Македонија
Мицкоски: Aко нема избори на 12 април, државата ќе западне во нова политичка криза
Зоран Заев сака ги да избегне сите скандали и одговорност. Не е до законот за Jавното обвинителство, туку до анкетите за разнишаниот рејтинг, рече денеска на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој реагира на вчершната изјава на Заев дека ако опозицијата го минира законот за ЈО, Собранието нема да се распушти.
Мицкоски рече дека неговата партија не отстапува од договорот за избори и ќе поднесе иницијатива за распуштање на парламентот. Воедно, порача дека ако нема избори на 12 април, државата ќе западне во нова политичка криза.
„На овој начин сака да ги одложи изборите и да избегне одговорност. Сака еднострано да донесе закон наспроти забелешките на правните експерти. Законот го користи како изговор да избега од избори. Првин за шпанската ратификација, па за марихуаната, сега за Јавното обвинителство“, рече во своето обраќање Мицкоски, кој порача дека Македонија не смее да биде држава на суети и заложник на политичките интереси на власта.
Како што истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, не може да се обликува закон што ќе ги штити интересите на партиски челници.
„Не сме против носење на овој закон, но бараме да биде со консензус и во согласност со забелешките на правните ексерти. Еве, експертите нека изготват решение и ВМРО-ДПМНЕ безрезервно ќе го поддржи. Да се однесувсме зрело и одговорно. Предлагаме тим од експерти од областа на казнено и уставно право – Тупанчевски, Силјановска, Камбовски, Калајџиев, Каракамишева и Гордана Лазетиќ-Бужаровска. Да престснеме со притисоци во законодавниот дом, чуму ни се избори ако со притисок се боксуваат законите“, запраша Мицкоски додавајќи дека неговата патија ќе го прифати законското решение изготвено од експертите.
Но, тој порача и дека ваков каков што е сега предлогот за законот нема да добие поддршка од опозицијата.
„Ако решат со притисоци да го туркаат, со собирање мнозинство, тоа е туркање на законот со сила. Овој закон не нуди решенија, правен е за одредена група луѓе да избегнат одговорност. Но, ако го изготват експертите, еве, без да го гледаме законот што ќе го направат експертите, ние ќе го поддржиме“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски за Денот на наставата на турски јазик: Образованието на мајчин јазик е педагошка потреба
Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати честитка по повод Денот на наставата на турски јазик, посочувајќи дека овој ден нè потсетува дека образованието на мајчин јазик е педагошка потреба, но и длабока цивилизациска вредност и уставна определба.
-Преку јазикот се пренесуваат знаењето, културната меморија и чувството на припадност, а преку училиштето тие вредности се претвораат во заедничко богатство на државата, наведе Мицкоски.
Премиерот посочува дека наставата на турски јазик е дел од нашето историско и општествено наследство и придонесува кон градење образовен систем заснован на почит, еднаквост и меѓусебно разбирање.
-Како Влада, ја разбираме одговорноста да обезбедиме услови во кои секое дете ќе има пристап до квалитетно образование, без разлика на мајчиниот јазик. Инвестирањето во образованието и во наставата на мајчин јазик е инвестирање во довербата, во заедништвото и во иднината на државата. Честит Ден на наставата на турски јазик, додава премиерот во објава на Фејсбук.
Македонија
МВР апелира до возачите да внимаваат поради маглата
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска упати апел до сите учесници во сообраќајот крајно внимателно да ги управуваат своите возила во услови на намалена видливост, како и воопшто да не седнуваат зад воланот доколку консумирале алкохол на предновогодишни забави и семејни веселби.
Оттаму информираат дека на територијата на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје во периодот од 15 до 20 декември биле констатирани 53 сообраќајни несреќи и дека сообраќајните контроли на полицијата продолжуваат со несмален интензитет.„Апелираме и до учесниците во патниот сообраќај да бидат внимателни и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да поседуваат зимска опрема и да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да ги пријават во полициска станица или преку телефонските броеви 192 или 112“, велат од МВР.
Од Министерството се осврнуваат и на активностите што се преземаат против употребата на пиротехнички средства. Мерките, велат, се спроведуваат со засилена динамика, имајќи го предвид фактот дека употребата на овие опасни средства е карактеристична за периодот околу Нова година.
Целта, додаваат оттаму, е да се зголеми свеста кај младите, но и кај нивните родители, дека петардите не се играчки, туку опасни средства кои можат да нанесат ненадоместливи и трајни последици по здравјето.
Македонија
Кисела Вода со прочистувачи ќе го чисти воздухот во градинките
Во градинките на територијата на општина Кисела Вода се поставуваат прочистувачи за воздух. Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, ја посети градинката „Синоличка“ при ЈДГ „Весели цветови“, една од градинките каде што веќе се поставени прочистувачи.
Како што соопшти Општина Кисела Вода, при посетата, таа разговарала со вработените за значењето на оваа мерка, која директно придонесува за подобрување на условите за престој, како и за заштита на здравјето и благосостојбата на најмладите.
Покрај во градинките, прочистувачи за воздух се поставени и во спортската сала во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, како и во ПОУ „Кузман Јосифовски – Питу“.

-Оваа активност е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за создавање почиста и поздравa животна средина, особено во објектите каде што секојдневно престојуваат деца и млади. Општина Кисела Вода и претходно презеде низа конкретни чекори во оваа насока, посочуваат од Општината.
Оттаму додаваат дека прочистувачи за воздух биле поставени во сите училници во сите основни училишта на територијата на општината, како и во поголемите паркови, со цел да се подобрат условите за престој и секојдневно функционирање на граѓаните.
-Грижата за здравјето на нашите најмлади е еден од нашите највисоки приоритети. Со поставувањето на пречистувачи за воздух во градинките, училиштата и спортските објекти, создаваме поздрави услови за престој и развој на децата. Ова е дел од стрстегијата на Општина Кисела Вода за почиста животна средина и за подобар квалитет на живот за сите наши сограѓани, заложба од која нема да отстапиме, изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

