Свет
ММФ предупредува на потенцијални ризици за глобалната економија

Остриот раст на каматните стапки ширум светот во комбинација со забавениот раст во економиите во развој би можеле во наредните пет години да ја снижат стапката на раст на глобалната економија за дури два отстотни поени, предупредија од Меѓународниот монетарен фонд.
Во извештајот во кој се анализира на кој начин националните политики на одделни држави би можеле да придонесат во поткопувањето на светската економија, ММФ исто така предупредува дека судирот помеѓу Русија и Украина би можел да го погоди остатокот од регионот, доколку санкциите против Русија ескалираат и ја зафатат испораката на гас кон Европа и ги ослабнат европските банки.
Тоа би можело да предизвика натамошни превирања на финансиските пазари, наспроти мирната ситуација на пазарите во последно време, се наведува во извештајот на ММФ.
Како и во досегашните извештаи, ММФ наведува и дека заострувањето на монетарната политика во богатите држави би имало ограничен негативен ефект на останатите региони, доколку биде добро трансмитирано и поттикнато со подобри изгледи за раст.
Нивното влијание исто така би можело да биде придушено и ако дојде до зголемување на каматните стапки во САД и Велика Британија со паралелно продолжување на ублажувањето на монетарната политика во еврозоната и во Јапонија, иако тоа неусогласено заострување би можело да предизвика дополнителна глобална волатилност на валутните курсови.
ММФ во изминатите четири години го снижи проекциите за раст за пазарите во развој за вкупно два отстотни поени. Сега се очекува во наредните пет години нивниот раст да забави на пет отсто, наспроти просечната стапка на раст од седум отсто во периодот од 2003 до 2008 година.
„Со оглед на значителниот и се поголемиот придонес на пазарите во развој на глобалната економија во изминатите децении, нивното најново забавување би можело да има далекусежни последици“, предупредува ММФ во извештајот. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија додавајќи дека Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините за кои вели дека не може да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусира својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следуваат набргу“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следуваат набргу“, рече тој додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои многу голема шанса неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откога кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за приспособување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.
Економија
Скок на берзите по објавата на Трамп за стопирање на царините

Берзите силно растат по објавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, за стопирање на царините.
Брз поглед на тоа како некои клучни индекси на Волстрит пораснале:
Dow Jones порасна за 5,76 отсто
S&P 500 порасна за 6,46 отсто
Nasdaq порасна за 8,04 отсто
Од вчерашното затворање на пазарот, омпаниите од S&P 500 изгубија пазарна вредност од 5,8 трилиони долари од објавувањето на тарифите на Трамп минатата среда. Тоа е најдлабоката загуба од четири дена од основањето на индексот во 1950-тите, според податоците на „ЛСЕГ“.
Економија
Германија тврди дека трговската војна би била штетна и за САД

Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, предупреди на опасностите од трговската војна со Соединетите Американски Држави, а сега слично предупредување доаѓа и од Германија.
Германија, најголемата европска економија и трета по големина во светот според податоците на Светската банка, предупредува дека реципрочните тарифи ќе бидат штетни за сите инволвирани страни пред објавувањето на новите царини подоцна денеска од страна на Трамп.
„Трошоците за трговска војна не паѓаат само на едната страна, туку може да станат скапи за двете страни“, рече владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.
Тој додаде дека Берлин е „подготвен да преговара на европско ниво со Соединетите Американски Држави“ за да не биде вовлечен во трговска војна.
Германската економија е многу зависна од извозот, особено од возилата и автоделовите. Според податоците на германската влада, минатата година биле извезени приближно 3,4 милиони нови автомобили, од кои околу 13 проценти биле увезени во САД.