Македонија
(Видео) Граѓани протестираа пред „Усје“: Доста горите отпад, сакаме да дишеме

„Уа, катанец на ‘Усје’“, „Доста нè труете, сакаме да дишеме“, „До кога ќе горите гуми и отпад“, довикуваа и свиркаа граѓаните додека менаџерот на фабриката на денешниот протест се обиде да даде изјава и да објасни дека „Усје“ не е загадувачот на воздухот во Скопје. Револтираните граѓани што дојдоа на протестот пред фабриката прашуваа дали е точно дека тука во ноќните часови се гори сомнителен отпад, се крева црн чад и обвинија дека надлежните не преземаат никакви мерки.
„Не, нема ништо такво. Фабриката има филтри, има интегрирана дозвола. Во песокот нема олово и цинк, од каде ви се тие податоци. Дојдете и уверете се во кое време и да сакате, ќе видите дека „Усје“ не е причинителот за загадениот воздух во Скопје“, рече Борис Хрисафов, генерален директор на фабриката.
На денешниот протест активистите од Движењето за чист воздух го блокираа влезот пред цементарницата, како што велат, да го кренат гласот против корумпираните политики поради што не се носат закони во согласност со европските директиви. Во знак на револт пред фабриката оставија пехар, како што рекоа, за трујач на годината.
„Еве, му даваме рек од шест месеци или една година на ‘Усје’ да постави сензори што ќе ја покажуваат емисијата на штетни гасови. Нема да останеме на ова, пак ќе се собереме тука за да видиме како тие функционираат. Нема да дозволиме корупцијата и бизнис-интересите да бидат пред интересите на граѓаните“, изјави активистот Марјан Ненов.
Активистите бараат целосна забрана за каков било отпад додека не се усвојат функционални контролни механизми и директиви, поголема вклученост на граѓанскиот сектор во инспекциските надзори, како и акредитирање на лабораториите на Министерството за животна средина.
„Го повикуваме претседателот на државата како врховен командант да се справи со оваа војна бидејќи ние водиме битка за чист воздух и да изврши притисок врз политичарите што треба да создадат амбиент преку носење одлуки да имаме чиста животна средина. Да се инсталира интегриран мониторинг-систем во сите 150 фабрики, а не да ни доставуваат извешаи во табели. Ние не сме тие што тврдиме дека не се почитуваат прописите, европскиот ревизор забележува дека има пропусти“, додава Тони Никушевски од Движењето за чист воздух.
Од Движењето за чист воздух информираа дека нивните активности не запираат тука, најавија серија протести и пред другите индустриски објекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.