Црна хроника
Љубе Бошкоски треба да даде исказ пред судот
Поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски во четврток пред судот треба да даде исказ за случајот „Ровер“, односно за помагањето во убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев.
Судскиот процес почна во вторникот, но Бошкоски рече дека не е подготвен да даде исказ бидејќи немал примено терапија, не ја подготвиле одбраната со својот адвокат и додаде дека се плаши од вооружените „алфи“ кои ја чуваа обвинителката.
Првото рочиште за овој процес започна бурно, со расправии меѓу Бошкоски и обвинителката.
За овој случај обвинети се 15 лица, но првите четворица, кои се наведени како извршители и еден од нив организатор, Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ се во бегство и се недостапни за органите на прогонот.
Бошкоски се товари дека како министер за внатрешни работи во тоа време му дозволил на сега веќе починатиот Орце Коруновски да нарача убиство за Тушевски.
Марјан Тушевски и Кире Јанев беа убиени на 10-ти јули 2001 година. кога излегувале од кафулето „ЗУ“ во скопската населба Капиштец. Прво со 11 куршуми беше убиен Тушевски, а потоа напаѓачите пукале и кон Киро Јанев кој се обидувал да избега. За овој случај одговараат 15 лица, а четворица од нив се во бегство./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Откриен еден од убијците во Чашка, по вториот се трага – жртвата намамена, застрелана во глава и оставена покрај пат
Велешкото Обвинителство донесе Наредба за истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека бил соизвршител за убиство.
На 5 ноември, во местото викано Поројница, во близина на земјениот пат од Чашка кон селото Бусилци, осомничениот заедно со уште едно лице кое се уште не е идентификувано, го убиле велешанецот Ѓело Ѓошев.
Најпрво осомничениот го намамил и со својот автомобил го однел оштетениот на локацијата. Потоа заедно со другото лице пукале во него со огнено оружје, нанесувајќи му прострелна рана во черепот од која жртвата починала.
Осомничениот претходно бил сторител на кривично дело разбојништво, а според дел од доказите кои веќе се обезбедени, по убиството во Чашка се обидел да ги прикрие трагите и со тоа да влијае на постапката.
Од тие причини, за јавниот обвинител јасни се опасноста од бегство, можноста за влијание на сведоците и ризикот да го повтори делото, па достави предлог за определување мерка притвор.
По наредби на јавниот обвинител МВР интензивно работи на откривање и на другиот соизвршител, како и на точните мотиви за убиството.
Црна хроника
Повеќе сообраќајни незгоди во државата – пијан велосипедист и тинејџер со мотор меѓу повредените
Во текот на 5 ноември биле регистрирани повеќе сообраќајни несреќи низ земјата, во кои четворица учесници се здобиле со тешки телесни повреди, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Во Скопје, на обиколницата кај клучката Хиподром, автомобил „Фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управуван од 78-годишниот Б.В., излетал од коловозот. Возачот е пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде му биле констатирани тешки повреди.
Во село Радање, општина Карбинци, 22-годишен велосипедист изгубил контрола и паднал на коловозот, при што се здобил со тешки повреди и бил пренесен во штипската Клиничка болница. Истиот ден, во село Бучим кај Радовиш, 13-годишен малолетник управувајќи мотоцикл „Хамачи“ паднал и исто така се здобил со тешки телесни повреди.
Тешка несреќа се случила и во Гевгелија, на улицата „Моински пат“, каде што автомобил „Ленд Ровер“ удрил во велосипедист. Повреден е 51-годишен жител на Гевгелија, кај кого, по извршени проверки, било утврдено присуство на 1,94 промили алкохол во крвта.
Во сите случаи полициски екипи извршиле увид, а се преземаат мерки за целосно расчистување на околностите на сообраќајките.
Црна хроника
Насилство во две основни училишта во Скопје
Во текот на изминатите денови во Скопје биле пријавени два одделни инцидента во училишта, информира Министерството за внатрешни работи.
На 3 ноември, околу 8:40 часот, во основно училиште во општина Карпош, малолетно дете било физички нападнато од друг ученик. Настанот бил пријавен два дена подоцна, на 5 ноември, од страна на мајката на ученикот.
Исто така, на 4 ноември, околу 12:20 часот, во училишен двор во населбата Драчево бил нарушен јавниот ред и мир поради физичка пресметка меѓу три ученици – двајца од едната и еден од другата страна.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на двата случаи.

