Македонија
Над 10 илјади деца во 40 градови и населени места ќе чекорат во Бадниковите поворки
Под мотото БАДНИК ЗА СИТЕ! – РАДОСТ ЗА СИТЕ!, денеска, ден Бадник, во 40 градови и населени места во Македонија, над 10 илјади деца, ќе земат учество во Бадниковите поворки кои што оваа година бележат 10 години од возобновувањето на оваа древна православна традиција.
За Бадниковите поворки во Скопје, денот ќе започне во раните утрински часови со поставување на најголемото бадниково колаче во дворот на Соборниот храм, како подвиг на двајца пекари Горан Петковски и Зорица Трајковска, кои ја прифатија поканата на Здружението Бадникови поворки, да дадат свој придонес кон празнувањето и да го овековечат рецептот за подготовка на традиционално бадниково колаче какво што се правело отсекогаш. Колачето кое го симболизира бебенцето Исус, е високо 3 метри, а тешко над 100 кг. Поднесена е апликација до Гинис од каде се очекуваат инструкции за следната година Македонија да има БАДНИК ЗА ГИНИС во сите сегменти од традиционалното православно празнување. Инаку, за сите посетители кои ќе дојдат да го видат најголемото бадниково колаче, тимот пекари има подготвено околу 5000 бадникови колачиња кои ќе бидат поделени меѓу народот.
Активностите на Бадниковите поворки во Скопје уште во раните утрински часови, опфаќаат и посета на Домот за стари лица каде што група дечиња во придружба на старите бадникари, ќе ги израдуваат лицата сместени во домот. Освен што ќе им ја отпеат коледарската песна „Вечниот Бог“, имаат подготвено и други изненадувања за нив.
За тоа време, деца од Бадниковата поворка во Охрид, ќе го посетат Претседателот Стево Пендаровски кој заедно со своето семејство, празниците ги поминува токму во Охрид. Оваа веќе востановена традиција да се коледарува кај Таткото на државата, за прв пат ќе ја доживее семејството Пендаровски кое како и секое друго семејство, со голема радост се подготвува да ги дочека коледарчињата и да го прослави големиот христијански празник Божик.
Освен во Скопје и Охрид, со многу пригодни активности се ангажирани и Бадниковите поворки во останатите 38 градови и населени места : Битола, Охрид, Струга, Кичево, Прилеп, Дебар, Велес, Штип, Крушево, Куманово, Струмица, Богданци, Виница, Ростуше, Луково, Велгошти, Кривогаштани, Гевгелија, Валандово, Свети Николе, Тетово, Гостивар, Ресен, Могила, Демир Капија, Кавадарци, Пробиштип, Радовиш, Неготино, Кочани, Делчево, Македонска каменица, Дојран, Вратница, Брвеница, Старо село, Беловиште, Рогачево и Теарце, каде распеаните коледарчиња ќе сеат љубови и радост и ќе го најавуваат Христовото Раѓање.
Очекувано, најголем број, од околу 3000 коледарчиња се очекуваат низ улиците на Скопје, а на ниво на Македонија повеќе од 10 000 деца ќе чекорат во Бадниковите поворки.
Што се однесува до централната манифестација во Скопје,стартува во 10:30 часот пред црквата Св.Димитриј” каде што семејствата со деца, најпрво ќе дојдат да подигнат бесплатни ѕвездички за децата, а потоа и да учествуваат во формирањето на најголемата Бадникова поворка предводена од Елена Ристеска, Влатко Лозаноски, Димитар Андоновски, Стефан (Некст тајм), Давид Темелков и Златните славејчиња.
Во 11:15 часот, поворката предводена од македонските музички ѕвезди, ќе се упати кон Соборниот храм каде што ќе се случи и најавеното обединување на Старите скопски бадникари со Бадниковите поворки. По тој повод,ќе бидат доделени признанија и подароци на бадникарите со најдолг стаж, а во рамките на божикниот концерт што го подготвуваат нашите музички ѕвезди, ќе биде промовирана и најново возобновената божикна песна “Христос се роди денес” во интерпретација на Вера Милошевска – Љубојна и традицискиот оддел при ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”.
Со доделување пакетчиња на сите деца и покана до сите семејства, побожно во мир, љубов и со добра волја да ги прослават божикните празници, ќе биде заокружено овогодинешното чествување на Празникот на Христовото Раѓање.
Информација за медиумите: Изјави од пејачите Елена Ристеска, Влатко Лозаноски, Димитар Андоновски, Стефан (Некст тајм) и Давид Темелков ќе можете да земете од 10:45 до 11:10 ч. пред Свети Димитриј.
Изјави од Вера Милошевска како интерпретатор на најново возобновената божикна песна „Христос се роди денес“ и Виолета Томовска како добитник на пригоден подарок Божикна пештера за долгогодишен придонес во традиционалното одбележување на Бадник, ќе можете да земете во периодот од 11:15 до 11:30 часот кај бината во Соборен храм.
Таму крај најголемото бадниково колаче во Соборен храм, достапни за изјава ќе бидат и пекарите Горан Петковски и Зорица Трајковска .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.
Македонија
Муцунски-Грлиќ Радман: изразена подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна работна посета на Република Северна Македонија.
На средбата беше изразено заемно задоволство од традиционално пријателските билатерални односи, придружени со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка што двете земји ја негуваат во сите сфери од заемен интерес во изминатите 34 години.
Во насока на понатамошно продлабочување на позитивниот тренд во односите, беше нагласен заемниот интерес за продолжување на политичкиот дијалог и соработката на највисоко ниво, со посебен акцент на унапредување на економската соработка, продлабочување на трговската размена, како и проширување на соработката во областа на енергетиката, здравството, културата и туризмот.
Министерот Муцунски ја реафирмираше благодарноста за континуираната хрватска поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и за ставот дека процесот на проширување на Европската Унија треба да продолжи со засилена динамика. Беше изразена и подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во Европската Унија.
Соговорниците се согласија дека зајакнатата координација како земји членки на НАТО претставува врвен надворешнополитички приоритет, како ефикасен механизам за усогласување на ставовите и зголемување на придонесот кон регионалната и евроатланската безбедност. Беше потврдена заедничката посветеност на вредностите и принципите на Алијансата.
Средбата беше искористена и за размена на мислења за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за внатрешно-политичките и економските состојби во двете земји.
Посетата на министерот Грлиќ Радман претставува значаен чекор кон понатамошно унапредување на билатералните односи и отвора нова фаза на соработка, која ќе биде заокружена со потпишување на меѓувладин Договор за стратешка соработка, заснован на европските вредности, заемната доверба и почитување.

