Македонија
Џолев: Судијата Туфегџиќ нема да им суди на организаторите на 27 април
Судијата Владимир Туфегџиќ е изземен од судечкиот совет за случајот против организаторите на 27 април, чие прво судење треба да биде идната недела. Ова го соопшти претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, на денешнот брифинг со новинарите. На негово место е судијката Дијана Груевска Илиевска.
Причината за изземање на судијата Туфегџиќ е бидејќи неговата ќерка, пратеничката Ивана Туфегџиќ е дел од настантие на 27 април, односно оштетена странка.
Обвинителството за организиран криминал и корупција ги гони ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски, како и бегалците Никола Бошковски и Никола Груевски, а првото рочиште е закажано на 21 февруари.
Предметот според АКМИС системот ќе го суди Илија Трпков. Застапник на обвинението е обвинителката Вилма Русковска.
Бегалецот Никола Бошковски на 27 април со возило „голф“, кое било сопственост на УБК, во непосредна близина на Градската болница донел автоматско оружје, пиштоли и панцирни елеци, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски го мобилизирале и координирале членството на ВМРО-ДПМНЕ, а експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, спречувал да се избере нов претседател на Собранието од новото парламентарно мнозинство. Ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски, бил задолжен да ги мобилизира членовите на патриотските здруженија, но и за издавање наредба да се извадат хард дисковите од Собранието, каде што биле складирани снимки од насилниот упад. Ова е само дел од обвинението што Обвинителството за организиран криминал го поднесе до Кривичниот суд, а со кое обвинети се Вељаноски, Јанакиески, Ристовски и Атанасовски дека плански и со насилство сакале да спречат примопредавање на власта.
Обвинителниот акт се темели на наредби за претрес во домови на обвинетите, одземени предмети, вештачење на мобилните телефони, фотографии и видеа, листинзи од мобилните оператори, кои покажуваат со кого разговарале обвинетите пред и за време на крвавите инциденти во Собранието и други докази.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа
Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Доколку се следат податоците од апликациите кои ја мерат загаденоста на воздухот, Скопје и утрово е град со многу висока загаденост. Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Најзагаден воздух утрово дишат жителите на населбата Илинден.
Министерството за животна средина алармираше дека е надминат прагот на алармирање. Загадувањето во Скопје е децениски проблем особено во зимскиот период и времетраењето на грејната сезона.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Ќе се менува проводник на далновод во Прилеп, градот неколку часа ќе биде без струја
Прилеп и приградските населби утре претпладне, од 6:30 до 11 часот, ќе останат без напојување со електрична енергија.
Како што информираат од АД МЕПСО, исклучувањето се врши поради планирани активности на електропреносната мрежа, кои опфаќаат демонтажа на старо проводно јаже од 110 киловлти за далноводот ТС Битола 1- ТС Прилеп 1 и монтажа на нов проводник. На замената ќе работат стручните екипи на АД МЕПСО.
Согласно со планираната динамика, работите ќе траат најмногу четири и пол часа, по што напојувањето со електрична енергија во Прилеп ќе биде повторно воспоставено.
Од АД „МЕПСО“ до корисниците апелираат за разбирање, имајќи предвид дека станува збор за планирани зафати од значење за сигурно и стабилно функционирање на електропреносниот систем.

