Ренџов, Јаневски го понуди најдоброто од својот музички опус, а хитовите се редеа еден по друг, на кои носталгичните Македонци не можеа да останат рамнодушни.
Околу 300 грла пееја во хор заедно со Владо кој од прекрасната сцена во The Opera House во Торонто се обиде и успеа да ги врати емоциите и спомените на изминатите години. Организатор на концертот беше D&S Production со Сашо Дилев, Надица Дилев и Даниела Шојлева кои вложија максимални напори во соработка со своите бројни спонзори од македонската заедница во Канада да организираат настан за паметење.
Интересот за гостувањето на Владо Јаневски во Торонто беше огромен, така што
освен домашната публика од Торонто и околината по повод овој несекојдневен настан допатуваа и почитувачи од Виндзор и Монтреал, како и од Детроит и Рочестер од Соединетите Американски Држави.
„Ние сме емотивен народ, што сме подалеку од дома се она што има врска со Македонија добива друга тежина и ни прави некоја слатка тага. Некои песни уште подлабоко допираат кога се пеат на другата страна на светот, како што сум забележал на примерот на “Само дома си е дома”, “Ова е наше Скопје” и нормално “Црно тиквешко”. Таков сме народ, тагата кога е проткаена низ песна полесно се голта и копнежот за дома полесно го поднесуваме,“ изјави Владо Јаневски за весникот „Македонија“ од Торонто во пресрет на своето гостување.
Јаневски и порано гостувал на северно-американскиот континент, но токму овој концерт пополни многу голема музичка празнина и потреба од солиден звук, песна и стихови по мерка на музичките сладокусци.
„Време е да и се реваншираме на публиката со некој нов сингл или два до крајот на годинава. Се сомневам дека во догледно време ќе снимам цел албум, но неколку песни годишно би биле доволно-изјави Јаневски за весникот Македонија. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Соопштени наградите на МТФ Денови на комедија Куманово 2023
Жирито на 26 МТФ Денови на комедија 2023 Куманово во состав на претседателка Магдалена Ризова Черних и членови: Драгана Гунин, Кети Пауновска Стевковска, Петар Андоновски и Стефан Јакимовски ги донесе следниве одлуки за награди на Фестивалот:
- Најдобра претстава „Чекајќи го лекарот“ Театар Лесковац, Србија;
- Најдобра режија Дамјан Тенев „Седумте стола“ Театар Ловеч, Бугарија;
- Најдобра актерка Наталија Теодосиева „Илуминати“ Театар комедија – Скопје;
- Најдобар актер Александар Степанулески „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје;
- Најдобра споредна улога Бранко Атанасов „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје;
- Најдобра сценографија Радостина Тодорова „Седумте стола“ Театар Ловеч, Бугарија;
- Најдобра костимографија Раде Василев и Елена Вангеловска „Кафез кај кокони“ Драмски театар – Скопје
Култура
Претставата „Народен непријател“ гостува на два меѓународни фестивала во Црна Гора
Македонскиот народен театар во јули со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ, ќе гостува на два меѓународни фестивала во Република Црна Гора.
Од 5 јули до 22 август ќе се одржи XXXVII фестивал „Град театар“ во Будва, кој оваа година е со слоганот „Сила, храброст и глупост“. Во текот на 49-те фестивалски дена на овој престижен собир на уметности ќе настапат околу 620 учесници во драмската, литературната, музичката и визуелната уметност, а нашата претстава ќе биде изведена на 16 јули во 21 часот.
Програмата е конципирана на повеќе локации: на сцената меѓу црквите, во црквата „Санта Марија“, Плоштадот на поетите, улиците на Стариот град, на платото пред хотелот „Авала“ и во амфитеатарот на манастирот „Стањевиќи“.
Второто гостување ќе се биде на XVIII меѓународен театарски фестивал „Пургаторије“ – Тиват, а покрај скопската претстава, чија изведба е закажана на 18 јули на летната сцена со почеток во 21.30 часот, во натпреварувачката програма ќе учествуваат уште 8 (осум) претстави од Белград, Загреб, Нови Сад, Подгорица, Тиват и од Сплит.
„Народен непријател“, во која играат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска/Лана Грпчевски, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски/Григор Јовановски, Нино Леви и Мартин Ѓоргоски, совршено кореспондира со кризата со која повторно се соочува нашето општество. Доктор Стокман е ангажиран маж, но е и идеалист, кој верува дека промената е можна и дека е неопходна итна жртва колку и да е тоа болно, а Ибзен е вешт и ги покажува механизмите како поединецот да зборува за системската неправда и автоматски се карактеризира како предавнички.
ПР
Култура
МНТ со „Нема да биде крај на светот“ гостува во Италија
Копродукциската претстава „Нема да биде крај на светот“ на Македонскиот народен театар, Перипетија продукција – Скопје и Сараевскиот воен театар САРТР – Сараево, ќе учествува на италијанскиот фестивал „Монте Сакро“ во Фоџа.
Фестивалот „Монте Сакро“ (Monte Sacro) потекнува од Апулија во областа Гаргано, а се одржува во спомен на младиот прерано починат писател Матео Латино. Фестивалот е во режија на композиторот Артуро Анекино и има цел да ги вкрсти различните јазици на уметноста.
Фестивалот на музика, танц и театар – „Монте Сакро“, ја препозна режисерската и естетската актерска игра на Дарја Ризова, Саша Ханџиќ и Џана Џаниќ, која пред италијанската публика ќе се одигра на 25 јуни.
„Нема да биде крај на светот“ од својата премиера до денес е една од најнаградуваните претстави, а до сега доби повеќе од 10 (десет) награди.